Депресијата, според податоците на Светската здравствена организација, опфаќа над 300 милиони луѓе во светот. Во најлошите случаи, таа состојба може да доведе и до самоубиство.

Нормално е понекогаш да чувствуваме тага и да сме нерасположени поради некоја случка, но депресијата е нешто сосем друго. Таа може да доведе до низа емоционални и физички проблеми кои просто ја намалуваат способноста на човекот да функционира, како на работа, така и дома. Симптомите се интензивна тага која трае подолго време, губење интерес за вообичаените секојдневни активности, главоболки и проблеми со јадењето и со спиењето.

Депресијата може да се лекува, но е исклучително важно да се разговара со стручно лице, за да се избере најдобрата терапија заснована на причината, симптомите, медицинската и семејната историја на болеста, културолошките фактори и опкружувањето.

Според Американската психијатриска асоцијација, 80 до 90 отсто од луѓето позитивно реагираат на терапијата, но кај некои пациенти лековите достапни на пазарот се неефикасни. Повеќето антидепресиви се создадени врз основа на претпоставката дека депресијата се јавува поради недостиг на хормоните серотонин и норепинефрин.

Студија на Универзитетот на Хирошима, објавена во списанието „Неуросајенс“, а која се заснова на однесувањето на протеинот РГС-8. Тој го контролира рецептор МЦХР-1, кој пак ги регулира сонот, исхраната и расположението.

Истражувањата утврдиле дека РГС-8 го деактивира тој рецептор и тоа сознание отвора пат кон пронаоѓање нови лекови за поефикасно лекување на депресијата, дури и кај најтешките случаи.