Многу познат, малку признаен

842
НЕЗАБОРАВНИК: Димитар Влахов – 1878 – 1953 – 2018 година

На 7 април се навршуваат 65 години од смртта на истакнатиот македонски револуционер и државник Димитар Влахов (1878-1953) „Нова Македонија“ потсетува на дел од неговата богата револуционерна и општествено-политичка дејност

Нема пример на функционер во македонското револуционерно и општествено политичко дело што е исполнет со толку многубројни активности и контакти со светот, како што е тоа случајот со Димитар Влахов. (Во современата македонска политика можни споредби се функциите на Лазар Колишевски и на Лазар Мојсов, но тие се резултат на доверени и добиени функции и задачи во рамките на актуелните состојби во поранешната заедничка држава Југославија). Димитар Влахов е единствениот македонски револуционер и општественик што може да се пофали дека добил високи општествени ангажмани во политичкиот живот во повеќе земји низ Европа и кој имал лични средби и заеднички работел со многубројни истакнати личности од светската политичка елита. Тоа му ги овозможиле должностите што ги добивал, но, пред сѐ, тоа било и резултат на неговата посветеност на работата и резултатите во неа. А бил раководител на Македонската револуционерна организација, на Народната федеративна партија, на Солунската социјалистичка федерација, на ВМРО Автономна и обединета, во Македонскиот научен институт и Сесловенскиот комитет во Москва, трговски и дипломатски претставник на Бугарија во Киев, Одеса и Виена, во Коминтерната, на Комунистичката партија на Југославија и на Македонија, потпретседател на АВНОЈ и во највисоките органи на АСНОМ и на КПМ. Прв претседател на Народноослободителниот фронт на Македонија и ред други должности… И секогаш бил и останал голем Македонец.

Младиот кукушанец како да бил предодреден за политичка кариера. Растен во револуционерно семејство и во град од кој потекнуваат Гоце Делчев и редица други македонски револуционери, тој на 19-годишна возраст се вклучува во Македонската револуционерна организација, се среќава со Делчев, ги следи активностите на македонската социјалистичка група на Главинов во Софија и чита социјалистичка литература на француски јазик во тамошната библиотека. Уште тогаш осознава дека „македонското движење не е ниту бугарско, ниту грчко, ниту српско и дека Македонија е земја што заслужува да биде една одделна единка, чиј народ е посебен народ во смисла на тие на соседните балкански земји, дека тој има своја историја, своја култура, своја непрекината во текот на десетици години револуционерна дејност за ослободување и дека тој народ има свој голем придонес во делото на општословенската култура“.

Тоа го определува да биде доследен во борбата против големобугарските, големосрпските и големогрчките аспирации и длабоко уверен дека само револуцијата и социјализмот можат на македонскиот народ да му донесат слобода, обединување и независност и чесно, суверено место меѓу балканските народи. По учителствувањето во Белоградчик (Бугарија) и Солун, во 1900 година оди и во Германија да изучува хемиски науки. Во Јена, Берлин, Брауншвајг и Штутгард, а потоа во Грац (Австрија), во Берн, Нојшател и Женева (Швајцарија) се посветува на хемијата и на усовршување на германскиот и на францускиот јазик, се самообразува во читалиштата и ги посетува предавањата на Клара Цеткин, Плеханов, Луначарски, Лав Троцки и Ленин и редица други европски социјалисти.

„Ако сакаш да му бидеш полезен на својот народ, треба да бидеш меѓу него, да ги проучиш неговите болки и да го организираш за една цел, која во најблиска иднина може да биде реализирана“, ќе запише Влахов подоцна во своите мемоари.
Со стекнатиот углед е кооптиран во Централниот комитет на Македонската организација и раководи со револуционерната организација во Солун, како нејзин претседател. По победата на Младотурската револуција едногласно е избран за пратеник во отоманскиот парламент (1908-1912 г.) од прогресивната социјалистичка левица и од македонското малцинство во Солунскиот санџак.

Оратор и на турски јазик

Станува омилен и во парламентот, бидејќи секогаш зборувал (никогаш не читал!) на чист турски јазик за проблемите на сите народи што живеат во Турција. Ги критикувал зулумите и самоволијата на војската врз македонското население, ги брани емигрантите – доселеници, ја критикувал аграрната реформа, а особено го привлекол вниманието во парламентот и во целата јавност со својот неколкучасовен говор за буџетот на земјата во 1911 година.

„Отсега натаму, со говорот на г. Влахов започнуваат вистинските дебати по буџетот“, изјавил депутатот Емануел Карасо. Друг дополнил: „Овој млад депутат од Солун, Македонија, не го поминува своето време по кафињата како што го прават тоа повеќето од нас, пустејќи си го времето во нив, туку чита, се информира, оди меѓу народот, за да дознае кои се неговите нужди и се јавува тука да зборува како да му се помогне на тој народ“.

А Влахов, меѓу другото, рекол:
„Конституциона Турција не треба да се плаши од организираното работништво. Тоа е најголемиот заштитник на конституциониот режим, противник на експлоатацијата што ја вршат месните и странски капиталисти, кои, општо кажано, не му се пријатели на тој народ. Во работничките организации нема ни национализам, ни шовинизам. Во нив се групираат работници Турци, Македонци, Грци, Курди, Ерменци. Оној што спречува нивно организирање, ги потсечува корените на режимот“.

Влахов говорел и за неопходноста од подготвување квалификувани работници, за заштита на нивните интереси, како и за заштита на работништвото. „Во нашата земја има многу работници, а се жалиме дека за работниците нема доволно работа. Вистина е, нема способни работници, но зарем не може тоа да станат? Ќе станат зашто оние наши работници што одат во Америка, Бразил, се квалификуваат и работат за напредокот на тие земји. Ако отвориме индустриски училишта, и ние ќе имаме способни работници…“ Печатот во Цариград и целата јавност биле особено возбудени од ставот на Влахов да се дозволи доселување на Евреите во Палестина (тогаш дел на Царството), наспроти забраните што ги ставале арапските феудалци заради проширување на нивните имоти. „Говорот на младиот солунски депутат Влахов ќе биде одбележан со златни букви во историјата на еврејскиот народ“, напишал весникот.

Во знак на благодарност, подоцнежниот премиер на Израел, Бен Гурион го поканил Влахов да го посети Тел Авив, кој израснал како град по тоа доселување и предложил една улица во градот да го носи неговото име. Но, ниту македонската амбасада во Израел, ниту македонската колонија на доселеници околу реализацијата на овој предлог немаат сознанија, а, за жал, ниту гледаат добра можност со таа иницијатива да си ја збогатат својата активност. Влахов во тој период во печатот и во парламентот поведува и иницијатива за создавање балканска федерација, предлага збратимување на балканските народи. Како претставник на Солунската социјалистичка федерација продолжува со агитација низ градовите поради што грчката власт го затвора и протерува. По Балканските војни Македонија е распарчена, а Солун паѓа во рацете на грчката власт.

Во пеколот на братоубиствената војна

Со параход преку Цариград и Варна, стигнува до Одеса, каде што е вработен како трговски претставник. Со денунцијации дека е социјалист и пријател на Евреите, и од Одеса е вратен, при што е мобилизиран во бугарската армија. Од воените редови е назначен за привремен опкружен управител на Штип, а подоцна и на Приштина, за да заврши во Дирекцијата за стопански грижи во Софија. По повторното ангажирање како учител (во Казанлак), испратен е за трговски претставник во Украина. Во Киев и во Одеса се приклучува на барањата од македонските печалбари да се оформат како одделна група при Советот на болшевиците. Во Варна станува секретар на Трговската комора и пројавува значајни и успешни активности со предавања и анализи за стопанските кризи во светот и Бугарија. Пролетта 1923 година, е дел од бугарска делегација на европска економска конференција во Џенова и се труди да воспостави понепосредни врски со Русија. Поблиски контакти и помош од Русија очекува и првиот човек на организацијата, Тодор Александров, кој го ангажира Влахов да преговара за тоа со Русите. На тој начин Влахов се вклучува најактивно во македонското револуционерно движење, кое во тие години е преплавено од крвта на братоубиствените борби во кои се убиени неколку илјади македонски револуционери.

Влахов во март 1924 година успева да ги седне на една маса во Рим тројцата раскарани членови на Централниот комитет на ВМРО, Александров, Протугеров и Чаулев. По долги дискусии тие ги прифаќаат принципите за самостојна револуционерна борба на македонскиот народ, ја подвлекуваат потребата од обединување на македонскиот и балканскиот фронт. Уште во текот на Народноослободителната борба на југословенските народи, на 29 ноември 1943 г., во Јајце е избран за потпретседател на Антифашистичкото веќе на народното ослободување на Југославија, а на 13 ноември 1944 г., заедно со другите воени македонски раководители влегува во ослободеното Скопје. На 24 ноември таа 1944 г., е избран за претседател на Народноослободителниот фронт на Македонија. Почитуван е од Тито, но не и од Кардељ, кој, како тогашен министер за надворешни работи, не му дозволил да го посети Израел, каде што му подготвувале признание за неговиот придонес за еврејското населување. „Димитар Влахов бездруго е една од неодминливите и највозбудливите историски фигури на македонската револуција, личност чиј придонес и историско значење македонската историска наука допрва ќе го изучува и ќе го вреднува“, ќе запишат Ванѓа и Коле Чашуле, приредувачи на книгата со неговите мемоари.


Без споменик!

Во спомен на великанот на македонската револуционерна мисла во Скопје е именуван левиот кеј на реката Вардар, од Камени мост до МАНУ, како и едно средно стопанско училиште. Низ земјата има повеќе улици и училишта со неговото име. Но ниту во Скопје, ниту некаде во Македонија има споменик или какво било друго спомен-обележје што населението ќе го потсетува на неговиот лик и дело. Во шумата од споменици не се најде место за овој бор-корифеј во македонската историја. Ниту Социјалистичката партија на Македонија не пројави некаква иницијатива да ги одбележи ликот, делото и неговиот придонес за македонската револуционерна борба, а особено за развојот на социјалистичката мисла и социјалистичка организација во РМ.


Полиглот и автор

Димитар Влахов францускиот јазик го научил уште во гимназиските клупи во Кукуш и Солун, а го усовршил за време на своите престои во Швајцарија. Многу добро се служел уште и со турскиот, рускиот и со германскиот јазик. Со познавањето на бугарскиот јазик и на неговиот мајчин, македонскиот јазик, Влахов остварувал успешна комуникација со масите, а тоа му овозможувало да биде ангажиран во многу државни и политички мисии во текот на неговото работење. Влахов бил главен уредник и издавач на весникот „Македонско дело“ и на списанието.

Сталин Лозановски