На 22 декември 1908 година во Велес е роден Коста Солев Рацин, македонски поет и револуционер, еден од основоположниците на современата македонска литература.

Се смета и за еден од најистакнатите интелектуалци што ги дала Македонија во периодот помеѓу двете светски војни, но и воопшто.

Притиснат од сиромаштијата и потребата од работна рака во грнчарската работилница на татко му, во 1918 година е принуден да го напушти редовното школување и да стане грнчар. Сепак, неговата желба за учење е голема и тој продолжува да се самообразува.

Најпознат е по својата збирка песни „Бели мугри“, издадена во Загреб во 1939 година и претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература.

Токму поради ова дело се смета за основоположник на современата македонската литература, но Рацин бил многу повеќе од само наш најдобар поет помеѓу двете светски војни, неговата активност како истакнат работнички и комунистички деец обично се потиснува во втор план, но сликата на Рацин без овој елемент не соодветствува на реалноста.

Освен поезија Рацин пишувал и проза, а напишал и повеќе значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика.

Важно е да се нагласи и податокот дека Рацин е првиот Македонец што го проучувал богомилското движење, за кое напишал неколку трудови на таа тема „Драговитските богомили“, „Богомилите“ и „Селското движење на богомилите во средниот век“.

Рацин влегол во КПЈ од која подоцна бил исклучен, а влегувал и во битки против посрбувањето и побугарчувањето на македонскиот народ.

Псевдонимот Рацин го зел од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца, а кратко време го користел и псевдонимот Невен Пејко, кој го зел од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ.

Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.

Според официјалната верзија за неговата смрт загинал во несреќен и неразјаснет случај во месноста Лопушник, во близина на партизанската печатница на Лопушник во Кичевско на 13 јуни 1943 година.

Телото на Рацин било погребано во близина на Печатницата во Лопушник, од каде што, по ослободувањето, неговите посмртни останки се пренесени во Велес.