„Нова Македонија“ во почетокот на пандемијата отвори нова рубрика, поттикната од актуелните случувања, насловена Приказни од самоизолација. Во неа објавувавме текстови на наши познати личности: уметници, писатели, спортисти, интелектуалци, професори, политичари. Рубриката беше замислена како поттик и мотивација полесно да се пребродат актуелната криза и изолациското секојдневие. Се собраа триесетина приказни. Ова се некои од најинспиративните пораки…

Рубенс Корубин, сликар
Динамичната брзина со која се движеше светот, забави, но и воздухот се прочисти. Се надеваме дека кога ќе заврши ова, со пошироко отворени очи ќе гледаме на светот и на мајката природа и што сѐ треба да направиме за да не го изгубиме тоа што никој не може да ни го даде, а до вчера мислевме дека ни е дадено гратис и можеме да правиме сѐ што сакаме.

Атанас Ботев, сликар
Во трескавичната трка за профит, одамна го изгубивме морално-етичкиот компас, претворајќи се во егоистични ѕверки што рушат сѐ пред себе. Појавата на ковид-19 е логична реакција на декадентниот, антропоцентричен, расипнички однос, со кој ја доведовме нашата планета до работ на уништување.

Камка Тоциновски, глумица
Самотијата воопшто не е толку лоша. Таа е вртење кон себе, разговор со себе. Во Белград ја најдов и третата книга од затворската хроника на Жарко Лаушевиќ, „Сѐ проаѓа, па и доживотна“, во која вели: „Секогаш ќе има самотија за оние што ѝ се достојни“. Ете, на ова можеме да гледаме и како на испит. Дали знаеме да поминеме време сами со себе.

Жарко Иванов, аниматор
Вирусот не можеше да се појави во подобар период од годината, напролет, време за копање, садење, расадување. Добро ѝ дојде и на планетава малку одмор од луѓето, да здивне од нивното расипништво и од трката по профит, не водејќи никаква сметка за природата.

Славиша Кајевски, глумец
Бев изненаден од целиот тој хаос и неизвесност што се случија кај нас, бидејќи судирот на тема коронавирус го почувствував уште во јануари во Пекинг, каде што гостувавме со МНТ. Можев да ги почувствувам стравот, агонијата и загриженоста дека нешто не е во ред. Треба да сме свесни дека сите заедно сме во оваа битка и секој од нас има одговорност кон себе и кон другиот.

Ана Голејшка Џикова, поетеса
Денот заоѓа најчесто порано. Ноќите се полни со тишина, звуци на птици, линкови од сателити и небо што конечно е вперено во нас, наместо ние во него. Што е време? Што значи да се има време во изолација? Значи да се остане присебен, да се гушкаат домашните. Да не се плаши човек дека е жив.

Петар Андоновски, писател
Прекуноќ ни се променија животите. Изолацијата не треба да ни биде затвор, туку слобода. Постојано се жалиме дека немаме време за себе, за семејството, за работите што ги сакаме. Сега го имаме сето време на светот и треба да го искористиме мудро. Во вакви времиња, кога мислите дека се ближи крај на светот, се отвораат милион други светови.

Мира Гаќина, историчарка на уметност
Нашето претчувство беше дека ќе се покаже дека се соочуваме со истите грижи, им се радуваме на исти работи насекаде во светот, дека многу нешта споделуваме, независно кај сме. Оваа глобална здравствена криза само ни потврди колку е мал светот и дека, за жал, една од работите што ги споделуваме е нашата кршливост, но и солидарност.