Идеите на Александар мост за разбирање и соработка

1042

ДА ПРОДОЛЖАТ ИЛИ ДА СЕ ПРЕКИНАТ ПРЕГОВОРИТЕ ОКОЛУ „РАЗЛИКАТА“ ЗА ИМЕТО НА НАШАТА ДРЖАВА? (13)

Сакам да верувам дека, постојат милион можности, кои би можеле да помогнат да се дојде до решавање на кој и да бил и каков да бил проблем. Но, за да би било тоа можно и еднакво прифатливо и за двете страни потребно е секоја од нив одделно, а потоа и заедно да смогнат сила да се откажат од стариот начин на гледање на проблемот и истиот тој да го погледнат на нов начин. Тоа ќе значи, на него да гледаат низ „очилата“ на нивната самосвест, потпомогната, уште и од мечта и совеста нивна. На тој начин, тие, пресретнувајќи се со старите сценарија, длабоко вкоренети како своевидни предрасуди и судови, постепено, но сигурно истите тие ќе ги заменат со сосема нови сценарија, сообразени со нивните најдлабоки вредности и принципи, кои единствено и му придаваат значење на квалитетното одделно и заедничко живеење и општење на граѓаните од двете држави, но и на самите тие држави.

Граѓанската војна во Грција

Друг пример, кој, исто така, е податлив да се наведе во контекстот за кој зборувам, и околу кој, исто така е потребен пристапот изнесен погоре, е случајот поврзан со Граѓанската војна во Грција (1945-1949 година). Имено, потребно ќе биде отворено да се проговори за тоа дека Република Македонија, во основа диригирана од Југословенската Федерација, но и самата оваа федерација, на одреден начин биле вклучени во оваа војна. Чесно е тоа да се признае. Ова вклучување во внатрешните работи на Грција, иако формално било заради поддршка на Македонците (или како Грција ги нарекувала „славофоните“ и слично на тоа) од Егејскиот дел на Македонија вклучени во Демократската армија на Грција (ДАГ), сепак, суштински гледано, било инспирирано од мегаломанските идеи на претседателот Тито, кој се замислувал како неприкосновен лидер на некоја голема балканска федерација, која ја посакувала. Цената од таа авантура, ја плати самата Грција, но и македонското население, кое масовно беше вклучено во ДАГ (повеќе илјади загинати во војната, десетици населени места опожарени, илјадници раселени и, скоро 30 илјади деца бегалци од Грција, повеќе од нив Македонци).

Александар и неговите идеи

На самиот крај, сакам да им препорачам на преговарачите и на сите други инволвирани во овој процес при разгледување на ваквите и слични прашања да се вратат назад и во антиката, но не за да се истоштат во докажувањето кој колку е во право во поглед на античкото наследство, туку да го слушнат гласот од брилијантните антички мислители, какви што се на пример Платон, Аристотел, Сократ и Софокле. Тогаш убеден сум дека во поглед на одредени нешта за кои се залагале ќе се почувствуваат посрамени.
Кога зборуваме за антиката, со оглед на фактот што на одреден начин и името на самиот Александар Македонски се испреплетува во актуелниот спор со Грција заслужува со неколку збора да се запрам и на него. При ова мој интерес ни порано ни сега не е кој бил и што бил тој: Грк или Македонец различен од Гркот, (и во поглед на тоа „војни да се водат“), туку кои и какви биле неговите идеи. Ова го велам затоа што неговото траење е во доменот на идеите, а не во неговото физичко-биолошко постоење. Многу и пред него и по него постоеле, па ништо. Тој што и да бил, каков и да бил факт е дека си припаѓа на неговото време и од тој аспект гледано добро би било да престанеме да го „вознемируваме“. Но она што останало и по тоа негово време се неговите иди.

Исти права за сите

Верувам дека многу ќе се согласат со мене, дека тие (неговите идеи) немаат „своја татковина“ определена по род. Нивна „татковина“ се како оние од негово (Александровото) време, кои ги прифаќале и го дале својот влог за нивно реализирање, така и сите идни, по него, генерации и генерации, кои биле, се и ќе бидат инспирирани од нив, независно, притоа, од нивниот географски простор на живеење. Затоа и препорачувам при разгледувањето на можните опции, кои би помогнале во решавањето на апострофираната „разлика“ околу името на нашата држава преговарачите истите тие да ги погледнат и низ диоптријата на неговите идеи. Од мноштвото од нив (кои на некој начин се поврзани и со темата за која расправам, во овој текст) ќе спомнам само две. Првата од нив е идејата за изградба на нов свет заснован, наместо на етнички основи, на еден нов човечки род настанат преку мешање на народите. Токму и затоа тој е првиот што за своја животна сопатничка ја зеде бахтријката Роксана (Малоазијка, со која го добил својот син наследник: Александар). Познато е од делата на неговите проучувачи (Јустин, Аријан, Руф и др.) дека тој, покрај овој личен чин, организирал и свечено колективно влегување во брак на неговите војници со голем број различни по род од нив малоазиски мештанки (невести). Во насока на ова зборува и неговата изјава: „Се оженив како што се оженивте и вие. Децата на многумина од вас ќе им бидат роднини и на моите деца“ (Аријан).

Во контекст на оваа идеја е и неговиот однос во поглед на оставањето во новоосвоените простори и натаму, во негово име, да управуваат роднокрајните владетели. Со еден збор, тој не ги делел народите туку ги обединувал, станувајќи на тој начин владетел на дотогашниот познат свет или поинаку речено владетел на целата екумена. Оттука, и разбирливо станува и неговото расудување, кога, според Руф (10/10) ќе рече „не е недостојно ниту за Персијците, ниту за Македонците ако едните ги преземаат обичаите на другите; нека живеат под истото право сите што се поданици на истиот крал“. Ќе се согласите дека многу од оваа идеја може да се препознае и во државите од новиот свет (двете Америки, Австралија, Нов Зеланд и сл.,). Ми се чини дека не би погрешил ако кажам дека, дури и во евроатлантските сојузи (ЕУ и НАТО) можат да се препознаат елементи од оваа голема Александрова идеја.

Нов обединет свет

Втората идеја, значајна колку и првата, која на некој начин и е поврзана со неа, е идејата за еднозначната вредност на своето божество со божествата на освоените народи. Потврда на ова, повторно, наоѓаме во делата на неговите проучувачи. Имено, од нив дознаваме дека тој при освојувањето на секое ново место барал благослов од тамошното божество на кое и му пренесувал жртви во храмот, а ако таков немало тој и го градел. Впрочем, почитувањето на овие божества, како и своето, не значело друго туку негова верба во постоењето на едно врховно заедничко божество. Поврзана оваа идеја со изнесената погоре негова идеја за изградба на новиот обединет свет не води кон помислата дека тој и преку еднаквата верба во божествата, всушност, се стремел кон отелотворувањето на тој негов нов обединет свет. Во таа смисла, Александар гледан од овој аспект наместо да ги двои и раскарува двата соседни народа и држави потребно е да биде тој што нив ќе ги обединува Тоа е така, но треба да се има доволно ум и разум за да може да се види. Оттука, добро би било наместо да се јава на неговиот коњ Буќефал од која било од страните тие заедно да „јаваат“ на неговите идеи; тогаш верувам дека полесно ќе се разбереме и како држави и како народи на овие држави.

Светски примери на помирување

И за крај: речиси 30 години чекам дека и на овие простори ќе се најде личност со умност, смелост и интегритет каков што во свое време беше Вили Брант, (канцелар на Сојузна Република Германија), кој смогна сили да ја признае тогашната во негово време Демократска Република Германија (Источна) и да воспостави со неа дипломатски односи на амбасадорско ниво (што во прв момент изгледаше како ерес); или како Анвар ел Садат (претседателот на Република Египет), кој во седумдесеттите години (1967), по завршувањето на седумдневната војна со Израел, иако првовремено по нејзиното завршување со жолчност и омраза извикувал: „Никогаш нема да стиснам рака на Израелец, сѐ додека е под окупација и една педа арапска почва. Никогаш никогаш“. Но, сепак, тој истиот Садат, (во еден пресуден момент и за него и за нацијата негова и израелска), ненајавен полетал од Каиро (главниот град на Египет) за Тел Авив, (главниот град на Израел) и побарал од израелските власти да се обрати со своја порака за мир во Кнесетот (парламентот). Тоа е тој пресуден момент, кој во 1978 година доведе до склучување на познатиот Кемпдејвидски договор (САД) за мир помеѓу Израел и Египет. И во двата случаја, за овие великани, како што обично се вели – капата долу.

(крај)