И Србите против македонските стремежи

218

Преродбенските пројави на македонството (8)

За да ја канализира српската јавност, наскоро по настапот на Мисирков во Белград за македонското прашање, од Пропагандното одделение на Министерството за надворешни работи беа организирани два семинара што прераснаа во јавни собири со бурна дискусија, каде што настапија најистакнатите имиња на српската славистика, лингвистика, историја и географија: Јован Цвииќ, Љубомир Јовановиќ, Станое Станоевиќ и Александар Белиќ. Притоа беше истакнато дека „за тие посебни, ’македонски’ стремежи не може сериозно да се зборува како за национална појава

Пишува д-р Блаже Ристовски

Кога по враќањето од Белград Мисирков во софискиот весник „Ден“ (1904) ги објави впечатоците од посетата на Србија, Редакцијата во фуснота му одбележа:
„Г. К. Мисирков е следбеник на Петербуршката студентска група, која – по сугестија од некои словенофили – се наканила од македонскиот бугарски дијалект да прави посебен литературен јазик. Со таа цел тој сега скоро отпечати и една брошура ’За македонцките работи‘, којашто по идеи – нека ни е простено да речеме – е ексцентрична, а по стил е чисто бугарска книга, т.е. доаѓа уште еднаш да покаже дека дури и при преднамереност македонскиот дијалект е одвај ли не поблизу – особено по културата – до нашиот литературен јазик, отколку што е, на пр., говорот на Хасково или, на пр., говорот на подуенските Шопи“.
Истовремено уредникот на софиското списание „Книгопис“ проф. Александар Теодоров-Балан само кратко ја регистрира излезената книга на Мисирков и не без иронија потсети дека авторот, поради националното име Македонец и поради идеите за македонската народност и за јазикот, бил „исвиркан“ „и од Србите кога неодамна им го толкувал во Белград“.

Примероци од книгата во Виена

Па сепак, идеологијата на Другарството, изразена во Мисирковата книга, сериозно ги замисли и Белград и Софија. Првин се обидоа јавно да ја дискредитираат, но тајно и бесшумно поведоа организирана кампања. Српското Министерство за надворешни работи му порача на својот дипломатски застапник во Софија да му достави 50 примероци од Мисирковата книга. На 12 јануари 1904 година купените примероци стигнале во Белград и веднаш беа распределени на надлежните места. Само по три дена Стојан Новаковиќ му пишува од Белград на познатиот славист во Виена Ватрослав Јагиќ: „Завчера Ви пратив една книга печатена дниве во Софија на македонскиот дијалект. Авторот е од руските школи; беше овде пред кусо време, а тој е оној учителот што беше со загинатиот битолски руски конзул Ростковски. И овде на Великата школа одржа некое јавно предавање за своите идеи, не наоѓајќи особен одзив. Ви го испратив тоа како куриозум (ништо друго и не е), зашто кај мене имам уште еден егземплар“.

Во тој момент и за Ст. Новаковиќ, кој и самиот се сретна со Мисирков во Белград (и му го даде својот сепарат за Ичковиот мир), беше многу важно да го неутрализира влијателниот Јагиќ, зашто пред тоа тој во виенскиот весник „Неуе Фреие Прессе“ објави поголема статија за Македонија и Македонците и наведе дека „некои Македонци мислат да внесат во училиштата некој од своите месни дијалекти“. И самиот Новаковиќ од Петербург му имаше пишано на Јагиќа дека „Македонците, на пр., не сакаат сега ни со Бугарите ни со Србите, туку ги има што размислуваат како ќе пишуваат на македонски“.

Србите подготвени и за македонска автономија

Не задоцни ни бугарската страна со пресија врз ставовите на Јагиќа. На 27 декември 1903 година, кога книгата на Мисирков беше излезена и тој се врати од Белград, а беше формирано и новото Македонско научно-литературно другарство во Софија, првата личност на бугарската славистика и некогашен загрепски студент Љубомир Милетич енергично му реагира на виенскиот славист зошто за подготвуваната Енциклопедија на словенската филологија делот за македонските говори му го доверил на рускиот славист Петар Лавров, кога би можел тоа да го напише и самиот Јагиќ или, пак, бугарските филолози Цонев и Шишманов. „Да се вовлекуваат во Енциклопедијата некаквиси ’Македонские Славене’ и да се одделуваат македонските говори во посебна група – тоа не треба да се допушти, зашто од научно гледиште тоа никако не може да се оправда…“.

Јован Цвииќ

А за да ја канализира и српската јавност, наскоро по настапот на Мисирков, „по иницијатива на четворица професори на Великата школа“, во истата сала и за истото македонско прашање, од Пропагандното одделение на Министерството за надворешни работи беа организирани два семинара што прераснаа во јавни собири со бурна дискусија, каде што настапија најистакнатите имиња на српската славистика, лингвистика, историја и географија: Јован Цвииќ, Љубомир Јовановиќ, Станое Станоевиќ и Александар Белиќ.

Притоа беше истакнато дека „за тие посебни, ’македонски’ стремежи не може сериозно да се зборува како за национална појава“, па, во духот на веќе започнатите спогодбарски преговори со бугарската влада, акцент му беше даден токму на националното и на јазичното прашање и беше препорачано: „…би било добро да се земат српскиот и бугарскиот, паралелно обата јазика во целата земја, во сета службена употреба и во целиот јавен живот, како наполно рамноправни. Така бугарскиот конечно би можел да се утврди во оној дел од земјата што и сега има повеќе бугарско обележје, српскиот во населението што има српско обележје. Секако тогаш по мирен пат иднината би расправила кој од двата јазика има повеќе права да живее во Македонија, цела, или едниот во еден, а другиот во друг нејзин дел“.
На крајот сепак се потсетува:

„Србија може да се согласува на политички договори и спогодби – како што е автономијата македонска, но таа и нејзините свесни синови не смеат да заборават дека таму има српска земја, дека тоа е дел од татковината, значи нешто што никој не е овластен да го отуѓи ни да го отстапи“. Тоа беше всушност во унисон со текстот од заедничката резолуција на српските и бугарските студенти, објавена во белградска „Политика“ на 12 јануари 1904 година, каде што јасно се декларира дека „македонското прашање не е прашање ни на Србија ни на Бугарија ни на Грција итн., туку на прво место и исклучиво прашање на поробените народи што живеат таму“.

Ставовите на Никола Пашиќ

Ова, пак, беше наполно во согласност со ставот на Никола Пашиќ, кој на 11 февруари беше му го рекол на бугарскиот вршител на работите во Белград Хесапчиев: „Јас му реков дека порано бев решителен противник на автономијата на Македонија. Не признавав дека има и трета словенска народност на Балканот освен Србите и Бугарите, па според тоа и не би требало по секоја цена да се создаваат уште и Македонски Словени. Тие се или Срби или Бугари. Оние делови што се поблизу до Србија и кои повеќе се изложени на српското влијание – тоа се Срби, а оние делови што се поблизу до Бугарија – тоа се Бугари… Најпосле, не мислев дека за правилниот развиток на балканските држави е потребно или оправдано да се создава уште и четврта словенска државичка. Но, – додал Пашиќ – бидејќи условите многу се променија откако големите сили го зедоа тоа прашање во свои раце и работат на некои реформи, и јас ја прифатив таа идеја ’за автономијата’ под извесни услови, а тоа се: новата словенска државичка не смее да биде на штета на српската држава. Нејзиното држење треба да се организира на начин што ќе го олесни животот и постоењето како на Србија така и на Бугарија“.

Сето ова беше преточено и во потпишаниот „Сојузен договор помеѓу Кнежество Бугарија и Кралство Србија“ од 30 март 1904 година, во чија преамбула се нагласува дека двете монархии „се одушевени од желбата на нивните народи да се зачува територијалниот статус кво на Балканскиот Полуостров и да се подобри судбината на нивните сонародници во Отоманската Империја“. Тоа се потврдува и во чл. 1 од Договорот, каде што се прецизира дека во трите вилаети во Македонија двете држави „ќе ги обезбедат животот, имотот и слободниот развиток на своите сонародници во тие вилаети врз основа на рамноправноста на народностите во секој однос“.

(продолжува)