Сузан Лонг е пронајдена мртва во март, 1970 година

Англиската полиција што истражуваше нерешено убиство на тинејџерка пред 50 години, соопшти дека нејзиниот убиец ќе може да се идентификува, дури иако веќе е починат, објавува Би-би-си.

Осумнаесетгодишната Сузан Лонг излегла на игранка, вечерта на 10 март 1970 година, и влегла во автобус за дома, во Елшам, Норфолк, Велика Британија. Нејзиното тело следниот ден е пронајдено покрај селскиот пат. Била задавена и сексуално злоставувана.

– Имаме ДНК, штом го добиеме и името, случајот ќе биде решен. Да речеме дека убиецот во тоа време имал 30 години, што значи денес би имал 80, што значи дека постои шанса да е жив. Дури и ако е починат, постојат тестови со кои можеме да ја утврдиме ДНК-поврзаноста – рекол Енди Гај, кој го водел полицискиот случај.

Последно патување

Сузан Лонг работела како службеничка во „Норвик јунион“ и отишла на забава со долгогодишното момче. Заминала околу 22.20 часот и видена е во автобусот што возел накај Елшам, кој стигнал на станицата Маркет плејс во 23.10 часот.

– Се претпоставува дека се симнала на станицата Маркет плејс, меѓутоа возачот на автобусот не се сеќава дали вистина било така – вели Гај.

Од автобуската станица до домот на родителите требала да пешачи седум минути.

Во 5.30 наутро, млекарот го пронашол нејзиното тело, а лицето ѝ било надолу свртено во локва крв.

Патот покрај кој било пронајдено телото на Лонг

Убиецот на Сузан Лонг, Гај го опишува како паничар, зашто не се ни обидел да го сокрие телото. Била целосно облечена, недостигале само чевлите, кои никогаш не биле пронајдени. Немало знаци за борба, а патологот рекол дека починала околу полноќ. Форензичките докази откриваат дека тој што сексуално ја нападнал има ретка крвна група.

Полицијата земала 835 примероци крв, разговарала и испрашувала 10.000 луѓе.

– Во тоа време тоа беше голема истрага – вели Гај на педесетгодишнината од истрагата.

Нејзиното момче не било осомничено, како ни патниците од автобусот, а не е воспоставена ни врска со мажи со слична крвна група.

Сепак, Гај вели дека во тоа време луѓето смееле да одбијат да дадат примерок крв. Истрагата набрзо била затворена.

Најголемата промена се случила во 2004 година, кога на земениот примерок е најдена ДНК што одговара. Исклучени биле сите што дале крв, а имаат ретка крвна група. Дури педесет години подоцна Гај верува дека убиецот бил локалец, која ја познава околината.

Последен обид

Моли, мајката на Сузан

– Гласините со години се шират низ градот. Добивме и неколку имиња и ги истраживме. Ова е последна шанса и обид да утврдиме кој е вистинскиот убиец. Мајката на Сузан Лонг, Моли, почина во 2014 година и никогаш не дозна кој ја уби ќерка ѝ – додава Гај.