Бракот меѓу Милева Мариќ и Алберт Ајнштајн е една од најтажните приказни од светот на науката. Годинава се навршуваат точно 100 години откако бракот на брилијантниот физичар и брилијантната теоретичарка по физика бил означен со развод.

Тие веќе пет години живееле одвоено, така што се работело само за законска формалност, а како изгледале на почетокот од разводот денес сведочат некои документи.

Милева и Алберт, кога се запознале се опсипувале со внимание, сѐ додека Алберт не станал единствениот во семејството што заработува.

Таа морала да студира во Швајцарија затоа што во тоа време на техничките факултети не примале жени. По генијалност Милева му била рамна на Ајнштајн, меѓутоа не го завршила факултетот. Откако предбрачно останала бремена, заминала во Војводина кај родителите и таму го родила девојчето. По извесно време заминала за Швајцарија со Ајнштајн, а девојчето наскоро се разболело и умрело. Потоа почнале вистинските борби меѓу сопружниците.

Милева и Ајнштајн со нивната ќерка

Кога имала 44 години тие се развеле, а госпоѓа Ајнштајн станала неговата братучетка Елса, во која бил вљубен уште од детството. Две години подоцна, како негова поранешна сопруга добила дел од парите што ги добил Ајнштајн за неговата Нобелова награда, што ѝ помогнало да се грижи за нивниот најмлад и болен син Едуард.

Можеби најсрамниот дел од животот на Ајнштајн е токму овој дел од животот. Неговото писмо испратено до Милева во Берлин на 18 јули, 1914 година е брутален историски документ кој сведочи за машката шовинистичка традиција на западната цивилизација. Писмото ѝ го има напишано кога веќе бил во љубовна врска со Елса, со која подоцна и се оженил.

Писмата на Ајнштајн до Милева

„Ќе се грижите мојата облека да биде во ред. Во мојата соба редовно да имам по три оброка. Мојата спална и работна соба да бидат одржувани, а мојата работна маса само јас смеам да ја користам. Ќе се одречете од сите приватни односи со мене, освен неопходните разговори од социјален карактер. Ќе се одречете од моето седење со вас по дома, моите излегувања и патувања со вас. Ќе ги почитувате следниве точки во својот однос со мене: Од мене нема да очекувате никаква интимност, ниту, пак, на кој било начин ќе ми се приближувате. Ќе престанете да разговарате со мене ако тоа го побарам. Ќе ја напуштите мојата спална или работна соба без противење, ако јас тоа го побарам. Нема да ме омаловажувате пред нашите деца, ниту со зборови ниту со дела.“

Милева Мариќ се согласила на овие барања. Меѓутоа, после неколку месеци, не издржала, ги земала нивните синови со себе и заминала од Берлин.

Милева со синовите Ханс и Едуард