Се верува дека никој не успеал да избега од познатиот затвор Алкатраз во САД, и покрај 36-те забележани обиди, но ФБИ неодамна доби писмо во кое поранешен затвореник го тврди спротивното, пренесувa британски „Телеграф“.

Тројца затвореници, Џон и Кларенс Англин, како и Френк Морис, наводно, извеле храбро бегство од т.н. „карпа“ во 1962 година. Но, во истрагата спроведена од ФБИ беше заклучено дека затворениците се удавиле во заливот Сан Франциско, и покрај недостатокот од докази.

Френк Морис, Кларенс и Џон Англин (од лево кон десно)

Педесет години подоцна, ФБИ доби писмо во кое Џон Англин тврди дека тројката го преживеала бегството. Документот неодамна доспеа до јавноста, иако беше во посед на властите од 2013 година.

– Моето име е Џон Англин. Јас избегав од Алкатраз во јуни 1962 година, заедно со мојот брат Кларенс и со Френк Морис. Имам 83 години и сум во лоша состојба. Боледувам од рак. Сите се извлековме таа ноќ. Едвај!. Френк почина во октомври 2005 година. Неговиот гроб е во Александрија, под друго име. Ќе ви откријам каде се наоѓам доколку јавно ми ветите, преку телевизија, дека ќе добијам здравствена нега и оти нема да отслужам повеќе од една година затвор. Ова не е шега, туку вистина – се наведува во писмото.

Медиумите објавија дека ФБИ извршило проверка на писмото, со цел за откривање на отпечатоци, како и споредување на ракописот на затворениците, но тоа не дало резултати.

Писмото што ФБИ го доби во 2013 година

Џон и Кларенс беа осудени на 15-20 години затвор поради грабежи на банки. Тие ја отслужуваа казната во три различни затвори, а беа преместени во Алкатраз поради честите обиди за бегство. 

Тие, заедно со Френк, шест месеци работеле на проширување на тунелот за вентилација во нивните ќелии, а поставиле и нивни ликови направени од хартија во креветите, при обидот за бегство.

Фотографија која покажува како изгледала ќелијата на Англин на денот на бегството