Љубителите на рок-групата „Ласт експедишн“ ќе можат да го проследат нивниот онлајн новогодишен концерт на фејсбук-платформата на продукцијата „Авалон“. Настапот на бендот почнува утревечер во 23.30 часот, а според најавите, ќе трае до 2 часот на 1 јануари.

– Иако 2020-та е веројатно најчудната и најпредизвикувачка година по сите параметри, особено за музичката индустрија, сепак веруваме дека ќе успееме да направиме барем малку да се почувствувате поразлично и да ја испратиме оваа година со музика и добар рокенрол, макар и онлајн. Па, така, со задоволство сакаме да ви го најавиме нашиот новогодишен проект – виртуелен концерт на еден од најкултните македонски бендови на сите времиња – „Ласт експедишн“. Нашите пријатели од последната експедиција ќе настапат со специјална новогодишна програма, а ќе имаат и гости што ќе ги оставиме како изненадување на вечерта. Да ја испратиме оваа чудна 2020-та и да ја дочекаме 2021-та со „Ласт експедишн“ на струја – велат од „Авалон“.