Кинотеката, по традиција, првите денови од новата година им ги посветува на најмладите љубители на филмот и на тинејџерите. Тие од средината на јануари 2022 година ќе имаат можност да погледнат неколку интересни наслови. За најмладите гледачи од 13 јануари ќе бидат прикажувани популарните анимирани филмови: „Биби, Боби и една снешкаста Нова година“, „Каламити Џејн“ и „Патешествието на принцот“ на пладневните проекции во Кинотеката. Со Биби и Боби младите гледачи ќе можат да се дружат и во попладневните проекции. Тинејџерите ќе имаат можност да видат неколку играни филмови од поновата продукција. Тоа се францускиот игран филм „Антоанета во Севените“ и италијанските наслови „Брат ми брка диносауруси“ и „Стакленото момче“. За нив се резервирани вечерните проекции од 19 часот.

Волшебната новогодишна бајка со Биби и Боби е анимиран филм (Македонија
2021 г.), во режија на Никола Чикос. „Каламити Џејн“ е француски анимиран филм од 2020 година во режија на Реми Шаје. „Антоанета во Севените“ е игран филм од Франција од 2020 година, во режија и по сценарио на Каролин Вињал. Филмот на Вињал е инспириран од романот „Патување на Севените со магаре“ на шкотскиот писател Роберт Луис Стивенсон, кој творел кон крајот на 19 век. Актерката Лор Калами ја освои националната француска награда „Цезар“ за најдобра глума, а филмот беше номиниран во десетина категории за оваа награда.