Шарп (лево) и Ајсенберг уште редовно играат лотарија

Кога добитникот на лотаријата на Њујорк Лу Ајсенберг (90) го запознал Куртис Шарп (80) во 1982 година, тој веднаш знаел дека тие ќе бидат пријатели, пишува „Њујорк пост“. Шарп тогаш освоил џекпот од пет милиони долари, една година откако Ајсенберг ја добил истата сума, тогаш рекордна за њујоршката лотарија.

– Бев поканет на забавата организирана во чест на добивката на Куртис, бидејќи и јас ја добив истата. Тој ми се допадна бидејќи ме потсетуваше на мене. Беше облечен формално и влезе пеејќи. Тој истовремено одеше рака под рака со сопругата и со љубовницата. Се изнасмеав до солзи – се сеќава Ајсенберг на среќавањето со Шарп.

Планираната кратка средба на лото-добитниците се претвори во доживотно пријателство. Тие припаѓале на работничката класа, работејќи на одржување на канцелариите во одредени компании, пред да го освојат џекпотот, за потоа да го загубат богатството и пак да се вратат на секојдневното заработување за живот. Ајсенберг заработувал 225 долари неделно, а Шарп 300 долари неделно, кога го освоиле богатството.

Ајсенберг и Шарп во времето кога беа милионери

Двајцата одлучиле да ја добиваат премијата на рати, преку исплати од 200 илјади, односно 239 илјади долари годишно. Ајсенберг почнал да патува во Париз и во Лас Вегас, каде што се коцкал, а бил и дарежлив со парите, давајќи им одредени суми на пријателите и на соседите. Згора, тој се развел од сопругата. Слично како и неговиот пријател, и Шарп имал неколку разводи, а обожувал и да се коцка и да купува скапи автомобили. Згора и Шарп им давал пари на познаниците, а се оддал и на алкохолот и на дрогата. Ваквиот начин на живот резултирал со губење на богатството, но тоа не влијаело на нивното пријателство.

– На крајот, тој ме има мене, а јас него, но ниту еден од нас нема пари – кажа Ајсенберг, а Шарп додаде дека „биле заедно низ добрите времиња на богатство, како што сега се заедно низ тешките времиња на сиромаштија“.

Тие сега живеат скромно (Ајсенберг има месечни приходи од 1.800 долари, а Шарп 2.600 долари), но и натаму редовно играат лотарија, со надеж дека среќата повторно ќе ги послужи.