Белата линија ја означува поделбата на дворот на брачниот пар од САД

Барбара и Арт Бушу го поделија дворот на нивниот дом во гратчето Клинтон, подвлекувајќи бела линија, поради нивните спротиставени политички ставови, во невообичаениот случај што го привлече вниманието на јавноста во САД, пренесува „Ју Ес тудеј“.

– По цел ден се караме околу телевизорот. Постојано ги менуваме каналите помеѓу Фокс и Си ен ен. Ги криеме далечинските управувачи и се бориме околу нив. Помага кога телевизорот е исклучен, кога можеме да зборуваме за други нешта, освен за политиката – кажа низ смеа Барбара, која е во брак со Арт 30 години.

Ниеден од сопружниците не е сигурен кога ја подвлекле линијата што го дели нивниот двор, со што Барбара тврди дека тоа е нејзино дело, откако набавила знаци на Демократската партија, како одговор на знаците на Републиканската партија на нејзиниот сопруг.

– Луѓето ми велеа дека знаците не гласаат. Но не ги слушав бидејќи тој имаше повеќе знаци од мене. Ситуацијата ме нервираше. Јас ги поставив знаците, а тој постави повеќе. Тогаш ја подвлеков линијата на средината, за да се знае кој каде ги става знаците – објаснува Барбара Бушу.

Брачниот пар Бушу додава дека со текот на времето нивните политички ставови омекнувале, прифаќајќи ја политиката на другата партија, но линијата на поделбата останува.