Еврејскиот имот стана имот на грчките фашисти!

464

Седумдесет и петгодишнината од затворањето на Аушвиц како повод: Како е извршен геноцидот врз Евреите во Солун (2)

Пишува: Блаже Миневски

Според истражувањето на проф. д-р Марк Мазовер, директор на Центарот за меѓународна историја на универзитетот „Колумбија“ во Њујорк и визитинг-професор на колеџот „Брикбек“ во Лондон, кој меѓу другото има објавени обемно истражување за Хитлерова Грција за време на Втората светска војна, со посебен акцент на организираниот грчко-германски план за уништување на Евреите во Грција, грчките фашисти, во име на германската стратегија за уништување на Евреите, во логорите на смртта испратиле цел еден град од околу 50.000 луѓе само од Солун. Освен во студијата за „Хитлерова Грција“, свои истражувања за грчко-германското уништување на солунските Евреи, Мазовер има објавено и во својата книга „Солун – град на духови“. Во неговите истражувања стои дека уште на 8 јули 1942 година, локалниот воен командант за Солун дал наредба сите Евреи од машки пол веднаш да се регистрираат, а во меѓувреме преку профашистичките весници веќе интензивно се објавувале гнасни лаги за некакво наводно страдање на Грците од еврејски раце во минатото. Се цитирал некојси Николас Камонас, припадник на некакво старо, респектирано солунско семејство – кој подоцна станал еден од основачите на солунскиот разгранок на „Пријателите на Адолф Хитлер“ – дека уште во 1890 година, солунските Евреи „својата финансиска и расна империја ја граделе врз трупот на македонскиот хеленизам“?! Можеби затоа само неколку години подоцна требаше да ги снема и Македонците! Еден друг новинар, пак, ги опишувал Евреите како „еден вид епидемија“, повикувајќи ги властите „да ги отстранат еврејските трговци и да ги затворат нивните базари“.

Еврејски надгробни споменици вградени во базени на грчката фашистичка елита!?

Во тој контекст, на 9 ноември 1942 година, грчките весници пренеле говор на Хитлер под наслов „Евреите ќе исчезнат од Европа“, барајќи „вистинските Грци“ веднаш да се зафатат со работа. Сето тоа, се разбира, било оркестрирано од локалните фашисти во служба на градската пропагандна канцеларија водена од Германците. Во кампањата со задоволство се вклучиле голем број Грци, како што се добро познатиот новинар Александрос Орологас, сопственик на „Апоевматини“, како и Николаос Фардис, чии текстови во весникот „Македонија“ одиграле голема улога во геноцидот врз Евреите од Солун. Самиот Фардис водел кампања, на пример, да се одземе киното „Атикон“, сопственост на еврејски бизнисмен, и тој да биде уапсен и фрлен во логорот „Павлос Мелас“ кај Солун. Овој логор бил воден од СС-формации и главно бил полн со политички затвореници што требало да бидат стрелани. На сопственикот на киното му било кажано дека ќе биде ослободен само ако назначи менаџер што ќе му биде препорачан од управата на градот. Договорот под присила бил составен од грчки адвокат во присуство на Макс Мартен, германски цивилен администратор на градот, а кината му биле „изнајмени“ на еден бегалец, грчки фашист од Серес.

Ваквиот трансфер на еврејските тапии на име на корисници назначени од грчко-германските фашистички власти всушност значел присилно одземање на имотот со привидно валидни, легални договори. Се разбира, за неколку недели сите веќе знаеле дека на тој начин всушност трајно се одземаат имотите за да им се доделат на заслужни соработници со фашистичката власт. Во таа насока, на 17 октомври 1942 година, Василис Симонадис, главниот гувернер на Македонија, ја информирал еврејската заедница дека треба да се преместат еврејските гробишта и да се изградат нови во предградието на Солун; доколку не го направат тоа доброволно, ќе следува насилно уривање и зарамнување на гробиштата. Кога главниот рабин Коцен побарал работата да биде одложена барем до пролет, општината наредила веднаш да започне рушењето. Така, во првата недела од декември, под раководство на главниот општински инженер, петстотини работници уништиле илјадници гробови, некои стари дури и по пет века, фрлајќи ги на куп мермерните плочи и другиот материјал. Роднини на починатите побрзале да ги соберат остатоците од своите покојници пред да биде предоцна: „Моите родители и јас побрзавме кон гробиштата“, се сеќава еден од преживеаните солунски Евреи. „Луѓето трчаа низ гробиштата на нивните блиски. Во моето семејство таму беа остатоците од брат ми, починат на возраст од дваесет години, на патување во Рим. Неговото тело беше донесено во метален ковчег и потоа тука беше ставено во друг, значи беше во два ковчега, еден метален и другиот од дрво. Кога беше отворен вториот ковчег, се појави мојот кутар брат во неговиот смокинг и неговите зашилени чевли како вчера да бил ставен таму. Мајка ми се онесвести“.

Германските власти заедно со грчките соработници зеле дел од мермерот од гробовите за изградба на патишта, но и за да изградба на градски базен. Значи, само за неколку недели беа уништени едни од најстарите и најголеми еврејски гробишта во Европа. Се разбира, иницијативата дошла од Грците, но и целата акција била спроведена од нив. Германците биле само логистика во оваа грозоморна работа.
Слична таква акција неколку години подоцна Грците спроведоа и со македонските гробишта во цела Егејска Македонија!

„Евреите плаќаа, се качуваа во лотки на Грци, а потоа беа предавани токму од сопствениците на лотките!“

Рафаел Камхи, македонски Евреин роден во Битола, припадник на ТМОРО, близок соработник на Ѓорче Петров, Даме Груев и Гоце Делчев, учесник и сведок на значајни настани од Националноослободителната борба на македонскиот народ, е еден од ретките што го преживеале холокаустот на солунските Евреи. Според Камхи, во Солун во почетокот на дваесеттиот век, односно по Балканските војни, кога тој се преселува од Софија во Солун, живееле околу 100.000 Евреи, па градот во тоа време бил најголем еврејски центар на Балканот.

Депортацијата на солунските Евреи во логорите на смртта, според спомените на Рафеал Камхи, почнала на 25 март, а завршила на 4 мај 1943 година.
Јас го носев бројот 41.367 и живеев во квартот Колумбо, а последен беше иселен квартот 151. Во него имаше 12.000 Евреи. Бидејќи депортациите траеја 40 дена, а секој втор ден имаше по еден воз со 2.800-3.000 луѓе во една композиција, значи од Солун вкупно беа депортирани околу 56.000 Евреи.

Со својот број за депортација, бројот 41.367 за депортација, Рафаел Камхи се нашол на списокот за транспорт во Аушвиц и секој момент чекал да биде товарен во возовите на смртта. Меѓутоа во последен момент ќе го спаси една вонредно организирана акција на Македонскиот научен институт, Илинденската организација, Националниот комитет на македонските братства од Софија, но и на неговите борбени другари од македонското ослободително движење – Лука Џеров, Анастас Лозанчев, Поп Тома Николов и други, кои побарале лична интервенција на цар Борис за спас на војводата.

(продолжува)