Престојот во Багдад

189

Кој најмногу се спротивставувал на обидите за зачленување на СФРЈ во тогашната Европска економска заедница? Како политичкиот и партиски врв на тогашната држава ја доживувал смртта на Јосип Броз-Тито и перспективите потоа?
За овие и за многу други помалку познати историски детали, прочитајте во фељтонот што е наш уреднички избор од најновата книга „И по Тито – Тито“, на првиот претседател на македонското собрание и висок функционер во неколку влади на поранешната СФРЈ, Стојан Андов. Книгата „И по Тито – Тито“ е дел од политичките мемоари на Андов што ги издава „Матица македонска“.

ФЕЉТОН: СТОЈАН АНДОВ „И ПО ТИТО – ТИТО“ (10)

Го прашав Киро Хаџивасилев со кого контактира, бидејќи неговиот Сојузен совет за меѓунационални односи веќе не функционираше, и што мисли за ситуацијата во земјата. Рече дека со Трпе Јаковлевски редовно се слушаат, а многу поретко се среќаваат. Со Густав Влахов се слушале по телефон, но и со него не се видел. Со Лазар Мојсов се слушнал повеќепати. Но кога ќе предложел да се видат, да наминат кај нив, Мојсов одговарал дека е многу зафатен, дека пишувал книга.
– Моите српски блиски пријатели Танасие Узуновиќ и Антоние Исаковиќ не се јавуваат ниту по телефон. Кога ќе им се јавам, чувствувам дека тоа им е товар и настојуваат брзо да го завршат разговорот. Затоа веќе не им се јавувам. Во сета оваа ситуација, помислував и јас да почнам да пишувам книга. Имам што да кажам, барем за проблемите на меѓунационалните односи во еден подолг период во Југославија. Во овие тешки моменти ме израдува една книга што ми ја испратија од кинеската амбасада. Релативно мала книга за реформите што во оваа кризна состојба во Југославија ги проектира и ги спроведува Кина. Особено ме израдува што предговорот во таа книга го напишал Денг Сјаопинг, теоретичар и идеолог на темелните промени во работата на КП на Кина. Во тие неколку страници, Денг Сјаопинг споменува дека открил добри поуки за реформа во Кина во 1955–1956 година, кога група главни уредници на дневни весници и радија од Југославија ја посетиле Кина. Во делегацијата бил и брат ми Мито Хаџивасилев-Јасмин. Неговите погледи и сфаќања што ги презентирал на настапите во Кина и неговите книги и статии, според пишувањето на Денг, биле добра поука од Јасмин за кинеските револуционери и за кинескиот народ во барањата на вистинскиот пат во натамошниот тек на револуцијата во Кина. Тоа било и повод зошто ми ја испратиле таа книга од кинеската амбасада. Во овие услови тоа ми беше единствена можност да се порадувам – рече, па продолжи: – Ти, Столе, многу добро го знаеш творештвото на Јасмин. Беше и во Редакцијата на неговите Избрани дела. Го читав и твојот предговор на томот што го уреди за печат и ги видов високите оцени што ги даде. Којзнае како ќе одеа работите и во Македонија и во Југославија ако денес беше жив и Мито?! – додаде.

Сосема се согласив со Киро со неговите оцени за брат му, а и мене особено ме израдува овој случај со изречените пофалби на Денг Сјаопинг за Мито Хаџивасилев-Јасмин. Го прашав дали уште мисли дека сум згрешил што станав амбасадор во Ирак.
– Да, останувам на таа оцена. Но гледам дека е точно и тоа што ми објаснуваше дека не си можел ништо друго да сториш – појасни.
Тогаш Марија се уфрли.
– Ако ништо друго, бате Киро, со одењето во Багдад ги решаваме нашите обврски спрема децата. Минатата година ова време, нели, правевме свадба на ќерката Лиле, а сега имаме внука, Ангела. Ако не беа големите амбасадорски примања и додатоци, за мене, ние овде со потрошувачки кредит ќе требаше да правиме свадби, а сега можеме и на Лиле и на Бошко навистина да им помогнеме.
Со Киро и Јокица се видовме дури во 1992 година, кога дојдоа во Охрид. Со Марија ги посетивме. Во Белград рекоа дека тешко се живее со пензиите, овде кај нас барем ја нема таа голема инфлација што е голем товар на луѓето во Србија. Разговаравме тогаш и за ситуацијата во Македонија и за последиците од Лисабонската декларација. Сепак, почесто контактиравме со нив додека беа во Охрид по телефон.
Некаде кон средината на ноември, во Багдад дојде Ивица Стамболиќ. Иван Стамболиќ го запознав кога беше претседател на Владата на Србија. Но не се среќававме често, само на некои состаноци во Федерацијата. Одблиску го запознав во 1974 година. Тогаш беше претседател на Претседателството на Србија. Немавме некои официјални потреби да се среќаваме, ама кога станавме блиски со Бранислав Икониќ, го запознав подобро и Иван, бидејќи тие беа другари. Онаа бурна пролет во 1987 година, кога почнаа митинзите „за вистината“ на косовските Срби, водени од Шолевиќ, неколкупати се случи да се сретнеме, заедно со Икониќ. во кабинетот на Иван. Тогаш беше претседател на Српското собрание. Се случуваше два-три пати во неделата да дојде Иван и да разговараме за тоа што се случува.

Со Иван разговаравме за состојбите во Југославија. Беше многу разочаран и сметаше дека ќе се создаде неподнослива ситуација во земјата. Тогаш беа во тек судирите на Милошевиќ и Јовиќ со Анте Марковиќ. Ивица велеше дека тие судири вештачки се стимулираат од Милошевиќ и неговата група и дека тој нема никаков интерес за солуција. Да се работи заеднички, да се обезбеди соработка. Рече дека Милошевиќ ја издвојува Србија од сите републики во Југославија освен од Црна Гора, која му е веќе во скутот

Од Икониќ знаев многу работи за Иван. Знаев дека токму Иван упорно инсистирал Слободан Милошевиќ да го вовлече во политиката. Тоа и му успеало. Слободан Милошевиќ во 1984 година беше избран за претседател на Градскиот комитет на СКС – Белград.
Милошевиќ исто така добро го познавав. Во времето кога бев член на Сојузната влада, бев претседател на Комисијата за односи со ЕЗ, а бев и претседател на комисија за подготвување на законите за девизниот систем, надворешнотрговскиот систем и за кредитните односи со странство. Потоа во Меѓурепубличкиот комитет за девизен и надворешнополитички систем, со кој претседавав, беше формирана комисија со којашто раководев, со членови од сите републички и двете покраински влади. Комисијата го разгледуваше и подготвуваше девизниот и платниот биланс на земјата. На состаноците на тие комисии, претставник од Србија беше Слободан Милошевиќ. Тој беше раководител на групата за подготвување на законот за кредитни односи со странство. Многу добро се запознавме и неколкупати ме канеше на ручек во ресторанот на Беобанка, каде што беше директор. Слободан Милошевиќ покажа висока стручност во сите тие области, колегијалност и конструктивност во работата. Изгради коректни и, би рекол, пријателски односи со членовите на комисиите од сите републики и од двете покраини. Настојуваше да најде објективно и за сите прифатливо решение, дури и по најспорните прашања врзани за девизниот и платниот биланс, како и за планот за остарување на кредитните односи со странство. Низ тие комисии минуваа подготвените стручни материјали од Сојузното министерство за финансии, Сојузното министерство за надворешна трговија и од Народната банка на Југославија. Во 1982 година бев избран за потпретседател на Извршниот совет на Република Македонија (Републичката македонска влада). И понатаму одев на некои од тие стручно-политички средби што се одржуваа во рамките на Сојузниот извршен совет во Белград, со кои претседаваше Милка Планинц. Речиси на сите тие средби, сѐ до неговото заминување од Беобанка, се среќававме со Слободан. Некаде во почетокот на јуни 1982 година, во една од паузите на некоја седница, Милошевиќ ми рече:
– Стојане, знаеш ли оти сѐ уште не сум бил и не сум го видел Охрид?
Му одговорив дека тоа е срамота за него и додадов дека ќе му кажам на директорот на Стопанска банка во Скопје да го покани со сопругата да дојдат на одмор во Охрид. Му објаснив дека Стопанска банка во Охрид има хотел со убави апартмани, блиску до езерото, а и до градот. Беше задоволен. Наскоро тогашниот директор на Стопанска банка, Милан Хроват, го замолив да му се јави на Слободан и да го покани да му биде гостин. Во меѓувреме, за целата таа комбинација разбрал директорот на „Житолукс“, Ацо Симески. Фирмата „Житолукс“ имаше, исто така, хотел во Охрид, многу блиску до хотелот на Стопанска банка, со многу убав апартман. Хроват и Симески се договориле Милошевиќ да го сместат во апартманот на „Житолукс“.

Овие работи ги кажувам за да му стане јасно на читателот дека ги знаев многу добро и Слободан Милошевиќ и Иван Стамболиќ како личности, а, исто така, добро ги знаев и нивните меѓусебни односи. По оној жесток митинг во Косово, кога организаторите на митингот се пожалија дека биле тепани од косовската полиција и кога Милошевиќ им извика: „Вас нико не сме да бије!“ (Вас никој не смее да ве тепа!), тој доби „крилја“ за да летне високо во српската политика. Тогаш почесто почнавме да се гледаме со Иван Стамболиќ, кој беше избран за претседател на Претседателството на Србија. Средбите најчесто беа во кабинетот на Бранислав Икониќ во Собранието на Србија.
Тогаш бев член на македонската делегација во Соборот на републиките и покраините во Сојузното собрание и претседател на Одборот за план и развој. Нашите средби со Икониќ и Стамболиќ минуваа главно во размена на мислења за најновите политички настани, особено поврзани со проблемите на Косово. Разговаравме и како белградските медиуми ги прикажуваат и ги коментираат настаните во Косово и во Србија. Неосетно, од ден на ден, Иван стануваше сѐ позагрижен.

(Утре: Првите повеќепартиски избори во Македонија)