Кинескиот тајкун Ли Џијанхуа некогаш планираше да живее во близина на ќерка си, откако ќе ја заврши кариерата што му донесе политички престиж и големо богатство во Кина. За таа цел, две мултимионски вили беа изградени една покрај друга, во Ванкувер, Канада. Карол Ли Ксијаоки изрази оддаденост и почит кон татка си, а тој, пак, љубов и приврзаност кон неговото единствено дете.

Но наместо поминување на времето живеејќи покрај ќерка си, вдовецот Ли Џијанхуа (65) сега води жестока правна битка во канадскиот суд со неа, околу имотот во Ванкувер вреден 14 милиони долари. Во спорот се вклучени и обвинувања за наводно насилство, како и за измама. 

Во серијата на тужби и контратужби до Врховниот суд на канадската покраина Британска Колумбија, Керол Ли тврди дека нејзиниот татко ја нападнал со нож, додека насила ја спречил нејзината мајка Лиу Ксијан, која тогаш боледувала од рак, да напише тестамент во корист на ќерка си, во мај. Во прашање биле акциите на компанијата „ГВ“ кои достигнале вредност од 242 милиони долари по смртта на Лиу Ксијан. Керол Ли успеа да дојде до посед на акциите на нејзината мајка.

Од друга страна, Ли Џијанхуа тврди дека ќерка му го измамила за да потпише документи на англиски, со кои на нејзино име биле префрлен имот во Ванкувер вреден милиони долари.

И таткото и ќерката ги негираат меѓусебните обвинувања додека трае нивната жестока правна битка.