Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно-воспитна функција, вели режисерката Зоја Бузалковска

„Чудна случка со кучето во ноќта“ во режија на Зоја Бузалковска ја имаше својата премиера во Драмскиот театар во Скопје. Улогите ги играат Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева-Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска Трајковиќ и др. Драмскиот текст „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс е всушност адаптација на популарниот, истоимен роман на Марк Хадон од 2003 година. Овој роман освои 17 престижни награди. Адаптацијата е напишана во 2012 година и со успех изведена прво во Националниот театар во Лондон.

– Сместена во Свиндон и во Лондон, приказната се однесува на 15-годишниот Кристофер Џон Френсис Бун, математички гениј, кој има неспецифицирано нарушување од аутистичен спектар. Кристофер треба да реши една мистерија. Некој го убил соседското куче со вила и Кристофер е осомничен, па условно ослободен. Сакајќи да открие кој го убил Велингтон и одејќи спротивно на желбите и заповедите на татко му, Кристофер започнува истрага за убиството на кучето, поставувајќи му прашања и запишувајќи ги своите постапки и сознанија во книга. Кристофер има Аспаргеров синдром (кој припаѓа на фамилијата аутистични нарушувања) и никогаш претходно самиот не отишол подалеку од крајот на улицата, но детективската работа го носи во опасно патување, кое го руши целиот негов дотогаш познат свет. Космосот на оној што „не може да лаже“ (што е во дефиницијата на неговата состојба) е тектонски изместен од сознанието дека е жртва на лагите на родителот, најблиските, единствената вистинска потпора, изворот на доверба и сигурност – вели Бузалковска.
Драмата темелно го преработува изворниот материјал.

– Наместо раскажувањето во прво лице како што е во романот, драмскиот текст претставува комбинација на односи и агли, од гледна точка на самиот Кристофер Бун, но и сите оние што доаѓаат во допир со неговата книга или се дел од неа – неговата професорка, неговиот татко, неговата мајка… Резултатот е драма – во – драма. Она што „Чудна случка со кучето во ноќта“ ја прави возбудлив материјал за работа е темата што ја отвора овој текст. Тоа е светот на Кристофер, светот на „посебниот“, „различниот“, „отфрлениот“, „исмеаниот“, „потценетиот“. Во време во кое многу општества, па така и нашето, се борат за инклузија на луѓето со посебни потреби, да се работи еден ваков актуелен материјал се чини исклучително важно. Во таа смисла, претставата ќе има и едукативно-воспитна функција и за една од своите целни групи ќе може да ја одреди и младата тинејџерска публика. Од друга страна, пак, жанрот на црната комедија и на моменти сурово остриот, иако бескрајно духовит, јазик, ја носат пред сѐ во вечерните термини и ја усложнуваат нејзината улога – пишува Бузалковска.