Договорите не се еднонасочна улица

Политичко-историски фељтон:
Чиј е Гоце Делчев (6)

На крајот од фељтонот да се обидеме да дојдеме до некои заклучоци.
Да претпоставиме дека на некое политичко ниво македонската страна, сепак, се согласила конечниот збор за прифатливоста или неприфатливоста на препораките од комисијата да го има бугарската страна. Во тој случај, јас не можам да знам како општата јавност, а особено стручната и научната, би го примила тоа, но знам за себе: крајно негативно. Тоа до толку, за мене, е негативен чин што овозможува бугарската, посилна страна, (преку премиерот), другата, послабата страна (во случајот, македонската), буквално, целосно да ја исклучи, и во поглед на донесувањето на крајната одлука во однос на разгледуваните прашања од комисијата. Ако таква согласност на политичко ниво не е постигната, тогаш за мене, уште попроблематичен станува фактот што бугарската страна сама си ја презема таа улога. Кога го велам ова, всушност, предвид го имам следниот текст од повеќепати цитираната изјава: „Кога ќе ми ја дадат папката со тоа што е договорено… тогаш ние (сами м.б.) во Бугарија ќе решиме што треба да се прави.“ По ова, има ли место да се зборува, макар и, за минимум уважување на другиот партнер во договорот (македонската страна). Но ако кон ова се додаде дека цитираниот исказ во изјавата „тогаш ние во Бугарија сами ќе решиме“, всушност, е поврзан, со очекуваниот предлог од комисијата за Делчев, тогаш моето крајно негативно примање, во поглед на едностраноста во одлучувањето, изразено погоре, станува и повеќе од тоа.

Второто прашање, што е и последно, поврзано со изјавата на бугарскиот премиер, се однесува на тоа каков би можел да биде крајниот резултат од работата на комисијата. Начелно зборувајќи, тој резултат би можел да биде како негативен така и позитивен. Во секој случај, тој (резултат) за македонската страна би бил негативен и штетен, ако бугарската од позиција на посилна страна во договорот, конечно, го наложи своето гледиште особено во однос на Гоце Делчев (а преку него и во однос на преостанатиот дел на илинденски револуционери). Тоа нејзино гледиште, повеќе или помалку, е познато. Но овде, за него, само, ќе придодадам дека тоа, во основа, е засновано на нејзиниот „крунски доказ“, а тој е дека етничката определба на Гоце Делчев е бугарска, па оттука натаму таква е и на целата негова илинденска генерација на револуционери. Меѓутоа, кога ги споменувам негативните и штетните последици за македонската страна од чинот на прифаќање на ова, во основа, крајно симплифицирано гледиште на бугарската страна, ни за миг не треба да се занемари и фактот дека тоа од своја страна би имало долгорочни, штетни и негативни последици и на вкупните односи помеѓу двете држави, народи и општества.

Ако, пак, страните во договорот, токму, за да се избегнат наведените штетни последици, (сфатени како осознаена свест), истите нив ги земаат како мотив повеќе да не се испушти моментот на дадената историска шанса, која не толку често доаѓа, тогаш и може да се очекува крајниот резултат на комисијата од негативен да се преобрази во позитивен. Меѓутоа, за да се случи ова и практично, не е доволно самото осознавање на штетните последици, туку е потребна и сериозна акција и насоченост од двете страни кон постигнување позитивен резултат од договарањето. Тоа практично значи усилба и двете страни од договорот да се издигнат на нивото на дадената историска шанса и со полна свест и одговорност да создадат доволно простор, но и време, членовите на комисијата сообразно на својата стручност и научна компетентност да понудат препораки, кои и без политичката моќ на која било од страните да можат да траат. Вака поставени работите, ниту сега ниту во иднина, повеќе не ќе имаат потреба од каква било изјава од политичките номенклатури на која било од страните. Само на тој начин може да се очекува вкупните односи поврзани со двете држави, општества и народи да се постават на здрави основи и истите тие постојано да се продлабочуваат и унапредуваат. Сегашните и идните генерации од двете земји, токму тоа го заслужуваат.

Овој текст најмалку има цел некого да повреди или да ги игнорира аргументите на другиот. Напротив, јас овде го изложив мојот пристап на разгледување историско-образовните прашања поврзани со заедничката и споделена историја од страна на комисијата. Исто така, само, ги изложив аргументите што мене ми беа познати за овие прашања. Друга цел сум немал. Затоа оставам другата страна (бугарската) да си ги изнесе своите аргументи, како што тоа треба да го направи и македонската. Но сакам да посочам дека договорот и односите меѓу двете држави не се еднонасочна улица по која предност ќе има посилниот. Оттука, верувам дека во една академска атмосфера и со смиреност на изложување на аргументите на двете страни од комисијата, како и со еднаква нивна меѓусебна почит и уважување, тие може да понудат препораки, кои би биле и стручно и научно поткрепени, и како такви да бидат прифатливи и од двете влади на договорот за пријателство и соработка.

При ова, потребно ќе биде бугарската страна во договорот, колку и да е тоа болно за неа, дефинитивно да ѝ овозможи на македонската да си го пишува својот дел од историја, во која ќе ги изложи своите видувања на историските процеси, притоа водејќи исклучително сметка за сѐ она што е заедничко во таа историја со бугарската страна. Нека ми биде дозволено последното да го дообјаснам. Имено, ако знаеме дека денешниот официјален бугарски став во однос на „македонското прашање“, изразен во Декларацијата на Народното собрание на НР Бугарија од 6 март 1990 година, се сведува на тоа дека „не постои македонска нација и македонски народ“… па во согласност со тоа и… „населението на СР Македонија е бугарско,“ тогаш со право може да се праша за што, всушност, членовите од двата дела на комисијата треба да расправаат. Ако одговорот би бил македонската страна да се придружи кон овој официјален став на Бугарија, тогаш непотребно би било какво и да е расправање за заемните делови од историите на двете држави и општества. Овој став, за време на одржувањето на Конференцијата за човековата димензија во Копенхаген (Данска), јуни 1990 година, бугарската делегација го има соопштено официјално. Кон ова може да се придодадат и искажувањата по разни поводи на поранешните бугарски претседатели: Петар Стојанов, Горѓи Прванов, Росен Плевнелиев, како и на актуелниот претседател Румен Радев, кои на еден или на друг начин се блиски до духот на цитираната декларација.

Тогаш што да се прави од тука натаму? Неоспорно дека со Бугарија имаме многу заедничко во историското минато, особено во периодот на преродбата, предилинденскиот и илинденскиот период (да не зборувам и за кирилометодиевскиот период), но историските процеси течеле како што течеле, и на крајот на краиштата се дошло до тоа прво Бугарија, уште 1878 година, да се стекне со својата независност, а Македонија да се конституира како држава на 2 август 1944 година. Тоа е реалност што суштествува до денешен ден. Оттука, колку на Бугарија и на бугарскиот народ да им ги топли срцата и душите идејата за голема Бугарија, проектирана уште, од отец Пајсиј Хиландарски (1722-1798): Бугарија од Дунав до отаде Охрид и од Црно Море, до реката Морава, и во која, покрај Трново и Охрид, како древни световни и црковни престоли, на југ, во нејзини граници се најдат, уште, и Битола, Меглен, Бер, Скопје, Штип и градот Солун, сепак таа се покажала за нереална. Ист е случајот и со Санстефанска Бугарија (со вклученост во неа скоро на целосна географска Македонија). Овие две идеи, колку и да примамливи, сепак историјата покажа дека се нереални.

Но независно од тоа, цената што за нив ја плати Бугарија е преголема (изгубени две Балкански војни (1912 и 1913), Прва светска војна (1914-1918), со многу патила и страдања, со многу трауми и кошари) како и втората светска војна (1941-1945). Покрај сите последици од тие војни, една од најтрагичните беше и трајното искорнување илјадници Македонци од нивните дедовски и прадедовски огништа во Беломорска Македонија (во согласност со договорот за размена на население склучен меѓу Грција и Бугарија). Затоа сето тоа нека биде наравоучение во иднина да не се повторуваат ваквите трагедии и страдања. Само при ваков прифатен приод може да се трага за наоѓање модерни решенија за уредување на заемните односи помеѓу двете држави и општества.

Ако вака биде погледнато на нештата, верувам дека бугарската страна полесно ќе прифати дека не е предавство што некоја од поранешните влади на Бугарија овозможила Гоцевите останки да почиваат во престолнината на модерна и слободна Македонија. Ова впрочем бил и завет на илинденските соборци на Гоце. За мене, поголем чин за градење мостови за соработка од тоа и не постои. Но за тоа се потребни и волја и разбирање на нештата од историјата што ни испраќаат одредени пораки. Во тој контекст, очекувам од Бугарија декларативнот чин на признавање на Македонија, како самостојна и независна држава, да го дополни и со признавање на македонскиот јазик, не како уставен јазик, туку како јазик на македонскиот народ. Последново, ако поради ништо друго треба да се стори од причина што самата Бугарија прифаќа дека Македонците од 2 август 1944 наваму имаат изградено различен идентитет од бугарскиот (во тој идентитет по природата на нештата, секако дека влегува и самиот македонски јазик, како што тоа е случај и со бугарскиот јазик во Бугарија). Ваквиот смел чекор е вистински пример за тоа како треба да се градат мостови за пријателство и соработка помеѓу двата братски народа, држави и општество. Искрено верувам дека тоа е и долг што сегашните генерации го имаат кон оние што ќе доаѓаат и по нас. Затоа со погледот, не назад, туку свртен напред кон векот, кој штотуку започнавме да го живееме.

(крај)