Дали има народ понесреќен од македонскиот?

Политичко-историски фељтон:
Чиј е Гоце Делчев (2)

Гоцевото стравување од плаќање скапа цена за добиената помош од Бугарија се гледа од изјавата: „Бугарската влада, која има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари ќе знае како да ја исползува, таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални привилегии… И ударот ќе биде страшен“

Во ова продолжение поблиску ќе се изјаснам за прашањето поврзано со личноста на Гоце Делчев, како репрезент на целата негова револуционерна генерација. Тоа, всушност, беше и поводот да се зафатам со пишување на овој текст. Кога станува збор за него, нема да згрешам ако кажам дека тој, уште за време додека бил жив, и без формално да биде поставен (избран) за прв човек на Револуционерната организација (РО), бил прифатен за таков. Тоа било случај со членството на РО, со разните нивоа на нејзиниот раководен кадар, како и со најшироките народни маси. Впрочем, за тоа зборуваат голем број сведоштва. Тој, лека-полека, на духовно рамниште станал и останал дел од колективната меморија, не само во Македонија и во Бугарија, туку и пошироко.

За тоа зборуваат и многуте создадени и испеани песни од народот за него, многуте уметнички дела од сферата на прозата, поезијата, драматургијата, кинематографијата, документаристиката, хорската, балетската, оперската и други области на уметностите. Познато е дека во усните преданија, како и во пишаните записи, е нарекуван: срцето, душата, чистотата на идеалот, смелоста во решенијата, бујност на занесот и фантазијата и богатството на идеи. Со еден збор, независно од годините (помалку од 10), колку што активно бил вклучен во револуционерното дело на Македонија, тој си обезбедил челно место во пантеонот на паднатите херои за слободата на својата татковина: Македонија.

Овде со право може да се постави прашањето, што, во овој случај, било преовладувачко Делчев да се издигне толку високо во свеста, пред сѐ, на својот народ, разбран во негова смисла на поимање на тој народ. Ако во барањето на одговорот на ова прашање појдеме само од неговото народносно чувство (бугарското) тогаш тешко би можело да се прифати дека, ете, сета слава што му се припишува на Делчев произлегува токму од ваквото негово чувство на припадност, па поради тоа тој во историите на двете држави треба да биде приопштен како бугарски револуционер, кој, како што вели бугарската страна, „се борел за ослободување на Македонија“. Но во тој случај, тоа би значело и прифаќање на ваквата негова припадност како единствен критериум врз основа на кој треба да се градат и продлабочуваат заемните односи помеѓу двете страни од договорот (бугарската и македонската). Ако останеме само на тој критериум, тогаш и изостанува каква било потреба да се расправа за него. Но ако на Гоце погледнеме и од аспект на сите други компоненти, односно нешта, тогаш ќе видиме дека одеднаш во видното поле поедноставениот етнички профил на Гоце ќе се пројави во релативно изменет облик.

Во продолжение на текстот нека ми биде допуштено да приложам некои од компонентите односно нештата поврзани со неговото револуционерно дело и неговиот мироглед. Верувам дека тие, од своја страна, ќе бидат доволно податливи за со нивна помош појасно да се исцрта неговиот личен и револуционерен профил.

Овие компоненти, односно нешта, би ги свел:
– На неговата љубов кон татковината и грижата кон својот народ. Во насока на ова тој вели: „Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа отколку во Македонија?… Треба да се просвети и организира народот, да се вооружи, да му се влее вера во неговите сили – да разбере како може да се оттргне од ропството и мизеријата – да му се отворат очите.“

– На неговата посветеност за будење на свеста кај својот народ за отфрлање на неговиот робовски статус. Во таа смисла ќе рече: „Ропството исчезнува тогаш кога робот во душата престанува да биде роб.“

– На неговиот силен нагон Македонија да ја види слободна. Во таа смисла и ќе каже: „Ќе удри утринската зора и кај нас“, односно: „Кога и да е, и нашиот петел ќе пропее, па тогаш сѐ ќе биде во ред.“

– На неговото кредо, односно разбирање на Македонија како татковина еднакво еднаква за сите нејзини жители, без оглед на нивната национална, верска, политичка и која било друга определба, како чин на личен избор (и оттука и неговиот лозунг, но и лозунгот на неговата револуционерна организација: „Македонија на Македонците“, што, впрочем многу јасно е изразено, како определба и во Уставот на организацијата од 1896 година, чиј автор, покрај Ѓорче Петров, е и самиот Делчев.

– На неговата определба таквата Македонија да има автономен статус во рамките на Турската Империја или статус на целосно независна политичка заедница од било која и да е балканска држава, вклучувајќи и од кнежевството Бугарија.

На неговата заложба организацијата да биде управувана и раководена, исклучиво од внатрешните сили на Македонија (станувајќи на тој начин еднакво оддалечена од кој било надворешен фактор, вклучувајќи и од бугарскиот двор и влада). Во таа смисла во писмото од 1895 година, упатено до Ефтим Каранов, ќе каже: „Оној што мисли дека Македонија ќе се ослободи поинаку, тој се лаже и себеси и другите“. На генералот Даниел Николаев (февруари 1896), кој од Гоце барал раководењето на организацијата да му се препушти на Врховниот комитет во Софија, Гоце ќе одговори: „Тоа нема да биде, господине генерале… Не, не сме согласни со тоа што го мислите вие за Македонија. Знаете кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не може да правиме политика, ниту пак ќе дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, таа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умираме и кога. Кога ќе се подигне востание ќе реши народот. Нема да оставиме да ни командувате од овде, за да нѐ внесете, како што се обидовте лани, во игранка за востание. Сега една таква авантура може да биде страшна и крвава, зашто населението, народот е повеќе возбуден и делумно вооружен. Тој може да се предаде на измамата, а тоа ќе чини реки од крв и планини од трупови. Ние нема тоа да го дозволиме. Не, крвта на народот е скапа, па и не сакаме трупови, туку сакаме ослободување, а живиот народ сака да живее и да расне.“

– На неговата грижа востанието во Македонија да биде завршниот чин што ќе ја донесе слободата на неговиот народ, а не касапница за тој народ, бидејќи, како што вели „кому му е потребна Македонија без народ.“

На неговата определба востанието да биде внатрешно, подигнато со сопствени сили, кога сѐ ќе биде подготвено. Во насока на тоа е и ова негово укажување: „Не може да се надеваме на туѓа помош, да не чекаме помош од Бугарија ни од која и да било сила, туку треба да се подготвиме однатре за востание. Дотогаш никој однадвор да не се меша во нашите работи.“

– Неговото стравување од плаќање скапа цена за добиената помош од Бугарија. За тоа тој вели: „Бугарската влада, која има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари ќе знае како да ја исползува, таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални привилегии… И повторувам ударот ќе биде страшен.“

На подготвеноста за саможртва пред олтарот за слободата на тој народ и својата Македонија, за што и ќе рече: „…во жртвата не треба и не може да постои степен – таа завршува кога е потребно и со име и со чест.“

На неговата заложба делото да го издигне над зборот, па во таа насока и ќе рече: „Не ни ги слушајте проповедите, гледајте ни ги делата.“
На неговата определба дека верата за успех во борбата треба да се бара во себе најпрвин, а дури потоа и кај другите. Во таа насока тој и ќе рече: „Таа вера ако ја нема, треба да се создаде, ако ја има треба да ја разбудиме и да го разгориме огинот во борбата.“

На неговиот мироглед, насочен кон соработката на народите, изразен низ сентенцата: „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите.“ Но и на неговиот однос кон насилството, изразен низ резонанцата: „Ако тиранијата е насилство, тогаш револуцијата е, (оправдано м.з.), насилство против насилството.“
На неговото длабоко убедување дека до ослободување на Македонија може да дојде само при целосна подготвеност на народот за востание. Во спротивно ќе рече тој: „Престапно е, да се ослободува народ преку предвремено создадени пожаришта и касапници. Инаку, (ќе додаде м.з.), ние ќе заприлегаме на просјакот што си ги чепка раните и вади гноишта и крвје за да ги принуди минувачите да се избават со едно париче од глетката на таа гнасотија.“

И, да завршам, иако не реков сѐ за него, дека тој при последното заминување од Бугарија за Македонија, на својот близок пријател и соборец Михајло Герџиков, од длабочината на својата душа и срце (парафразирам) ќе му рече „двете нешта што најмногу ги милувам на светот се: мојата Македонија и Јанка“ (Јустинијана, неговата невенчана лубов).

Колку голема била љубовта на Гоце кон Македонија зборува и Димо Хаџи Димов, во својата статија „Тој плаче.“ Хаџи Димов бил сведок на чинот на Гоцевата разделба од животот и Македонија. Кај него за тоа ќе прочитаме: „Гоце Делчев пред нашите очи падна убиен во селото Баница, Серско… Но ние преостанатите уште еден-двајца живи… нема да ја заборавиме и до последната своја минута позата на Гоце, откако куршуми веќе му ги беа раскинале градите. Речиси цел ден и цела ноќ ние скршени го гледавме својот водач, легнат како жив, со глава наведната кон земјата. Тој небаре плачеше над својата судбина, над судбината на сите паднати како него, над судбината на цела Македонија.“

(продолжува )