Грците го корнеле паркетот и ги рушеле ѕидовите барајќи злато

856

Седумдесет и петгодишнината од затворањето на Аушвиц како повод: Како е извршен геноцидот врз Евреите во Солун (3)

Пишува: Блаже Миневски

Депортацијата на Евреите, според проф. д-р Мазовер, практично започнала со доаѓањето на заменикот на Адолф Ајхман, Ролф Гинтер во Солун. Тоа било во јануари 1943 година кога првпат официјално лице на злогласниот оддел 4-Б 4, Одделот за еврејски прашања од канцеларијата за безбедност на Главниот рајх, доаѓа во Грција. Веднаш по пристигнувањето, Гинтер побарал информации за еврејската заедница во градот, ги собрал списоците и веднаш заминал во Берлин. Неколку дена подоцна, Ајхман му наредил на еден од своите најблиски соработници, Дитер Вислисени, да замине за Солун, и со воената администрација да најде „конечно решение за еврејскиот проблем во градот“. На пат кон Солун, во Виена, на Вислисени му се придружил хопштурмфирерот Алојз Брунер, кој бил задолжен за техничките аспекти на депортациите. Според планот, целата работа требало да заврши за шест до осум недели. По неколку дена, на шести февруари 1943 година, Вислисени и Брунер, во придружба на околу сто припадници на германската полиција, стигнале во Солун и се сместиле во дрвена вила каде што веднаш истакнале големо СС-знаме. Два дена подоцна, во понеделникот на осми февруари, го повикале главниот рабин д-р Корец и му наредиле сите Евреи сами да сошијат и да стават жолта ѕвезда на облеката, да ги обележат своите продавници со голема црна ѕвезда и да се соберат во гетата што ќе бидат одредени. Сето тоа морало да биде завршено до 25 февруари 1943 година, до кога големите црни ѕвезди со шест краци биле нацртани на ѕидовите, кои ја означувале границата на гетата.

Од Солун до Аушвиц за шест дена!

Весникот „Апоевматини“, контролиран од грчки фашисти, со задоволство објавил дека „улиците се исполнети со јасни ѕвезди носени од валканите Евреи“. Во меѓувреме, грчката фашистичка градска полиција, под команда на грчкиот соработник на СС, фашистот Даскарис Папанаум, ги затворале еврејските продавници, конфискувале и ги тероризирале сопствениците. Дваесетина дена подоцна, на 15 март, била поставена првата композиција од триесет вагони на железничката станица, сточните вагони биле отворени и депортацијата почнала. Следниот ден, во неделата, заминала уште една композиција за Аушвиц. Патувањето од Солун, преку окупираното Скопје, Белград и Будимпешта траело шест дена. Самиот Симонидес, гувернер на Северна Грција со седиште во Солун, издавал наредби на жандармите и другите свои цивилни службеници да им асистираат на луѓето на Ајхман, а марионетската грчка влада воопшто не се противела на идејата за целосна депортација на солунските Евреи.
Владата со тоа сакала да ја постигне и својата цел: да го исчисти, а потоа да го грцизира Солун, односно да го олесни доселувањето од Тракија и од островите на нова маса луѓе, кои ќе го променат во целост етничкиот состав на населението во градот.

Грчките пријатели
на Адолф Хитлер

Во секој случај, веднаш штом одредена група Евреи ќе биле депортирани, довчерашните сограѓани Грци веднаш влегувале во нивните куќи, го ваделе паркетот и ги рушеле ѕидовите и таваните, надевајќи се дека ќе најдат скриени вредни работи. Во таа акција особено се истакнувале Никос Стергаидас и Пери Николаидес, кои им вршеле услуги и на Германците, па по порачка, и по сопствена процена, им носеле на германските шефови предмети што мислеле дека ќе ги расположат. Особено на цена биле старите пијана, плакари, теписи и златни предмети. Притоа главниот гувернер Симонидес оформил и нов оддел за распродажба на еврејскиот имот, а средствата била префрлани во буџетот на грчката држава.
Благодарејќи на ова грчко тело за распродажба на еврејскиот имот, голема добивка од продажбата на еврејските деловни простории и куќи имале многу грчки „бизнисмени“, германски пријатели и кодоши, преведувачи и соработници на СС-командата во градот.


Македонец од Кукуш во темелот на новата држава на еврејскиот народ!

За разлика од многумината Грци како Периклес Николаидес, кои целосно ги уништиле Евреите што живееле во Солун, Димитар Влахов, Македонецот од Кукуш, градот на Гоце Делчев, кој Грците го прекрстија во Килкис, како пратеник во отоманскиот парламент од 1908 до 1912 година станал еден од најзаслужните политичари за создавањето на Израел, новата држава на еврејскиот народ! Имено, во 1911 година, Влахов како пратеник во времето на конституциона Турција, добива молба да застане во одбрана на еврејската кауза, од која подоцна ќе се роди Израел. Прифаќајќи ја молбата, освен интересите на македонскиот народ и Македонија, да ги застапува и интересите на Евреите во Палестина, Влахов одржува историски говор во турскиот парламент, кој станува еден од камен-темелниците врз кој ќе се подигне новата држава на еврејскиот народ.
Што побарале, всушност, што го замолиле Димитар Влахов во Цариград д-р Јакобсон Виктор и Холберг Херцфелт, кои заедно со лидерите Исак Бен Цви, подоцна втор претседател на Република Израел, и Давид Бен Гурион, основач на генералната федерација на еврејските работници, а подоцна премиер на Израел, го сочинувале јадрото на еврејското лоби во Цариград.
Димитар Влахов во своите мемоари го опишува целиот настан поврзан со неговиот говор во одбрана на Евреите во отоманскиот парламент.
„Еден ден кај мене дојдоа двајца видни претставители на еврејското движење, кои живееја во Цариград, и ми соопштија дека арапските депутати внеле во парламентот предлог да се запре секакво населување на Евреи во Палестина. Двајцата еврејски претставници ми изјавија дека ме следеле и знаеле дека секогаш ги заштитувам праведните каузи и интересите на сите народи што живеат во Турција. Ние ве молиме, ми рекоа, како човек кој ја брани вистината и правото, да земете збор во парламентот по предлогот на арапските депутатите и да го искажете вашето мислење. Ние имаме, рекоа тие, неколку депутати од еврејска националност, но ниеден од нив ја нема потребната храброст јавно да истапи и да ја заштити каузата на својот народ. Ние ќе ви дадеме факти и податоци од кои ќе се види дека емигрирањето на Евреите во Палестина, прогонети од други земји, не е во интерес само на нашето движење туку и во интерес на самата турска држава, затоа што се населуваат луѓе кои се трудољубиви и затоа што со својот труд и својот ентузијазам носат приходи на народното стопанство на Турција.
Во мојот говор, кој траеше скоро еден час, јас зборував за улогата на емиграцијата во напредокот на една земја воопшто, посочив примери во други земји, особено во Америка, ја опишав неподносливата положба во земјите од каде тие емигранти доаѓаат за да се населат во Палестина, зборував за принципите на конституциониот режим во Турција а потоа укажав на тоа дека бројот на Евреите во Палестина е незначителен, дека во цела Палестина има одвај околу 130.000 Евреи, и дека арапскиот народ нема зошто да се плаши дека во таа земја Евреите ќе имаат доминантна положба. Додека говорев почнаа да се слушаат гласови на неодобрување меѓу арапските депутати, меѓутоа никој од нив не се осмели да ја оспори вистината на изнесените податоци. Се слушнаа само гласови: Вие не сте Евреин, вие не сте од Палестина, вие сте од Солун! Што се мешате во тие работи! На сите тие реплики јас спокојно одговорив дека е верно оти не сум Евреин, дека сум Македонец, дека не сум од Палестина, но дека како претставител во пергаментот мој долг е да ги заштитувам интересите на сите отомански граѓани и интересите на самата земја и на нејзиниот стопански развиток“.
Поради огромното значење на овој говор на Влахов, кој спречил да се забрани доселување на Евреите во Палестина, како и нивно обележување со посебни, жолти пасоши, Арон Асса, во својата книга „Македонија и еврејскиот народ“ меѓу другото ќе забележи дека малку пред неговата смрт Димитар Влахов бил поканет официјално да го посета на Израел „како заслужен и верен пријател на еврејскиот народ. Таа негова посета не беше остварена поради силно нарушување на здравјето…“

(крај)