Забележано, ненапишано

На јубилејниот 15. „Мавровски собир – избор на езерска убавица“, кој се одржа во јуни 1978 година, на брегот на Мавровско Езеро, Здравко Чолиќ, најголемата музичка ѕвезда на Балканот, донесе над 30.000 посетители. Неговиот настап со придружбата на групата „Локици“ беше спектакл. И по 43 години, доживувањата што на посетителите им ги приреди незаменливиот Чола живеат и по различни поводи се спомнуваат. Мавровскиот собир, меморијал и неколку скијачки настани го афирмираат регионот како одлична туристичка дестинација.

Како Чолиќ остана „задоволен“ од хонорарот

Во организацијата на јубилејното издание на Мавровскиот собир ми се случија многу непланирани непријатни случки, за среќа, ги надминавме и организацијата беше на висина. Раководството на Општина Гостивар и на советот на Мавровскиот собир во музичкиот дел имаше желба да настапат најпопуларни југословенски ѕвезди. Оваа задача ми беше доделена мене, па со колегата Тимчо Апостолов, одговорен уредник на ревијата „Екран“, издание на „Нова Македонија“, се договоривме весникот да биде медиумски покровител на собирот и да организира средба со Здравко Чолиќ. За моја среќа, на почетокот на мај 1978 година, Чолиќ престојуваше со Скопје, беше сместен во хотелот „Континентал“. Со Гале Фидановски, претседател на советот на Мавровскиот собир, и Тимчо Апостолов се сретнавме со Чолиќ, кој ја прифати нашата покана. Ги повика менаџерот за Македонија, Велибор Џаровски-Џаро, и менаџерот од Босна Херцеговина и им рече да договорат цена што ќе биде најниска, само за покривање на трошоците. Џаро ни рече: „За мојот пријател Кипро и за Маврово, за македонскиот народ цената ќе изнесува седум милиони динари, подолу не можеме да симнеме ниту денар!“ Ја прифативме понудата, иако за хонорар немаше ни динар. Договорениот износ требаше да го платиме две недели по настапот. Одзивот за спонзорства беше неочекувано висок. За десетина дена ги обезбедивме парите. Дваесетина дена по завршувањето на собирот, ми се јави Здравко Чолиќ да ме праша дали сме задоволни од настапот. „Да, организацискиот одбор е презадоволен од настапот“, а Чолиќ ми одговори: „Мило ми е што сте задоволни, ама јас не сум. Минаа двојно повеќе денови од договорот, а парите за настапот сѐ уште ги немам добиено“. „Парите на жиро-сметка ги преведовме преку СОК, потврдата можам веднаш да ви ја испратам“. Чолиќ малку подзастана и ми рече: „Извини Кипроски, верувам во тоа што ми зборуваш. Џаро, повторно ме прејде. Нема проблем, имајте добар ден и подготвен сум за идна соработка“.

Хеликоптер на помош

За Маврово и поширокиот регион нема мртва сезона. Во секој период на годината е привлечен, атрактивен и гостите можат да уживаат во природата. Во зима, снежните белини на Бистра може да се искачат по добро подготвени ски-патеки со трите жичници и 12-те ски-лифта. Изградбата на скијачкиот центар започна во 1964 година, кога беше трасирана патеката, почна да се сече шумата, да се поставуваат бетонски фундаменти за поставување челични столбови за првиот едносед, а наредната година, во декември беше пуштен во употреба. Беа изградени неколку сместувачки капацитети (Партизанска куќа, скијачка школа, депанданси и друго). Најзаслужен за развојот на скијачкиот центар и за организирање спортски манифестации останува Заре Лазарски, спортски ентузијаст, кој даде голем придонес за развојот на скијањето на Маврово. Интересен да се спомене е ангажманот на Лазарески, кога есента во 1979 година, успеа да помогне со хеликоптер да се постават 23 железни столбови на бетонски фундаменти на двоседот. Ова беше голем подвиг. Во разговорот што го водев со Заре Лазаревски, ме интересираше како успеал да ангажира хеликоптерска единица на ЈНА за овој зафат. „Пријателството со офицери од мавровскиот крај и со другари на високи позиции во Генералниот штаб на ЈНА во Белград ми помогна“, ми одговори Лазаревски.