АФОРИЗМИ / Македонизми

  • Полесно ќе си поминете ако во окото ви влезе грд трн отколку убава женска!
  • Тестаментот е средство што го собира најблискиот родот пред неговото читање, а го разделува по тоа!
  • Ги положи сите испити, но дури откако ја положија професорите!
  • Со помош на најгрдиот трн лесно може да се поништи и најубавиот мирис на розата!
  • Најдобро поткованиот со знаење најтешко може да биде насамарен!
  • Уште не стигна на својата цел, а од него не остана ниту половина!
  • Сѐ му падна од небото, па затоа беше како бог на земјата!
  • Најлошо е кога за зеленилото се грижат некои зелени и во своето знаење!
  • Тешко си на светецот што навреме не ја платил сметката за струја!
  • Најмасовен спорт во секое време е трката по пари!
  • Искуството нѐ учи забите да ги покажуваме само кога ќе добиеме нова вештачка вилица!
  • Времето е пари, а особено тоа што го покажуваат златните часовници!
  • Тивката вода брегот го рони, како и ситните букви во договорот за кредит што го прават задолжувањето колку планина!
  • Што ќе посееш, тоа ќе ожнееш, но тоа не значи дека треба да сееш и пари!
  • Само ороводецот што не го слуша тоа што другите му го свират е вистинскиот независен водач на орото!
  • Кој носи, проси само ако го фатат!
  • Само змијата не се жали кога ѝ е тесна кожата!
  • Тој што не се лизнал не го знае ниту најмазниот пат на свилата!
  • Прејадениот мачор глувците повеќе ги смета за огадени непријатели отколку за вкусна храна!
  • Единствено на славејот не му се потребни врски за завршување на својата музичка наобразба!
  • Откако дојде на чело, почна да ни оди на врат!
  • Противкандидатите лаат, изборниот карван си врви!
  • Ние за волкот, а дрогираната Црвенкапа на врата!
  • И на оние што цел живот доцнат крајот секогаш им стигнува навреме!
  • Редот пред рајот се разликува од оној пред пеколот по тоа што пред првиот чекаат сите, а пред вториот никој!
  • Единствено високата цена е правопропорционална со високата мода!
  • Како што добриот збор железна врата отвора, така лошиот збор може да го затвори оној што го кажува зад иста таква врата!
  • Бескрајното дело нема што да го краси!

Кристина, Андреј и Иван Русјакови