Идентитетот ниту може некој да го даде, ниту да го земе

346

Весникот „Нова Македонија“ во неколку продолженија ќе го објави политичкиот фељтон, под заеднички наслов „Идентитет, меморија, заборав“, од професорот Илија Ацевски. Во текстовите професорот Ацевски на научен, но и популарен начин ги разгледува идентитетските прашања на Македонците во склопот на договорите за пријателство и соработка со Бугарија и со Грција, се осврнува на историски настани, случувања и личности од македонската историја и нуди мислења од историски и социолошки аспект. Сепак, во центарот на фељтонот е прашањето каква нација се Македонците

Идентитет, меморија, заборав (1)

Пишува проф. Илија Ацески

Дали релативно доцното создавање на македонската држава, во споредба со другите балкански држави, значи дека македонската нација е „вештачка“, а другата, грчката, на пример, е „автентична“

Со потпишувањето на Преспанскиот договор/спогодба со Република Грција и Договорот со Република Бугарија започна, или би требало да започне, една сериозна расправа за тоа дали реално нешто се менува/ќе се менува во сферата на идентитетот, дали некој толку лесно однадвор може да предизвика некое суштинско нарушување во доживувањето на идентитетската припадност во сферата на националното и слично. Во размислувањето поаѓаме од ставот дека идентитетот ниту може некој да го даде, ниту може да го земе; може, кога станува збор за некои стратегиски прашања од поширок интерес, или кога ќе бидат решавани некои од проблемите што произлегуваат од историските случувања во поблиското или подалечното минато, или едноставно непроблематизирани; или, пак, да се настојува на ново промислување на колективната меморија или ново толкување на историските настани во функција на зацврстување на она што реално постои, не менување граници, не/признавање малцинства, прифаќање теоретски позиции што одат во прилог на тезата за постоење на ,,вештачки“ и ,,природни“ нации, на присвојување периоди од подалечната историја и слично.

Македонската нација не е вештачка

Кога тоа ќе го доведеме во однос на примерот со формирањето на идентитетот на Македонците, речиси не постои нешто што излегува надвор од шемата што е својствена за другите, особено кај соседите, дека сите поминувале низ долгиот сложен процес на формирање на нацијата, а посебното, специфичното, е нешто што во даден момент одиграло улога така како што го предизвикале околностите. На пример, дали постои суштинска разлика во начинот на изразување на националистичката идеологија кај нациите на просторот на Балканот? Или дали релативно доцното создавање на македонската држава, во споредба со другите балкански држави, значи дека македонската нација е „вештачка“, а другата, грчката, на пример, како што вели Лоринг Данфорт, е „автентична“. Според една дефиниција на политикологот Гуно, нацијата не е ништо друго туку „уникатна комбинација на историски дадености“, која никогаш не е ограничена на една мерка, јазична, религиозна, расна, социјална; таа ги обединува луѓето врз основа на тоа што биле и – една нација нема друга дефиниција освен „историската“, таа е место на општата заедничка судбина. Таа судбина или спомен се бара или се однесува на некоја запаметена територија, врз која се полага право уште од дамнешни времиња, од античкиот или од римскиот период, но тие претензии постепено ги неутрализираат процесите на глобализацијата, што го доведува во прашање концептот на нацијата држава, кој влегува во криза.

Во размислувањето поаѓаме од ставот дека идентитетот ниту
може некој да го даде, ниту може да го земе

Но што се случува на Балканот, дали национализмот на Балканот има некоја специфика, дали станува збор за нешто што не се сретнува на некое друго место, која е неговата функција? Одговорите на овие прашања се мошне сложени, но едно е неоспорно, дека, кога се говори за балканскиот национализам, неизбежно се мисли на создавање држави-нации што не се својствени за Западна Европа, туку „хомогени етнички нации“, проследени со многу насилство низ многу долг временски период, кој предизвикал големи демографски нарушувања, проследени со асимилација, раселување и коренити промени на структурата на населението – тука се мисли, пред сè, на Македонците.

Нехумана грчка политика

За тоа доволно говори прогонот на Македонците меѓу двете светски војни и Граѓанската војна 1946-1949 година во Грција, кога низ една нехумана и недемократска политика се извршени големи злосторства. Она што го обременува навраќањето на историјата, кое разединува, а не обединува, е она што се заканува дека секој момент може да дестабилизира, да ги извлече од меморијата историските факти и да ги стави во функција на омразата и на несреќата. Прашање е како да се дојде, како што вели еден од креаторите на идејата за Европската Унија, Роберт Шуман, до националното, кое ќе се потпира врз националните темели, каде што нема одрекување од минатото, туку доаѓа до нов процут на националните енергии, преку нивно заедничко впрегнување во служба на националната заедница.

Сечење на корените

Можеби некои со право веруваат во тоа, имајќи ги предвид договорите со Бугарија и со Грција, кога дел од минатото длабоко се потиснува или се прави обид да се избрише од колективната меморија во прилог на иднината; едноставно, дел од историјата се става во функција на иднината, без која нема ни историја. Но, како што вели Лакроа, да се прифати „идеологијата на новото време, значи да се сечат сопствените цивилизациски корени“, да се изврши прекин на традицијата. Ако тоа се однесува за сите народи на Балканот, пред сè, тоа би било сосема нормално, но ако се однесува само за некои, тоа е нешто ненормално, нешто што е поврзано со други интереси, за што некои од засегнатите страни немаат влијание. Добар пример за тоа е присвојувањето на историјата на Античка Македонија од страна на Република Грција, која полага исклучиво право на тоа дека таа му припаѓа исклучиво на грчкиот народ, на Грција. Кои се аргументите на историјата како наука, дали таа може да понуди нешто во прилог на тој став? Дали паролата „Македонија е грчка!“ е само националистичка парола?

Можеби некои со право веруваат во тоа, имајќи ги предвид договорите со Бугарија и со Грција, кога дел од минатото длабоко се потиснува или се прави обид да се избрише од колективната меморија во прилог на иднината; едноставно, дел од историјата се става во функција на иднината, без која нема ни историја

(продолжува)