Значајни аспекти на партнерските односи

860

Укажувам на четири аспекти (или подобро речено: црти) поврзани со партнерските односи. Без нивно земање предвид, целосно или барем делумно на она што го нудат, тешко и би било можно да се зборува за постоењето даден партнерски однос. Првиот аспект (црта) се однесува на тоа како преговарачите треба да се однесуваат кон проблемот за кој ги водат преговорите, од една страна, и од друга за односот што секоја од страните треба да го има кон другата страна со која се преговара.

Федерика Могерини

Има две Македонии

Првата компонента од овој аспект, всушност, се однесува на суштината на преговорите. Во нашиот случај, тоа е „разликата“ што треба да се направи околу употребата на именката „Македонија“ во името на нашата држава, со истата именка употребена во името на грчката провинција „Македонија“. Успешноста, во надминувањето на посочената „разлика“, не треба да биде спорно, дека страните во преговарачкиот процес би ги довело до ниво на остарување на нивните поединечни, но, истовремено, и на нивните заеднички интереси. Тргнувајќи од важноста на оваа компонента, разбирливо е дека секоја од страните, пред да влезе во суштинско преговарање, потребно ќе биде да направи продлабочена анализа и планирање, (гледани од повеќе аспекти), со намера, колку што е тоа можно, да дојде, до релевантна процена за нивото на остварливост на сопствениот интерес, но и на интересот на другата страна.

Покрај процената на овие интереси, многу е значајно да се има реална процена и за нивниот заеднички интерес, кој би се остварил со решавањето на постојниот проблем. При ова, сиве овие интереси потребно е да се проценат и во еден поширок контекст (регионален, европски и пошироко). За сето ова да се постигне потребен е тимски приод (каков што на пример, Република Македонија го имаше во подготвувањето и водењето на судскиот спор во врска со повредата, од веќе, цитираната Привремена спогодба. Но, во овој случај се бара и нешто повеќе од тоа. Идејата ми е да подвлечам дека во овие подготовки, место за партиски приод (позиција – наспроти – опозиција) нема.
Прашањето е од таква круцијална национална вредност што бара искористување на сиот стручен, научен и интелектуален човечки ресурс, потпомогнат, уште, и со надворешно знаење. Притоа, сето ова да функционира бара и постојана информираност и повратна комуникација помеѓу сите релевантни институции и политички субјекти во земјата, (без оглед што тие немаат директна вклученост во преговарачкиот процес). Со еден збор, во овие преговори Македонија треба да пулсира како едно. Без да се има предвид реченото, резултатот до кој може да се стигне може да биде и крајно ризичен. Тоа значи дека, секој недоволно согледан аспект од проблемот може да доведе до непредвидливи штетни последици, кои подоцна тешко би можело да се исправат. Може да се рече дека во изминатиот дваесет и петгодишен период имаше малку елементи од приодот за кој се залагам.
Како и да е, партнерот, кој би имал ваков приод односно согледба и оцена на проблемот станува и поохрабрен и посмел во своите барања насочени кон наоѓање на што поприфатливо праведно решение за решавање на проблемот за кој се преговара. Ваквите барања, колку и на прв поглед да изгледаат цврсти, сепак, треба до максимум да се настојува да се остане при нив. Доколку, под одредени услови, и дојде до некакво отстапување од нив тоа треба, исклучително, внимателно да биде направено. Ова, во таа смисла што при евентуално понудена алтернативна опција треба да се внимава таа, во никој случај, да не доведе до загрозување на суштината на решението со кое успешно би биле завршени преговорите. Спротивно од ова, ако која било од страните некритички е попустлива, со надеж дека другата страна ќе знае тоа да го цени, тоа нејзе може да ѝ се врати како бумеранг.

Отстапки и „дарови“ од двете страни

Ова во смисла што кај страната на која ѝ е направена отстапката може да создаде впечаток дека таа и во поглед на други прашања поврзани со преговорите може да издејствува нови попуштања. Добар пример за тоа, иако можеби и не најсоодветен, се британското и француското попуштање (согласување) во полза на Германија, при склучувањето на Минхенскиот договор во 1938 година, помеѓу Велика Британија (Невил Чембрлејн) и Франција (Едмонд Даладие), од една страна, и германскиот Трет Рајх, (Адолф Хитлер), од друга страна. Имено, како што е познато, со него Британија и Франција некритички се согласиле Германија да изврши присоединување на Судетската област од Чешка кон својата територија (која претежно била населена со германско население). Хитлерова Германија охрабрена од оваа попустливост го презела следниот сличен чекор со Полска. Што се случи потоа секому му е познато: наместо мир, светот се соочи со најкрволочната во човековата историја војна (Втората светска војна), која, иако не им ги даде, им ги одзеде животите на повеќе од 50 милиони цивилни и воени лица.

Да се вратиме на Република Македонија. Впрочем, од досегашното водење на преговорите околу користењето на именката „Македонија“ во името на државата, познати ни се примери на отстапки (промена на државното знаме, промена на одредени членови од Уставот), кои за неа не произвеле каква било корист. Во редот на овие отстапки се и последните две: промена на името на аеродромот и името на автопатот, (сега именуван „Пријателство“). Во поглед на последниве две отстапки, не сакам погрешно да бидам разбран, дека нешто премногу ми значеле.
Меѓутоа, кога сме кон ова, не е исклучена можноста, дури, би се рекло дека е и препорачливо, секоја од страните на крајот, ако преговорите завршат успешно, во знак на добра волја и почит да направи, условно речено, одредена отстапка („дар“) за другата страна. Ова, од своја страна, иако за оној што го прави тоа има мала цена, кај другиот ќе создаде исклучително позитивен ефект, кој не може да остане невидлив во натамошното продлабочување на нивните заемни односи. Да повторам. Не на почетокот и во текот на водењето на преговорите, туку, како што е и во меѓучовечките односи, „дарот“ (отстапката) секогаш треба да се случи на крајот.

За разлика од изнесеново во поглед на предметот за кој се преговара, кога станува збор за вториот аспект: односот што во преговорите треба да се има спрема другиот работите стојат сосема поинаку. Имено, ако успешно се дефинира и излачи предметот односно проблемот (во нашиот случај „разликата“), за кој се водат преговорите од самите преговарачи, како личности (страни) во тие преговори, тогаш голема е веројатноста да се избегне опасноста расправајќи за предметот едниот од преговарачите да го повреди или обвини во врска со тој предмет другиот преговарач. При ваква состојба на разграниченост на предметот од личностите што ги водат преговорите за тој предмет, наместо повреда и обвинување, за очекување е преговарачите да имаат исклучително коректни меѓусебни односи.

Меѓусебна почит и толеранција

Во нив основен белег би претставувале заемно искажаната лична поддршка и почит, како и создадената атмосфера и високо ниво на толеранција и меѓусебно разбирање. При вакви односи разбирливо е што за секое упатено барање или поставено прашање, од едната од страните, колку и да тие изгледале неоправдани, се покажува доволна грижа и интерес при нивното разгледување, како што се има и респект при давањето одговор на нив. Ова високо ниво на воспоставени релациски односи, помеѓу преговарачите во партнерскиот однос, е повеќе од значајно. Тоа во таа смисла што, самото ова ниво попречува во процесот на преговарањето да дојде и до инволвираност и испреплетеност на различни видови перцепции, емоции и други човечки својства, што, инаку, штетно би се одразиле на овој процес.

Вториот, исклучително, значаен аспект за кој треба да се води сметка кај партнерските односи е поврзан со прашањето, врз што треба да се концентрираат преговарачите во овие односи: на нивните однапред заземени позиции или на нивните сегашни и идни интереси. Како преттекст на одговорот на ова прашање ќе наведам две препораки, кои деновиве стигнаа од САД и ЕУ, а кои имаат свој контекст и со бараниот одговор на овде поставеното прашање. Добро би било страните во овој преговарачки процес да се запрат на нив.
Првата порака дојде од Соединетите Американски Држави, (преку нивниот Стејт департмент). Тој поддржувајќи ги преговорите, кои, под покровителство на Обединетите нации, се водат помеѓу Република Македонија и Република Грција заради надминување на „разликата“ околу употреба на именката „Македонија“ во името на нашата држава и употребата на истата оваа именка во името на северната грчка провинција „Македонија“, не пропушти да препорача односно да ги охрабри двете страни да демонстрираат поголемо ниво на „флексибилност и креативност“ во наоѓање прифатливо решение за оваа „разлика“. При ова тој (Стеј департментот) не пропушти да укаже и на безбедносниот аспект на ова прашање. Втората порака, пак, е онаа што ја упати, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини. Имено, таа при своето обраќање во македонскиот парламент, во името на ЕУ, им препорача на нашите парламентарци на патот на нашето евроинтегрирање да „трчаат заедно“ (позиција и опозиција ав.заб.), но, исто така „заедно и со своите соседи“.

Лексиката: „флексибилност“, „креативност“, „трчање заедно со своите соседи“, во овие две препораки и не може поинаку да се сфати освен како заложба и на САД и на ЕУ до затворање на отворениот проблем со соседна Грција да се настојува да се дојде преку воспоставување партнерски односи помеѓу преговарачите (Македонија и Грција). Со еден збор, со воспоставување односи „рамо до рамо“, а не односи „очи во очи“, сфатени во смисла на антипод на едната наспроти другата страна во тие односи.
Факт е дека вториве односи („очи во очи“) се засновани на однапред утврдени одлуки (било тоа да се одлуки на едната од страните или, истовремено, на двете страни). Ваквите одлуки и не се друго, туку тоа се нивните позиции (определби) од кои тие и ќе се раководат во преговарачкиот процес. Тие станувајќи однапред утврдени определби наместо да го овозможат овој процес истиот тој го отежнуваат, а неретко и попречуваат успешно да заврши. За разлика од нив кај партнерските односи („рамо до рамо“) овие пречки не постојат, од причина што тие, во основа, почиваат на заемна доверба и почит и се односи во кои страните имаат еднакво разбирање за потребите на секоја од нив. Тоа натаму значи дека во рамките на нив не се расправа за позициите (за однапред донесените одлуки) на партнерите, туку за нивните, како индивидуални, така и заеднички интереси, но и пошироко од тоа. Со еден збор во партнерските односи местото на позициите е заземено од местото на интересите.

(продолжува)