Светскиот саем во Белгија, во 1958 година, кој требаше да претставува двестедневна прослава на повоениот социјализам, култура и на технолошкиот развој, го привлече вниманието преку изложување на мажи, жени и деца од Африка во нивно „природно“ опкружување, со цел за едукација и за забава на белите Европејци, пренесува британски „Гардијан“. Ваквата практика која се случи во срцето на Европа, денеска би била скандалозна.

Белгија тогаш уште управуваше со Конго, чија територија е околу 80 пати поголема од онаа на европската држава. Земјата од Централна Африка богата со руда не била само економски исплатлива, туку и гордост на Белгија која беше во сенка на
Велика Британија и на Франција.

„Експо 58“ за белгиските политичари беше шанса да ја покажат посебната поврзаност со Конго. Во подножјето на „Атомиумот“ во Брисел, на површина од осум хектари, била изложена поставката „Конгорама“ посветена на рударството во Конго, како и на уметноста, транспортот и земјоделството во државата од Црниот континент.

Во тропските градини, „традиционално“ облечените мажи, жени и деца од Конго со денови биле изложувани зад бамбусова ограда.

„Човечката зоолошка градина“ не била новитет во Европа, каде што редовно биле одржувани слични настани на почетокот на 20-от век, во Лондон, Париз, Осло и во Хамбург. Во Њујорк, пак, во 1906 година млад маж од Конго со наострени заби добил „дом“ во живеалиштето за мајмуни во зоолошката градина во Бронкс.

Во летото во 1897 година, белгискиот крал Леополд Втори, довел 267 луѓе од Конго во Брисел, за да бидат изложени околу неговата палата во Тервурен. Тие веслале во кануа во кралското езеро, каде што биле видени од вкупно 1,3 милиони Белгијци. Летото било многу студено, па седуммина од луѓето од Конго починале од пневмонија.

Популарноста на „човечката зоолошка градина”, сепак, била толку голема што подоцна била поставена постојана поставка. На почетокот била наречена Музеј на Конго, за потоа да биде преименувана во Кралскиот музеј на Централна Африка.

Изложбата од 1958 година била помала, но со слична содржина. Било поставено типично село, каде што луѓето од Конго ги поминувале деновите занимавајќи се своите занаети и правејќи колиби, додека од оградата ги гледале бели мажи и жени.

– Ако не регираа, им фрлаа пари или банани преку оградата – напишал еден новинар кој бил набљудувач.

Дел од уметниците и занаетчиите од Конго и нивните семејства се вратиле во нивните куќи, а „човечката зоолошка градина“ била затворена, додека саемот продолжил да работи.

Никогаш повеќе не било приредено ништо слично, а Конго стекнал независност веќе следната година.