Кога доаѓа зимата, топлите пијалаци се речиси секогаш на нашата трпеза, најобожуван е салепот кој маѓепсува со својот мирис и вкус.

Идејата за правење на овој пијалак од волшебниот цвет на дивите орхидеи им припаѓа на Турците, благодарение на нивното верско уверување. Во осмиот век турскиот народ преминал во ислам, каде алкохолните пијалаци се забранети, па оттаму доаѓа идејата за салепот, кој покрај тоа што ќе ве загрее во студените денови, има и леково дејство.

Потврдена е големата лековита придобивка на салепот, бидејќи слузта од салепот во тенок слој се врзува за слузокожата, целосно ја обложува и ја штити од негативни влијанија, помага кај болно грло, а благотворен е и за регенерирање при воспаление на желудник и ѕидовите на цревата.

Чаши свеж салеп

Салепот се прави од диви орхидеи, кои го фасцинирале човештвото уште пред три илјади години, не само со својата естетска убавина, туку и со својата медицинска моќ. Задебелените корени од орхидеите се мијат, потоа се варат и сушат, за на крај да се сомелат со цел да се добие потребното брашно кое е потребно за да подготвите салеп.

Во минатото салепот се користел за закрепнување при тешки болести, а постоело верување дека го забрзува заздравувањето на раните, па на повредените места луѓето ставале облоги од салеп.

Лековитата моќ на салепот всушност доаѓа од глукомананот, кој ги лекува респираторните проблеми како бронхитис и кашлица. Со овој пијалак, ќе ја подобрите работата на срцето и мозокот, исто така ќе ја излекувате и дијареата и ќе го загреете вашето тело.

Особено, доколку салепот го консумирате со ѓумбир или цимет, ќе го засилите неговото дејство.

Дива орхидеја

Овој скапоцен цвет расте речиси секаде во Турција и има повеќе видови, од кои некои се во изумирање.

За да се добие еден килограм брашно од салеп потребни се повеќе од илјада корени од орхидеи кои се извлекуваат директно од почва. Потребни се 7 до 8 години за корените да ја постигнат потребната големина со цел да можат да бидат употребени за производство на салеп. Затоа извозот на салеп е забранет, но сепак постојат инстант верзии со вкус на салеп кои се извезуваат.