Главно залагање: Македонија на Македонците

Македонизмот во илинденската епоха низ факти (1893- 1909) (2)

Пишува проф. д-р Михајло Миновски

Бугарската влада, по неуспехот на Врховниот комитет со вооружени чети од Бугарија да предизвика „бугарско“ востание есента 1902 година, одлучи да дејствува да се спречи осамостојување на Македонија. Со пропагандни ветувања, „министерот на војната“ генерлот Стефан Паприков, и со писмо дека по започнувањето на востанието, Бугарија била „подготвена во секој поглед да ѝ објави војна Турција“ во поддршка, целта беше постигната. Со внатрешни врховисти во Централниот комитет беше свикан и се одржа општ конгрес (од делегати по повикување). Конгресот одржан во првите денови на 1903 година, без учество на Делчев и другите водечки личности на Организацијата (Ѓорче Петров, Дамјан Груев, Пере Тошев, Петар Поп Арсов, Јане Сандански), донесе одлука за кревање востание пролетта, со не(доволно) вооружен народ. Со така кренато востание, од Софија претставено како бугарско, владата очекуваше брзо разбивање на востаничките чети, задушување на востанието во крв, масакрирање на цивилното население од редовната османлиска војска и башибозукот, востанатото население да се деморализира, да се сврти против своите водачи, да очекува ослободување од Бугарија со нејзината армија.

Но, се стравуваше дека Гоце Делчев, кој оперативно раководеше со Организацијата и со нејзините воружени чети, дека со својот авторитет ќе издејствува отповикување на одлуката. Затоа, по неуспешниот атентатот претходната година кога врховистичките војводи Михаил Ставрев Хаљо и Иванчо (Иван) Карасулијата кои не успејаа да го убијат, во Софија беше решено неговото елиминирање да се изврши со организирано предавство, да биде убиен во борба од османлиската војска. Заговорот успеа. Делчев по заминувањето од Софија за Солун, следен за сето време, при неговото враќање од Солун (по средбата со Груев) на пат за Серскиот округ, се задржа во селото Баница. Тогаш беше предаден, селото опколено од војска, загина во борбата на 4 мај 1903 година.

Загинување на Делчев во Македонија насекаде од народот беше примено како најголема загуба, национална трагедија. Дејствуваше мобилизаторски за започнување на оружената борба за ослободување. Народот беше обединет. На денот определен од Главниот востанички штаб, Илинден 2 август 1903 година, во Битолскиот револуционерен округ се крена востание. Во другите револуционерни окрузи се бореа четите на организацијата, со што востанието се претстави како општонародно.
Не се исполнија очекувањата на Владата во Софија, но и во Атина и во Белград, за брзо разбивање на востаничките сили и задушување на востанието. Со тактика на герилско војување, за што османлиската војска не беше подготвена, востаничките единици ѝ нанесуваа загуби, создадоа слободна територија со ослободени и поголеми населени места (Крушево, Смилево, Клисура, Невеска). На слободната територија беше воспоставена македонска востаничка власт.

Востанието беше прекинато, но востаничките сили не беа поразени. Бројот на загинатите од војската беше многукратно поголем од загинатите востаници. Во анализата за востанието, Главниот востанички штаб нагласи дека за сето време на востаничките борби народот остана докрај единствен и приврзан на своите водачи (Дамјан Груев, Пере Тошев, Ѓорче Петров и војводите Христо Узунов, Ѓорѓи Сугарев, Лазар Поп Трајков, Петар Ацев и др.).

Со покажаната решеност да се бори и со докажаната подготвеност за големи жртви, македонскиот народ ги предизвика европските големи сили да интервенираат во Македонија. На османлиската држава ѝ наметнаа во Македонија тие да спроведат реформи за смирување на бунтовната провинција. Бргу се покажа дека реформите не беа наметнати за мирно еволутивно решавање на македонското прашање, туку за реформирање на османлискиот режим, да го спречат ослободителното дело. Главниот востанички штаб со директивно писмо во декември ги извести реонските штабови дека реформите беа ништожни во споредба со поставената цел со востанието, дека народот нема да се задоволи со тие мерки, од него се бара „повторно да ја наведне главата пред душманот“.

Македонската револуционерна организација со своите органи, со мобилизаторската револуционерна дејност, со борбата за ослободување и создавање (со сопствени сили) самостојна држава Македонија (со повиците: „Слобода или смрт“ и „Македонија на Македонците“), македонските организации, друштва, групи и поединци надвор од земјата (Атина, Белград, Букурешт, Одеса, Петроград, Женева), водечките македонски револуционери и културни национални дејци, го втемелија македонизмот како народен и национален идеал.

Во натамошниот дел од фељтонот наведуваме дел од низата факти, преку изјави, преписки, извештаи, депеши и други податоци што говорат за постоењето на македонизмот, напишани или изречени од дипломатски претставници и државници.
Елиот, Ц. (британски дипломат, секретар на британската амбасада во Цариград), 1894 година: „Нема сомневање дека мнозинството чисти Бугари во земјата се населени во областите што се наоѓаат на јужната граница од Кнежевството, а чистите Срби во северните делови на Косовскиот вилает. Јужно, т.е. во Битолскиот и во Солунскиот вилает најголемиот дел од населението го сочинува словенска раса која не зборува ниту бугарски, ниту пак српски јазик“.

„Егзархијата е понепопуларна отколку што можеше да се очекува. Јазикот што таа го користи е бугарскиот јазик од Софија, иако селанството подобро го разбира отколку грчкиот, тој, всушност не е нивниот мајчин јазик и тие не го разбираат целосно“. „Освен во северниот дел на Косовскиот вилает единствени Словени што себе си се нарекуваат Срби се оние на кои им било платено за да го направат тоа“. „Што се однесува до Грците, сметам дека нивните амбиции немаат географски граници. Не постои град северно од Костур кадешто можат да се најдат повеќе од еден грст елински фамилии, но патриотските Грци се готови да бараат право на секоја област што ја признава власта на Патријаршијата“. „Егзархијата, може да се каже, постојано создава (во Македонија) Бугари; ги шири бугарскиот јазик (којшто, во суштина, не е ист како дијалектот во Македонија) и бугарското национално чувство“. „Ниту јазикот од Белград, ниту пак оној од Софија не им е познат на селаните во Македонија кои говорат мноштво дијалекти, нешто помеѓу бугарскиот и српскиот, и понекогаш претставува феномен што не се појавува во ниту еден од тие јазици“. „Српското пратеништво признава дека источно од Скопје и Битола нема Срби, но, вели дека Србија има потреба од излез на Егејот и затоа тие имаат намера да отворат училишта во регионот и да создадат население што ќе зборува српски од Косовскиот вилает па непрекинато сè до морето“.

„Растурањето на српското злато во местата како што се Воден, Солун и Серез не успеа да оформи силна српска група, но успеа да создаде раздор“. „Од горенаведениот (историски) приказ јасно може да се види дека ниту српското, ниту бугарското царство немаат никакво право да ја поседуваат Македонија. Двете земји во различни епохи го поседувале речиси целиот Балкански Полуостров… Бугарите немаат поголемо право на сите земји што ги освоил Симеон, исто како што Французите немаат право на земјите што ги освоиле за време на Наполеон, а фактот што Душан бил крунисан во Скопје има исто значење како кога Вилијам I бил назначен за император во Версај“.
„Дијалектите во Македонија, кои не се запишани, но се многубројни, лесно се злоупотребувани од српски и од бугарските учители во согласност со нивниот пишан збор“. „Турците зборуваат за ’бугарски офицери’ кои се видени меѓу четите… Таквите офицери се без исклучок родени Македонци, а колку што знам јас генералот Цончев е единственото лице кое има некоја поголема важност во движењето, а е роден Бугарин“.

(продолжува)