Што подготвуваат домашните телевизии за пандемичната Нова година

Нѐ очекува поинаков пречек на 2021 година. Многумина ќе ги заменат рестораните и клубовите со домашен амбиент, пред телевизиските екрани, со домашна храна. Омилените парчиња ќе се заменат со комфорни пижами и новогодишна телевизиска програма. Стандардно, како и секоја година, телевизиските куќи ја приспособуваат програмата за новогодишната ноќ, но и на пандемичните услови.

Телевизијата Сител е позната по забавните музички шоуа, но годинава ќе направи компилација од најдобрите новогодишни програми од изминатите години.
– Ништо не е исто како лани! Сѐ е приспособено на ситацијата во која се наоѓа целиот свет. Така ќе биде и со телевизиската програма. Телевизијата Сител со години ги емитувала највеселите и најгледани новогодишни програми. Верувам дека и оваа година нашиот избор на најдобри изведувачи и најсоодветни претходно изведени композиции ќе направи гледачите на Сител на вистински начин да ја пречекаат Нова година, за која сите се надеваме дека што поскоро ќе го донесе она што во овој момент најмногу ни треба – здравје и спокој. И покрај сета оваа пандемиска состојба, „100 отсто музика“ ќе биде девизата и на годинашната колажна новогодишна забавна програма и таа и овој пат гарантира 100 процентна мерак забава – ни изјави Ристо Самарџиев.

Ирена Спировска додава дека телевизијата Алфа подготвува богата филмска празнична програма.
– Телевизијата Алфа отсекогаш ја негувала македонската народна музика, па така и овој пат за новогодишната ноќ подготви празнична емисија со нашите најпознати фолк-изведувачи, кои пеејќи во живо ќе им ја развеселат новогодишната ноќ на гледачите: Благица Павловска, Ферус Мустафов, Стојне Николова, Баже Груевски, Елена Андоновска и други. Освен ова, секако ќе имаме и богата филмска празнична програма – вели Ирена.

Урбаниот концепт, телевизијата Телма ќе го задржи и за време на новогодишните и божиќните празници и како за секоја Нова година.
– Телевизијата Телма ќе понуди одлична филмска програма, а ќе обезбеди и добра музика, со сет диџеи што ќе се претстават со урбана музика, џез, хаус, денс…, за време на новогодишната ноќ. Пандемијата владееше цела 2020 година со информативниот простор, но таа не влијаеше на нашата новогодишната програма што е препознатлива последниве неколку години – вели Сашко Ратковиќ од ТВ Телма.
Детска ТВ-серија и едукативна платформа „5+Фамилија“, заедно со „5+Бенд“, ќе биде дел од специјалната новогодишна програма за деца на МРТВ. Новогодишната епизода „Мистериозното доцнење на Дедо Мраз“ на „5+Фамилија“ ќе се емитува во 20.15 часот на МРТ1 на македонски јазик, а во 20 часот МРТВ2 на албански јазик.
А во 21 часот, најавија новогодишна програма – забавно музичко шоу со екипата на ситкомот „Преспав“.

– „Преспав“ подготвува тричасовна урнебесна новогодишна епизода со многу песни проткаени во самите дејствија, налик на мјузикл. Во епизодата, пансионот се соочува со истите предизвици како и угостителскиот сектор во моментов, поради пандемијата, но сепак не се откажува од прославата и позитивниот дух. „Преспавци“ како вистинска фамилија, самите ќе си приредат забава со многу песни и танцување, а ќе им се придружат и ѕвезди од македонската естрада, но преку стриминг во живо. Дел од музичките гости во новогодишното издание ќе бидат Влатко Стефановски, Дарио, Ѓоко Танески, Сузана Спасовска – најавува Деница Бојаровска, лице за односи со јавноста на серијата.