Македонското име на историската сцена

215
Светите браќа Кирил и Методи

Фељтон – Преродбенските пројави на македонството (1)

Првиот претседател на современа Грција, Јоан Каподистрија, кој, како висок руски државник, во 1828 год. во планот за поделба на европска Турција предлага територијата на Бугарија да влезе во Србија, а Македонија, како одделна самостојна држава да се формира на просторот од Стара Планина до Олимп

Фељтонот што го објавуваме содржи делови од книгата „Историските основи на Македонската академија на науките и уметностите“ од д-р Блаже Ристовски, издадена по повод 50 години од формирањето на МАНУ. Книгата, од околу 400 страници, опфаќа период од речиси сто и педесет години. Низ нејзините страници, со претставени архивски документи и научни сознанија, се согледува една јасна слика за појавата на македонството како национална идеја на македонскиот народ, за неговата етничка самобитност, за неговиот јазик, култура и традиции што го разликуваат од другите балкански народи. Насловите, поднасловите и меѓунасловите се редакциски

Пишува д-р Блаже Ристовски

Македонија е земја со милениумско име и со богато историско наследство од јазици и култури од повеќе цивилизации и империи. До IV в.н.е. на овие простори во употреба се главно старогрчкиот и латинскиот јазик и писмо. Во V в. во Македонија се доселуваат голем број племиња на Словените/Склавините, а истовремено на просторот на денешна Бугарија етнокултурно блиските племиња на Антите, кои во VII в. се завладеани од малобројните азиски Протобугари и на територијата меѓу Дунав и Стара Планина создаваат воено силна и непријателска на Византија протобугарска паганска држава.
Словенските племиња во Македонија во границите на христијанизирана Византија создаваат полудржавни обединенија што во историјата се познати како македонски Склавини (Makedonan Sklauinas),кои постепено стануваат говорно мнозинско население во Солун и околината. Во 863 година св. Кирил и Методија, врз основа на говорот на македонските Словени за византиските црковно-политички потреби, преку Великоморавската мисија го создаваат четвртиот сакрален и државен писмен јазик во Европа. Преку мисијата со името на словенскиот јазик и писмо им го даваат и општото име на сите Словени. Пред 1.100 години, по смртта на архиепископот Методија (885) и распаѓањето на словенската мисија во Великоморавија, Охрид станува глаголички центар не само на македонската туку и на словенската писменост, уметност и духовна култура.

Кирилското писмо – државно писмо во Самуиловото Царство

По воведувањето на кирилското како државно писмо во Самуиловото Царство, периодот од XI до XIV век, кирилската писменост доживува сестран континуиран историски развиток. По османлиското завладување на Македонија настануваат нови историски околности што старословенската писменост во голема мера ја ограничуваат во црквите и манастирите на Охридската архиепископија.

Во Солун во XVI век се појавува зборникот на Дамаскин Студит, „Сокровиште“, на грчки народен јазик и истовремено е направен и првиот превод на овој зборник на македонски народен јазик и брзо се создава богата сакрална и профана дамаскинарска писменост култура што доминира до почетокот на XIX век.

Врз основа на долгиот преродбенски процес, во пазувите на македонската творечка интелигенција од XIX и особено во првата половина на XX век, се создава современата македонска држава и израснува Македонската академија на науките и уметностите, основана со Закон донесен на 22 февруари 1967 година од Собранието на Република Македонија.

Почетоци на преродбенските процеси

Преродбенскиот процес во Македонија започнува со културно-просветното и духовно-националното будење и се темели на сознанијата за потеклото, историското минато, јазикот и духовноста во пазувите на осумвековната Охридска архиепископија. И пред XVI век во европските карти ги цртаа етничките и географските граници на Македонија, а земските грбовници – со посебен хералдички оформен грб ја обележија и земјата Македонија. Во XVII век австрискиот цар Леополд на Карпошовите востаници и на народот во Македонија им се обраќа со македонското име. Со него тие и се повлекоа и го однесоа во Австрија. А кога во XVIII век истите тие бегалци се префрлија во Русија, во руските имигрантски списоци се регистрираа дека се „из македонскои нациеи“ и како такви се вклучија во посебниот Македонски полк, различен од другите балкански христијански имигрантски полкови во тогашна Украина. За тоа има пишувано А. Матковски (Македонскиот полк во Украина).

Во разгорот на Руско-турската војна во 1829 година, во слава на руските војски, Македонецот од Филипопол Трифон Неделјович Давидск испеа „македонска песна и во обраќањето до жителите македонски ’тој ги повика Македонците’ за верата Христова и за верноста на нашата татковина“, „да востанат сите Македонјанци“ за да се ослободи и „нашата праотеческа земја Македонија“, а не само Бугарија, „којашто се наоѓа од Дунав до Стара Планина.

Пред и по Берлинскиот конгрес

Во тоа време сите поважни автори имаат таква претстава за Бугарија и Македонија. Само недоволно информираниот Јуриј Венелин, кој со руските војски стигна само до Варна (1829), исцрта своја слика за Бугарија, но растегна опширни граници и за Македонија. Таа претстава ја потврдува и првиот претседател на современа Грција, Јоан Каподистрија, кој, како висок руски државник, во 1828 год., во планот за поделба на европска Турција предлага територијата на Бугарија да влезе во Србија, а Македонија, како одделна самостојна држава, да се формира на просторот од Стара Планина до Олимп. А тоа е токму територијата на „Словенското Кнежество“ што го управуваше кнезот Методија во IX век. Таа меморија се зачувала сè до Берлинскиот конгрес (1878), кога, покрај Кнежеството Бугарија, беше изделена и автономната Источна Румелија.
И американскиот протестантски мисионер во Смирна, Елијас Ригс, во 1844 год. во своите „Белешки за граматиката на бугарскиот јазик“ (на англиски јазик) пишува дека Бугарија е од Дунав до Стара Планина. И така беше cè до создавањето на Бугарската егзархија (1870) и до Берлинскиот конгрес (1878), кога не случајно беше изделена Источна Румелија надвор од бугарските граници, но под руско влијание е ставена под духовно-просветна јурисдикција на егзархијата, која воведува бугарски школски систем, со бугарски јазик и воспитание. И така, по Обединувањето (1885), се заокружува претставата за границите на Бугарија и за територијата на денешниот бугарски народ.

Меѓутоа, во 1844/45 година рускиот славист Викотор Григорович ги посети териториите на Бугарија и на Македонија и во публикацијата „Патување по европска Турција“ (1848) првпат научно ги проучи и ги издвои како посебни бугарското од македонското наречје и му порача на Д. Миладинов да му напише македонска граматика.
Кривопаланечкиот учител Ѓорѓија Маќедонски, во запис од 1846 година, со гордост изјавува: „Словенското писмо го научив од татко ми Димитрија Маќедонски, којшто така се вика зашто сме Маќедонци, а не Грци…“ И јерејот Димитрија од истиот крај во 1848 година запишал: „За моето назначување најмногу се заложи г. Михаил Маќедонски, зашто сум роден Маќедонец и службата си ја терам по словенски…“
Во 1858 год. Партенија Зографски, покрај учебниците „на македонско наречје“, направил подготовка и за граматика „на македонското наречје“ (Блаже Конески, Кон македонската преродба. Македонските учебници во 19 век).

Во април 1860 година „Цариградскии вестник“ пишува дека печатарот Киријак Држилович во Солун набавил словенски букви „за да печати книги на македонски јазик за овдешните жители“, но наклеветен од Грците, Турците му ја затвориле печатницата (Блаже Конески, цит. дело). Во 1868 год., покрај неколкуте објавени учебници „на македонското наречје“, Кузман Шапкарев најави дека ќе напечати и една „Граматика с доса забележванија за македонското наречие и сравненија с Горно Блгарското“. И Ѓорѓи Динката во 1870 год имал подготвено граматика и работел во училиштето по неа.

Првите никулци и раѓање на македонството

На 23 јуни 1870 година, во моментот на конституирањето на Бугарската егзархија, во цариградскиот весник „Македонија“ еден Македонец во статијата „Еден глас за цела Македонија“ го постави прашањето: „…не е срамота да ни кажат… барем да не си ја бувтаме главата суетно, та после да си имаме поголеми главоболија, прашања македонски“.

Тогаш бугарскиот културно-национален деец Петко Славејков во весникот „Македонија“ (18 јануари 1871) во статијата под наслов „Македонското прашање“ првпат пред европската јавност призна: „Најпосле македонското прашање излезе најаве и се покажа во печатот… Ние го имаме слушано уште пред десетина години од некои од Македонија… Многупати сме слушале од македонистите дека тие не биле Бугари, ами Македонци, потомци на Старите Македонци…, зошто и денешните жители да не се од македонска крв? Тие се прави Македонци, чисти Словени…“ Славејков кажува дека Македонците ја посочуваат разликата помеѓу македонското и горнобугарското наречје, од кои првото било поблиску до словенскиот јазик, а второто било помешано со бугаризми и др.“ Затоа во Велес самите Македонци му подвикнале на Славејков: „Се откинавме од Грците, под други ли да паднеме?“

(продолжува)