„Last Christmas“ е песна на англиското поп-дуо „Вам“, која беше објавена во декември 1984 година под етикетата „Епик рекордс“. Поточно, беше издаден грамофонски запис со песната „Everything She Wants“, од чија продажба Џорџ Мајкл и Ендру Риџли ги донираа сите средства за гладните во Етиопија.

Иако денес се смета за една од најпопуларните божиќни песни на сите времиња, „Last Christmas“ не беше на врвот на топ-листите во Велика Британија кога се појави пред 36 години. Имено, во истата година, „Банд еид“ го објави „Do They Know is Christmas“, на која ѝ припадна честа да биде на врвот.

Песната достигна број 1 во Данска и во Шведска, а беше многу популарна во остатокот од Европа. Во Германија, на пример, се смета за најуспешен божиќен сингл на сите времиња, поминувајќи дури 137 недели на официјалната музичка топ-листа на „ГдК ентертејмент“.
Малкумина знаат дека Џорџ Мајкл не само што ги напиша и пееше меланхоличните текстови на „Last Christmas“ туку и дека ги свиреше сите инструменти на песната и ги продуцираше во студиото „Адвисон“ во Лондон.
– Контрадикторноста помеѓу музичка заднина дополнета со sвона од божиќното санки и тагата во текстовите поради невозвратена љубов е една од главните причини за успехот на оваа песна – тврдат музичките експерти.

Доста популарен е и видеоспотот, снимен во Швајцарија и во режија на италијанскиот режисер Џиакомо де Симоне, кое има околу 490 милиони прегледи на официјалниот канал на Јутјуб. Приказната на спотот, која следи група пријатели што одат на одмор среде зимски рај, во последните 35 години се наметна како идеално сценарио за славење на празниците. Песната „Last Christmas“ беше инспирација и за истоимениот божиќен филм во режија на Пол Фејг, во кој главните улоги ги толкуваат Емилија Кларк и Хенри Голдинг.