Чија црква е Јустинијана Прима?

930

КОЈ КРАДЕ ИСТОРИЈА (5)

Ако Грците ни го оспоруваат името, а Бугарите идентитетот, Србите ни ја оспоруваат црквата. Тие не се единствени што ја присвојуваат Охридската архиепископија – Јустинијана Прима. Директно и агресивно ја присвојуваат и Бугарите, а Грците индиректно и срамежливо. Се чини, аспирации пројавуваат и Албанците. Што е најтрагично, ќе успеат во тоа ако нашиве сервилни политичари им удоволат на нивното барање (како дел од тиранската платформа) за прогласување геноцид над Албанците, со што практично би признале дека во Западна Македонија е извршена насилна македонизација на албанското население. Да не заборавиме дека албанските националисти одамна тврдат дека во минатото Охрид бил град со мнозинско албанско население. Забележувате, желби и аспирации многу, а вистината е само една. Да видиме која е вистината:

Српската црква е основана во 1219 г., за време на Свети Сава, со издвојување од Охридската архиепископија, и тоа на неканонски начин, поради што поглаварот Хоматијан фрлил анатема. Овој спор е решен на тој начин што тие обезбедиле автокефалност со купување томос од малата и незначајна црква во Никеа. Состојбата се комплицира во 1920 г., по создавањето на кралството СХС, кога повторно со пари Србите купуваат од Вселенската патријаршија за 1.500.000,00 швајцарски франци во злато, цела една црква ОА-Јустинијана Прима, сосе македонските верници. Каков апсурд!? Зарем македонските верници се трговска стока. На овој начин црквата-ќерка ѝ стана мајка на својата мајка. Се разбира, тоа не е можно, ако се знае дека македонската црква е постара од српската цели 12 века. Освен фактот дека ја купија за пари, Србите немаат друг аргумент за присвојување.
Напротив, во минатото многу видни Срби и Црногорци се декларирале како Македонци:

Во збирката „Српски јуначки песни“ од Винко Витезица (Белград, 1937г .) во песната „За Кајица војвода“, Ѓураќ Бранковиќ е опеан како македонски крал.
Во книгата „Стари српски записи и натписи“ (Белград, 1905 г.) Љ. Стојановиќ вели дека цар Душан е крунисан во Скопје како македонски цар.
Во истата книга се цитирани книгите на црногорскиот печатар Б. Вуковиќ од 1520 г. и 1537 г., во кои се декларира дека е од градот Подгорица од македонските предели.
Калуѓерите од црногорскиот манастир „Морача“ во 1615 г. велат дека нивниот манастир е од западните предели на Македонија (д-р Ј.М. Миловиќ „Зборник на документи од историјата на Црна Гора 1685-1728 г.“ – Историски институт на НР Црна Гора, Цетиње 1956 г.).

Владиката Данило Петровиќ писмото до рускиот цар Петар Велики од 28.1.1712г. го завршува со зборовите: „Од Црна Гора, предел во Македонија“.
Сретен Зековиќ, црногорски историчар, ова го објаснува со фактот што Црногорците биле под канонска надлежност на македонската црква, па затоа се именувале како Македонци. Поголем доказ чија е Јустинијана Прима, здравје!

Бугарите присвојувањето на Јустинијана Прима го темелат на две работи. Наводно, во Македонија се доселиле и живееле Куверовите Бугари и на фактот дека поглаварот на оваа црква се именувал како архиепископ на Јустинијана Прима и цела Бугарија.
За Куверовите Бугари видовме во четвртото продолжение, тие дошле во Македонија, но штом се доближиле до Солун биле товарени на бродови и разнесени низ империјата. Што се однесува до именувањето на поглаварот, тој навистина се именувал архиепископ на Јустинијана Прима и цела Бугарија, но не на државата Бугарија, туку на темата Бугарија – воено административна област во рамките на Византија. Затоа Теофилакт Охридски во еден свој запис зајадливо ќе забележи: „Јас сум архиепископ на Јустинијана Прима и по некое чудо Бугарин“. Постојат и многу други силни докази што го негираат бугарскиот карактер на оваа црква:
Јустинијана Прима е основана во 535 г. од императорот Јустинијан (изворно Петруш) со новела XI, а тоа е 150 години пред доселувањето на Бугарите.

Со Василиките на Василие Први и Лав Шести се потврдува како црква на вториот Рим или второто македонско царство (како што го нарекуваат некои), а кое од Хероним Волф за првпат во 1557 г. е наречено Византија. Таква ќе остане сѐ до неканонското укинување во 1767 г. од инороден и иноверен орган. Затоа во списоците на трновските поглавари ги нема охридските и обратно.
Грците срамежливо ја присвојуваат Јустинијана Прима со тврдењето дека Византија била грчка творба, а со тоа и црквите во неа. Ова воопшто не е можно од проста причина што првата држава со име Грција е од 1832 г. Од друга страна, „Грците“ сѐ до VI век останаа пагани, кога според Прокопиј Јустинијан во 529 г. ги затворил паганските школи во Атина. Науката ќе мора да одговори како тоа византиските цркви (а со тоа и Јустинијана Прима) се грчки, кога самите Грци останаа пагани до VI век.
Гледаме дека Јустинијана Прима нема ништо заедничко со Србите, Бугарите и со Грците. Впрочем, во Библијата тие воопшто не се споменуваат, но затоа Македонија и Македонците се споменуваат дури 28 пати. Не само тоа, во делата апостолски дури и ќе прочитате: Први црковни општини во Европа се во македонските градови Филипи, Солун и Бер, основани токму од Апостол Павле. Прва црква е куќата на Македонката Лидија. Прва крстијанка е Лидија, а прв епископ Лука Македонецот.

Јустинијана Прима ја основал Јустинијан во 535 г. како автокефална црква независна од Константинопол и Рим. Неа Прокопиј ја нарекува Глорисима Префектура (Најславна Префектура), очигледно поради апостолското приемство. Нема дилеми дека Јустинијан е Македонец родум од Таурисиум, близу Бадеријана (денешен Таор и Бадар), близу Скопје. Според Прокопиј, тој во близината на своето родно место изградил град и основал црква наречени Јустинијана Прима. Се поставува прашањето каде е тој славен град во кој ја сместил најзначајната црква во православниот свет. Од XI век нема дилеми дека тоа е Охрид (Скилица-Кедрим, Вилхем Тирски, Валсамон и многу други автори), но за периодот од VI до XI век нема податоци или се многу скудни. Според многумина, тоа е Скопје. Според други, тоа е Охрид, кој гледано од Константинопол е исто така релативно блиску до родното место на Јустинијан. Така:
Вилхем Тирски (Патрологија латина Т201 и 783) родното место и градот на Јустинијан ги поврзува со Бутела (Битола) и Акрида (Охрид).
Од друга страна, Прокопиј ја лоцира Јустинијана Прима во земјата на европските дарданци, близу епидамниските граници (близу границите на областа во која главен град е Драч), што повторно упатува на Охрид.

Вреди да се спомнат и легендите забележани од стружаните Петар Аврамовски и Јоне Кленко, според кои Апостол Павле престојувал во охридско-струшкиот регион на пат за Рим, каде што изградил црква во с. Враништа, чии темели се гледаат и денес при влезот во селските гробишта.
Науката треба да посвети поголемо внимание на расветлување на прашањето на првичната местоположба на овој свет град.
Многу е интересно да се одгатне значењето на името Јустинијана Прима. Нема дилеми дека тоа е латинска транскрипција на изворното Истинијана (Вистинијана) Прима, што би значело град и црква на првата вистина. Дилемата е која е таа прва вистина што се крие зад името на црквата и градот? Дали можеби тоа се зачетоците и творците на крстијанството. На тоа упатуваат токму библиските текстови, пред сѐ делата апостолски 16.6 до 16.10, во кои Апостол Павле вели: „Ги поминавме Фригија и Галатејскиот крај затоа што не ни беше допуштено од Светиот Дух да го проповедаме словото во Азија… Кога дојдовме во Мизија, се обидовме да одиме во Витинија, но Духот на Исус не нѐ пушти… Потоа во Троада Павле имаше видение – пред него стоеше човек Македонец, кој го молеше и му велеше дојди во Македонија и помогни ни… По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи сфативме дека Господ нѐ повикува таму да го разгласиме Евангелието“.

Дали ова значи дека зачетоците во ширењето на новата религија се токму од Македонија, па дури потоа продолжува во Азија? Уште позбунувачки и подецидни се текстовите во посланијата на Апостол Павле до солунјаните, во кои тој им се обраќа на Македонците од Солун со зборови што нашава наука просто се плаши да ги изговори. Цитирам: ПРВО ПОСЛАНИЕ ДО СОЛУНЈАНИТЕ 1.1,8и20: „Знаеме возљубени браќа од бога дека сте избрани… Зошто од вас одекна словото Господово, не само во Македонија и Ахаја, туку и по секое место се пронесе славата за верата во Бога… Да, Вие сте нашата слава и радост“. ВТОРО ПОСЛАНИЕ ДО СОЛУНЈАНИТЕ 2.13: „Му благодариме на Бога за Вас секогаш возљубени од Господ браќа, затоа што од почетокот, преку осветувањето од Светиот Дух и преку верата во вистината, Бог ве избра за спасение“.

Еве кој е избран народ за спасение. Тука се поставува и прашањето кои се творците на крстијанството и каде е неговиот извор. Н. Проева, најголемиот познавач на антиката, во својата книга „Религија на Античките Македонци“ изнесе еден фрапантен податок. На страница 22 таа вели: „Во антиката по Медитеранот била почитувана фригиската (Бригиската М.З.) варијанта на Големата Мајка и нејзиниот придружник Атис (мене ми личи на Ата – Отецот М.З.) чие раѓање на 25 декември, умирање на 22 март и воскресување на 25 март се славеле до крајот на антиката и биле преземени во христијанството“. Внимавајте, ние денес го славиме божјиот син на истите датуми на кои во антиката древните Македонци го славеле Отецот.

Сето ова упатува на заклучокот дека древната македонска религија е преточена во крстијанството. Затоа Македонците први ја прифатија оваа религија. Очигледно им беше многу блиска. Еве зошто Апостол Павле почна со ширењето на евангелието токму од Македонија.
Време е МПЦ – ОА да престане да го руши достоинството на македонските верници шетајќи наоколу барајќи црква мајка. Време е да се запраша може ли некој да признае црква основана од апостоли.
Ова се фактите, а кој краде историја повторно нека цени читателот.

Љубе Христовски
(Дардан Венетски)
ПРОДОЛЖУВА…