Гоце е македонски револуционер

2159

Политичко-историски фељтон: Чиј е Гоце Делчев (4)

Делчев до својата смрт беше убеден противник на сите обиди што ги правеше бугарската буржоазија преку врховните македонски комитети во Софија, за да ѝ се наметне на Внатрешната револуционерна организација и да ја повлече во служба на едно грабежно и срамно дело

Кон искажувањата на корифеите на револуционерната организација за нејзиниот самостоен карактер и нејзините цели: „Автономна Македонија“ и конечно „Самостојна и независна Македонија“, секако, заслужува да се запреме и на ставовите на Ѓорче Петров, но со оглед на тоа дека тие речиси се идентични со Гоцевите, само упатуваме за тоа да се видат неговите „Спомени“, како и посебно неговата статија „Македонско ослободително дело на бугарска почва“, печатена во весникот „Право“, од 7 јули 1902 година.

Кон овој дел од излагањето за самостојниот карактер на македонското ослободително дело да го придодадам само уште и искажувањето на Димо Хаџи Димов, еден од најверните соборци и почитувачи на делото на Гоце Делчев. Ова, од причина што тоа искажувања директно нѐ упатува токму на неговиот идол и водач Гоце Делчев.
Еве што вели тој во него: „Гоце Делчев до својата смрт беше убеден противник на сите обиди што ги чинеше бугарската буржоазија преку врховните македонски комитети во Софија, за да се наметне на Внатрешната револуционерна организација и да ја повлече во служба на едно грабежно и срамно дело.“

Делото на Гоце и неговите соборци недвосмислено ја потврдува констатацијата дека Гоце Делчев е македонски револуционер. Овде само би додал: и повеќе од тоа. Тоа, меѓу другото, и поради зрелоста на своето расудување. Зошто го велам ова? Затоа што тој кога влегол во револуционерната организација имал само 22 години живот, загинал со наполнета 31 година. Суров факт, но истовремено и факт што Гоце го издигна во легендите што вечно живеат во колективната меморија на својот народ, но и пошироко.
Сега да одговорам и на вториот дел од прашањето – дали тој (Гоце) бил Бугарин или Македонец. Ако го земеме предвид бугарското гледиште, кое, видовме, е засновано на манифестираното, во одредени случаи, од него бугарско чувство, а без притоа да се има предвид целината на историскиот контекст, во многу нешта испреплетен и поврзан со Гоце и неговата револуционерна генерација, но и пошироко, тогаш и може да се рече дека Гоце е Бугарин. Но Гоце, како што погоре, врз основа на изложеното, повеќе од сигурно ни се претстави пред сѐ како македонски револуционер, па дури потоа можеби и бугарски. Најмалку што ќе се покаже е тоа дека тој колку што би бил по чувство Бугарин, толку, исто така по чувство, а можеби и повеќе од тоа, бил и Македонец.

Од мноштвото аргументи, за кои верувам дека зборуваат во прилог на изнесеново погоре, ќе изнесам неколку. Ако знаеме дека Гоце, уште како питомец на военото училиште во Софија, како и Даме пред тоа, беше многу близок со Коста Шахов (родум од Охрид), колку по основа на роднокрајност, а уште повеќе идејно, тогаш тешко би можело да се помисли дека Делчев не ја видел или подобро не ја разбрал заднината на идејната порака инкорпорирана во уводникот насловен „Покана“, уште во првиот број на весникот „Македонија“, од 21 октомври 1888 година, издаван од истиот овој Коста Шахов.

Имено, еве што се вели во „Покана“: „При сето тоа, макар и да сме околу 2 милиони луѓе, пак немаме, тука барем во слободните страни, еден каков и да е весник, кој како да нѐ држи во извесност за текот на работите, кои се вршат околу нас и за нас, така и да служи за искажување на нашите народни искажувања и мисли… Денес печатот е посилен од топот и со него се служат речиси сите народности во светот, освен нас. Со тоа ние сами се претставуваме пред очите на образованиот свет како народ…. Најпосле, ние Македонците, макар и да сме едни под двојно и тројно ропство, а други распрснати по разни страни, сепак не треба да си го заборавиме отечеството… зашто како народ ќе сме одговорни пред нашето потомство, ако и при толку незгодности на својот живот го преминиме времето бездејствено, без борба за слободен живот, бидејќи нашите господари не сакаат да се грижат за олеснувањето на нашиот живот.“

Што ли ќе му е на Шахов, кој самиот се декларира за Бугарин, во четвртиот број на весникот „Македонија“ повторно да се врати на темата Македонија. Имено, во уводникот на весникот од 11 ноември 1888 година читаме: „Историјата ни раскажува за изникнувањето, растежот и паѓањето на господарствата, за произлезот, развитокот и упадокот на народите. Несомнено и нашата татковина – Македонија – има историја за своето минато… Во традициите на секоја националност обично ги гледаме длабоко отпечатени повеќето од тие историски факти, кои и ги преставуваат величието и упадокот. Денес на пример секој Македонец, приспомнувајќи си за Александар Македонски, вели: „Ние сме го имале Александар Велики“, со овие зборови тој си го наумува блескавиот период од величието на македонската држава. Александар Македонски стои пред лицето на Македонецот како национална гордост. Оваа национална гордост има за него во случајов интелектуално значење, при односот на постигнувањето на идејата на самостојност.“

Интересно за оваа статија, потпишана со иницијалите Г.К., е и тоа што во неа се употребува посебна ортографија. Така еровите ги нема, темниот вокал е предаден со посебен знак, а останат е и знакот со старославјанското „јат“, се употребува „i“ и сл. Во секој случај, многу индикативно.

Шахов, не запира тука, тој допушта и во бројот 36 од 19 август 1889 година на весникот „Македонија“ да се појави статија, насловена „Мнение за решавање на македонското прашање“, потпишана со псевдонимот „Еден Македонец“, од која, сосема разбирливо, ако се има предвид под каков притисок бил изложен весникот од страна на весникот „Свобода“, орган на бугарската влада. Но да допуштиме да видиме што вели авторот Еден Македонец во својата статија: „…Сите, се гледа, страхуваат од една самостојна кај Македонците борба и никоја соседна држава досега не дава да се развие таква, кое нешто без сомнение си има причини… И македонската емиграција барем за време, треба да ја напушти досегашната своја политика; она треба да се постави во борбата на чисто македонска почва и после може да врви успешно напред во сите стремежи. Ние не може да го бараме своето спасување, сполучно, ниту како Грци, ниту како Срби, ниту како Бугари, туку како Македонци, на кое веруваме сите ќе погледнат со добро око.“

Ова не можело да му остане непознато на Гоце. Ако тој сам не го имал во рацете цитираниот број од весникот „Македонија“, тогаш сигурен сум дека од Шахов добро бил запознаен со текстот на статијата од авторот. Зошто го велам ова? Одговорот е: Затоа што добро знаеме дека Хаџи Николов идејата за основање на Македонската револуционерна организација во 1902 година првпат ја изложил токму пред Гоце и Шахов во Софија, а тие ја прифатиле. Преку весникот „Македонија“ на Шахов, (број 19 од 27.1.1890 година), Гоце сигурно дека бил запознаен и со излегувањето на книгата од австрискиот македонолог Хрон, насловена „За народноста на Славјаните во Македонија“. Во неа авторот, наспроти друго гледање дека Македонците се Срби, излегува со тврдење дека „…Славјаните во Македонија не се ниту Срби, ниту пак Бугари, туку дека составуваат одделна македонска народност.“ Оваа книга, всушност, е произлезена од неговата докторска дисертација, посветена токму на народноста на македонските Славјани.

Весникот „Македонија“ на Шахов, не само преку Шахов туку и тој самиот како весник, бил релевантна лектира за будење, покрај на бугарската, уште и на промакедонската национална свест кај Гоце. Тоа, секако, било случај и со Даме и со Петар Поп Арсов и повеќе други ученици (каков што бил и еден Мисирков), кој, знаеме, во тие години поминал своевидна голгота, чија траекторија започнала со напуштањето на Солунската гимназија, па преку привременото школување во Белград (Србија), за потоа да заврши во Софија (Бугарија) и на крајот за конечно да се врати во Македонија. Ова го велам затоа што тие во тоа време биле присутни на страниците на овој весник, како што, истовремено, биле присутни и на страниците (и тоа со доста остри критики за нивното „српско издајство“), во владиниот весник „Свобода“. При ова заслужува да се спомне и весникот „Лоза“ (1892), уредуван од Шахов, кој исто така, имал свое влијание за пробудување на сепаратистички чувства и кај Гоце, а уште повеќе кај Даме и Поп Арсов, затоа што тие биле и дел од редакцијата на весникот. Познато е дека набргу тој весник, поради содржините што ги нудел, бил забранет.

(продолжува)