Борба за слободна и самостојна Македонија

232

Македонизмот во илинденската епоха низ факти (1893- 1909) (5)

Пишува проф. д-р Михајло Миновски

Од Охрид, Струга, Воден и од други места жителите писмено се обраќаат до турскиот султан или до соодветни дипломатски или воени претставници, од кои бараат да се заштити посебноста на националното чувство и на јазикот. Започнува и сѐ погласното јавување на македонски друштва, организации, групи и поединци. Така, на пример, Македонската работничка (социјалистичка) група во 1895 година објави „Наша програма“ во која се истакнува: „Нашата парола ќе биде ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци… Пред да востане народот во Македонија, треба да биде подготвен и обучен. Се бара систематска пропаганда, неуморна дејност од сите дејци што го имаат присрце ослободителниот идеал… Ќе подготвиме терен за создавање на една слободна и независна држава. Тоа се основните принципи на нашата револуционерна борба. Да живее републиканска Македонија!“ „Прашањето за ослободување на Македонија треба да го реши самото население. Тоа не сака да го отфрли турскиот јарем за да си го навлече грчкиот, српскиот или бугарскиот и да ги остварува нивните национални идеали. Бара, откако ќе ги скрши своите ропски пранги, да заживее слободно и да си биде само господар на себеси“.

Емигрантската група „Македонски борци“ Малешевци (со орган „Малешевски Балкан“) во 1897 година: „Сите биле заинтересирани за Македонија… Нека разберат еднаш за секојпат оние псевдопатриоти дека Македонија е земја чисто македонска и како таква не може да биде друго освен македонска. Македонска за Македонците, тоа ќе биде еден од првите принципи врз кој што ќе ја градиме зградата на ослободувањето“.
Македонски таен револуционерен комитет (МТРК) во 1898 година: „Шовинистите бугарски, српски, грчки го делат населението на Македонија. Пречат на ослободувањето на Македонија и таа пречка е (до)толку поголема сега кога се создава вистинско револуционерно ослободително движење! Ете зошто Македонскиот таен револуционерен комитет шовинистите ги третира како вистински народни непријатели… Не, господо патриотари, денес Македонија не е бугарска, ниту српска, ниту грчка, а е турскосултанска. А каква ќе биде утре? Оставете ја самата да си решава! Не заборавајте, пред да биде на овој или оној, Македонија е на Македонците“.
Македонскиот таен револуционерен комитет своите барања ги формулира вака: „Потполна независност и најширока слобода за македонскиот народ, за да си нареди тој сам каква што си сака управа“. Комитетот објавува: „На сите шовинистички акции во Македонија биле тоа од Бугари, Грци, Срби или кои и да се други, нашите комитетски работници се должни да се спротивстават, а самите сторители во таа насока ќе бидат преследувани како најголеми народни непријатели“ (чл. 81 од Уставот на Комитетот).

„Македонски конгрес“, Женева: „Желбите на народот накусо се следниве: Формирање на една Област со Солун како главен град, што ќе ги опфати солунскиот, одринскиот и скопскиот вилает, со следниве граници: Граничната линија на оваа Област ќе почнува од српската граница близу до Врање, ќе се протега по северозападните граници на прешевската, кумановската и тетовската околија, ќе се совпаѓа со гребенот Карадаг, врвна точка на Дешат; од Кораб оваа линија ќе се протега по долината на Велештица, почнувајќи од селото Радомир до вливот на рекичката под истото име во Црни Дрим; оттука ќе продолжува по долината на Дрим до селото Ндрет и оттаму ги допира западните граници на охридската и грчката (корчанска) околија до самиот врв на Грамос, ќе се совпаѓа со границата по костурска, кајларска, воденска и карафериска околија до пресечната точка на оваа линија со реката Бистрица; оттука ќе го следи текот на рекичката до Егејско Море простирајќи се по морскиот брег, опфаќајќи го Халкидик, ќе ја достигне утоката на Места (Кара Су). На североисток ќе го опфаќа сиот Одрински вилает до границата на Источна Румелија и оттаму границите на Кнежевството Бугарија и Кралството Србија“.

Македонски клуб – Белград (со читалишта и свој орган „Балкански гласник“) во 1902 година: „Ако има народ на земјината топка што се наоѓа во најнесреќна положба, тоа е македонскиот народ… Македонците, како синови на Македонија се повикани целосно да се заземат тоа жалосно (македонско) прашање да го расветлат и од него да создадат општонародно прашање, така би се оддолжиле на својот народ. Македонија е федерот кој го турка православниот Исток и Словенскиот Балкан кон пријателство или непријателство…“

Македонско научнолитературно друштво „Св. Климент“ (подоцна „Св. Кирил и Методиј“ – Петроград. Меморандум претставен на руската влада, 1902 – 1903 година: „За подобрување на положбата на христијанското население во Македонија како прв чекор треба да послужи обединувањето на словенското население како најзначително во Македонија. Тоа обединување треба да биде како национално така и духовно.
Признавање на македонските Словени од страна на Турција како одделен народ со одделен литературен јазик, што рамноправно со турскиот, станува официјален јазик во трите вилаети на Македонија, и признавање на самостојна црква… Не треба да се заборави дека таквата слободна Македонија ќе биде единствената држава на Балканот што ќе го обрне целото свое внимание врз својот внатрешен живот, нема да има никакви завојувачки планови, нема да има зошто да се плаши од своите соседи, бидејќи нејзиното постоење како одделна држава ќе биде осигурано од големите сили. Таквата слободна Македонија пак од своја страна во политички, национален и црковен однос ќе се труди да ги привлече кон себе соседните држави во федерација и ќе ја исполни својата мисија мирно и тивко. Со еден збор само таква Македонија може да се јави на Балканскиот Полуостров како ’Пиемонт за обединување на балканското словенство и православие‘“.

Македонската автономистичка група „Белград“ (со свој орган „Автономна Македонија“) во 1905 година: „Кога бараме автономија на Македонија како етапа на нејзиното конечно отцепување од турското царство, по примерот на Србија, Грција, Романија и Бугарија и кога признаваме дека тоа го бараме за народите што ја населуваат таа провинција, порекнуваме и отфрламе сечии историски и националистички претензии на нашата татковина. Над неа најсилни историски претензии има самата Турција, против која се бориме. Ние во својата борба се обраќаме посебно на демократските елементи на Балканот и кај Србите и се надеваме дека тие најдобро ќе ги сфатат нашите стремежи и дека најлесно ќе се сетат оти и нивните дедовци во текот на XIX се бореле и гинеле за истата слобода и за истите човекови права за кои и ние денес се бориме и гинеме.

Природно е што Македонците сакаат да се спасат од своите спасители и да забораваат на своите партиски караници и да се почувствуваат како една морална целина која, во прв ред и над сѐ, бара своја слобода, самите да бидат господари на својата судбина… Секој народ има право самиот да се определи и да ја одбере онаа форма на управување која највеќе ја сака и која највеќе му одговара. Македонија не е ни српска, ни бугарска, туку наша македонска“.

(продолжува)