Гаспаре Џакалоне не се плаши од заканите на гангстерите

Гаспаре Џакалоне бил почитуван банкар во Лондон, менаџирајќи инвестиции вредни милијарди пред да се впушти во борба против италијанската мафија. Кога го напуштил банкарството во 2012 година за да се кандидира за градоначалник на неговото родно место Петросино, тој знаел дека ќе ја замени мирната канцелариска работа за живот исполнет со опасности, спротиставувајќи им се на локалните гангстери, пренесува британски „Гардијан“. 

Селото Петросино со популација од осум илјади жители се наоѓа во средиштето на територијата контролирана од шефот над шефовите на Коза ностра, Матео Месина Денаро, кој е еден од најпознатите светски бегалци. 

По изборот за градоначалник, Џакалоне, се впуштил во борба против нелегалните бизниси поврзани со градежништвото и отстранувањето на отпад контролирани од криминалните организации, со што станал „трн во окото“ на мафијата.

– Тоа е валкана работа, но некој мора да ја заврши – низ смеа вели Џакалоне, кој стигнал во Лондон во 1996 година, каде што нашол работа како финансиски аналитичар.

Тој работел во повеќе банки, а почнал да се занимава со политика во 2006 година кога го основал левичарското здружение „Радио Лондра“, меѓу чии членови имало околу 250 италијански иселеници во Велика Британија.

Џакалоне решил да и се спротистави на мафијата во 2011 година кога дознал дека криминалните организации планираат преземање на контрола врз локалната плажа во Петросино. Тој потоа се вратил на Сицилија по 17 години поминати во Велика Британија, за да победи на локалните избори во мај 2012 година и да ја почне борбата против мафијата.

Тоа довело до брза реакција на мафијата, по што градоначалникот добивал заканувачки писма секоја недела. 

– Собрав повеќе од 300 писма за пет години. Писмата содржеа смртни закани. Мафијата ми порачуваше дека ќе ме убие, ако се обидам да ги запрам – вели Џакалоне, кој дознал и дека гангстерите ја озвучиле неговата канцеларија за да го шпионираат.

Полицијата го трансформирана домот на Џакалоне во тврдина, поставувајќи десетина камери. Неговите напори набргу донеле резултати. Локалното обвинителство ги запленило зградите на плажата, а локалната власт го поверила бизнисот за справување со отпад на јавните служби.

– Го носам Лондон во срцето. Од Англичаните научив што треба да сторам. Но од сицилијанците научив дека треба да се помачам за да го остварам – објаснува поранешниот банкар.

Благодарение на борбата против криминалот, Џакалоне повторно бил избран за градоначалник во 2017 година, со повеќе од 60 отсто од гласовите.