Првите повеќепартиски избори во Македонија

140

Кој најмногу се спротивставувал на обидите за зачленување на СФРЈ во тогашната Европска економска заедница? Како политичкиот и партиски врв на тогашната држава ја доживувал смртта на Јосип Броз-Тито и перспективите потоа?
За овие и за многу други помалку познати историски детали, прочитајте во фељтонот што е наш уреднички избор од најновата книга „И по Тито – Тито“, на првиот претседател на македонското собрание и висок функционер во неколку влади на поранешната СФРЈ, Стојан Андов. Книгата „И по Тито – Тито“ е дел од политичките мемоари на Андов што ги издава „Матица македонска“.

ФЕЉТОН: СТОЈАН АНДОВ „И ПО ТИТО – ТИТО“ (10)

Поздравувајќи се, Анте ми рече дека во Палатата на Федерацијата имал канцеларија Киро Глигоров, како негов советник, кому му кажал дека сум во Белград, а дека Киро го замолил да ми пренесе да појдам и до кај него.
На Глигоров му објаснив за разговорот со Марковиќ што се однесуваше за Ирак. Тогаш тој упадна, велејќи дека знае оти Анте очекува од мене да организирам „огранок“ во Македонија на партијата што ќе ја формира. Видов дека Анте веќе му кажал за тоа и тој поради тоа побарал да се видам и со него.
Му признав и за барањето од Анте Марковиќ да бидам претседател на Иницијативниот одбор за формирањето на неговата партија во Македонија. Истовремено, му реков, дека го замолив Анте да почека за мојот одговор додека да се вратам од Ирак и дотогаш да не кажува никому. А во себеси си реков: „Ете, мојот договор со Анте тој веќе го прекршил, бидејќи претходно го информирал Глигоров за неговите планови за организирање политичка партија во Македонија.“ Киро продолжи:
– Ама што ќе ти е партија во Македонија? Го имаме таму СКМ. Оваа, новата партија, ќе биде југословенска.
Му објаснив на Киро дека ако направам партија, таа нема да биде југословенска, туку ќе биде македонска. Но, му обрнав внимание за едно многу важно прашање. Му зборував дека тој и јас сме политичари што се создале во Југославија и што во својата активност покажале склоност кон демократија и затоа имаме право и обврска да се обидеме да направиме нешто што ќе ѝ го олесни патот на Македонија во развојот како демократска држава.

Имав повеќе причини за тоа. Најважната од нив беше заедничката иницијатива – тој и јас, и да прибереме и други со слично искуство, да изготвиме документ со кој ќе ја повикаме македонската јавност да создаде амбиент во кој понатаму политичката демократија ќе се развива без пресудно влијание и дејствување на тоталитарните политички организации од нашето минато. Тоа ќе значи дека политичари со искуство и демократски определби повикуваат во Македонија да се внимава и да не се пресади тоталитаристичкото искуство од времето на ВМРО и КП. Ниту една партија да не смее да се јави како наследник на периодот на дејствувањето на ВМРО од 1893 г. или на КП од 1920 година.
Киро малку се насмевна и ми рече дека не е потребен таков документ и не треба да вовлекуваме други луѓе:
– Ние на повеќепартиските избори во Македонија идната есен ќе се прошетаме. Надвор од гласовите на Албанците, ќе освоиме сигурно 90 проценти од македонските гласови. Ете, Гошев, ти и јас ќе бидеме личностите што најмногу ќе имаат влијание во Македонија. Не препознавам кој може да ја оспори нашата идна победа.
Му предочив повеќепартискиот систем и изборите да не ги сфаќаме како наша понатамошна доминација. Сигурно е дека меѓу партиите има некои што нема да ја загрозат нашата победа. Но, има некои што можеби ќе добијат приличен број пратенички места. Го потсетив дека пред еден месец, кога сѐ уште бев во Ирак, во Скопје била формирана партија – ВМРО-ДПМНЕ. На основачкото собрание на таа партија, нејзиниот тукушто избран млад лидер, Љупчо Георгиевски, одржал амбициозен националистички говор, кој може да биде привлечен за одреден број граѓани од сите генерации – и од постарите, кои имале неволи со власта, но и од помладите, кои сега добро стојат со општеството – па нивните семејни традиции можат блиску да се поврзат со идеите на новиот лидер.

На веќе одржаните први повеќепартиски избори во Хрватска и во Словенија, комунистите не само што не „се прошетаа“ на тие избори туку и ги загубија. Киро мораше да го знае тоа и можеше да изведе некои заклучоци. И тогаш и долго потоа се прашував зошто Глигоров покажа толку голема наивност

Киро Глигоров во 1978 година, кога му истече мандатот како претседател на Собранието на СФРЈ, замина во пензија. Дотогаш, особено во периодот кога беше претседател на Сојузното собрание, многу често разговаравме и навистина претресувавме теми што во тоа време беа многу актуелни. Откако отиде во пензија, а наскоро јас од Белград се вратив во Скопје, со Глигоров немавме можност да седнеме на подолг разговор како некогаш. Овој разговор беше прв по 12 години, а беше прв и од многу важните и чести разговори особено додека бев претседател на Собранието на Република Македонија во првиот и во вториот мандат. Разговорот во август 1990 година траеше повеќе од два часа.
Слушајќи го Киро Глигоров во неговата канцеларија во Белград, во средината на август 1990 година, во оние два часа разговор, доста се замислив. Бев многу изненаден од неговите наивни кажувања, како ќе сме се „прошетале низ Македонија“ Гошев, тој и јас и ќе сме собереле големо мнозинство пратенички места. Не знаев како да го продолжиме разговорот, но да избегаме од тој стил на расудување. Тогаш решив да ја променам темата. Имав предвид дека ние во нашата тешка историја не сме имале услови за создавање демократски традиции. Во нашата историја немало повеќепартиски систем. Нашата политичка организираност секогаш била во своите корени тајна, гонета од законот, без изготвена сопствена политичка програма за демократска борба за своите цели сѐ до 1945 година, кога на власт дојде комунизмот и кога добивме национална слобода. Ние двајцата добро знаевме дека и во комунизмот не се полагаше многу на создавањето демократски традиции. Може да се каже дека обидите да се создаде демократски амбиент беа забранувани, а носителите политички прогонувани. Тоа е едната страна на состојбите. Од друга страна, од нашата историја, заради општите околности, бавно се развивала буржоазијата и во турско време, а потоа и во српско и во бугарско. Малобројната македонска буржоазија ги школувала децата во странство, бидејќи во Македонија немало високи школи. Но, тие домаќини луѓе дале нивните деца да изучат струки подалеку од политиката, така што значаен дел од нив биле лекари, фармацевти, ветеринари, агрономи, сосема малку економисти, па и правници.

Така не беше во Словенија, Хрватска, па делумно и во БиХ, кои биле во Хабсбуршкото Царство и имале можност да формираат слој од високообразовани луѓе, па и со висока национална свест. И Црногорците беа во подобра положба од нас. Тие долго имале своја држава и идејата за држава и за нејзината организација им беше позната на поширок слој интелектуалци, кои ги имаше Црна Гора. А Србија изнедри повеќе политичари од висок калибар со стратегиски размислувања за иднината. Тој пат ние го немавме и ние во нашата историја немаме такво искуство. Нашето политичко искуство е искуство на илегала, на тоталитаризам и на тероризам, на атентати, политички убиства итн. Во 1990 година, најблиску за нас е концепцијата на Словенците – да се зачува Југославија, ама како демократска земја без тоталитарни принципи како што е „демократскиот централизам“. Ако тоа не успее, тогаш ќе одиме кон независност, свесни на сите наши ограничувања за демократски развој.
Киро се согласи со овие укажувања, велејќи дека Словенците бараат многу. И тогаш, и по разговорот, се прашував како Глигоров е толку убеден дека и Гошев ќе оди со нас. За тоа немав информации, бидејќи од февруари 1990 година до моментот кога разговарав со Киро, Гошев воопшто не ми се јави. Се прашував дали Киро го изложува и мислењето на Гошев. Многу ми беше чудно тоа негово претерување кога велеше дека нема кој да ја загрози нашата победа на идните избори. И пред тоа и потоа практиката покажа дека таквата помисла била нереална.
На веќе одржаните први повеќепартиски избори во Хрватска и во Словенија, комунистите не само што не „се прошетаа“ на тие избори туку и ги загубија. Киро мораше да го знае тоа и можеше да изведе некои заклучоци. И тогаш и долго потоа се прашував зошто Глигоров покажа толку голема наивност. Која му беше целта, дали сакаше да ми ја наметне неговата увереност дека изборите лесно и убедливо ќе ги добиеме ако одиме заедно или, пак, нешто прикриваше, ама беше невидливо што може да е тоа?
Друго што ме изненади е што тој како советник на Анте Марковиќ збор не проговори со мене за реформите на Анте. Исто така, воопшто не спомена ништо околу приватизацијата…

Овие размислувања често ми се враќаа во умот, а особено се засилија по изборот на Глигоров за прв претседател на РМ и кога во јавноста почнаа лицитации за тоа кој го довел Киро во Македонија. Тоа не одговараше на реалноста, бидејќи никој не требаше да го доведува Глигоров во РМ. Откако се создаде критична атмосфера кон Лазар Колишевски и нему покорните приврзаници, Киро веќе слободно, по свои оценки и по сопствена волја, можеше да доаѓа во Македонија и претпоставувам дека тоа и го применуваше. Многу подоцна ме заинтересира, кога слушнав дека Глигоров, пред разговорот што го исфорсира со мене во средината на август 1990 година, а нешто од тоа и по нашиот разговор, се среќавал и наводно разговарал за иднината на Македонија со разни групи луѓе.
Еден многу интересен случај е споменат во книгата „Врамување во пустелија“ на нашиот познат писател и публицист Гоце Ристовски за случајот што го раскажувал писателот Коле Чашуле за неговата средба со Глигоров и со Густав Влахов.
„Телефонот ѕвони! Ѕррррррррррррррр!
– Ало, еј ало, слушаш ли? Ало, – прашува писателот, – кој е?
– Киро е…
– Повели, Киро.
– Земи ја госпожата и дојдете во Охрид, да се видиме малку, да поседиме во двор…
– Не, не… Вие со Нада дојдете во Струга… Помлади сте… хе, хе, хе…
– Дојдете вие, тука е и Густав Влахов, ќе поразговараме малку за една многу важна работа.
– За кого важна?
– За Македонија.

(Крај)