Југословија имала свој Џејмс Бонд, кој бил љубовник на Гарбо и пријател на Сталин

1500

Мустафа Голубиќ е една од најзагадочните историски фигури меѓу двете светски војни на Балканот.

Бил бонвиван, шпион, Сталинов пријател, љубовник на Грета Гарбо, човекот што го организирал атентатот на Троцки, агент на Коминтерната, „југословенскиот Џејмс Бонд“…

Голубиќ е роден во Столац, Херцеговина, во 1889 година. Бил одметник, револуционер, советски шпион и координатор на оперативни акции на Коминтерната.

Го нарекуваат „Човекот со 100 лица“ и се верува дека имал 250 пасоша.

Учествувал во Првата балканска војна во четничкиот одред на Воислав Танкосиќ.

После војната го добива чинот наредник и одликуван е со орден за храброст. За време на Првата светска војна учествувал во сите битки. Во Солун се спријателува со полковникот Драгутин Димитријевиќ Апис, водач на тајното здружение „Единство или смрт“, познато како „Црна рака“. За време на судењето на Солунскиот процес, Голубиќ сведочел во корист на Апис. По неговата смрт се заколнал дека ќе го одмазди Апис и станал непријател на Кралството СХС.

Постои приказна дека во 1919 година пред хотел во Москва го запрел кралскиот пајтон и се заканил со убиство во име на Апис. Во текот на триесеттите години во воената тајна служба на СССР бил член на секторот за ликвидација на политички личности. Се поврзува со неколку атентата. Означен е како организатор на убиството на Лав Троцки, на познатиот агент на британската тајна служба Сидни Рајли, за киднапирања на генералите Кутепов и Милер.

Мустафа бил голем пријател на Сталин, а се спомнува и како љубовник на холивудската ѕвезда Грета Гарбо.

Во Србија се враќа на почетокот на Втората светска војна, учествува во припремата на воениот пуч на 27 март, 1941 година против пристапување на Југославија во Тројниот сојуз.

На 6 април 1941 година присуствува на потпишување на Пактот за пријателство меѓу СССР и Југославија.

Многу операции од 1941 година се поврзуваат со неговото име: подметнување на 423 пакета со експлозив во подрумот на една куќа што се наоѓала покрај зградата во која требало да се одржи важен фолксдојчерски собир; се поврзува и со трагичната експлозија на Смедеревската тврдина, како и со кревањето во воздух на магацинот за бензин на Ташмајдан.

Со анонимна дојава е уапсен на 5 јуни, 1941 година.

Службите на Гестапо ѕверски го мачеле и после четири сослушувања не откриле ништо, освен неколку фалсификувани пасоши.

Стрелан е на 11 јуни, 1941 година во Пионерскиот парк во Белград.