Илјадници Швеѓани имплантираат микрочипови под кожата за да не мораат да носат лични документи, електронски картички, па дури ниту билети за јавниот транспорт, пренесува „Бизнис инсајдер“.

Околу три илјади жители на скандинавската држава всадиле единечен микрочип со големина на зрно ориз во нивното тело, во последните три години. Ова технологија првпат била воведена во Шведска во 2015 година.

Употребата на микрочиповите веќе има практична примена, заменувајќи повеќе секојдневни предмети. Микрочипот во раката на Улрика Селсинг (28) ги замени електронската картичка со која таа ја отклучува нејзината канцеларија, како и членската картичка за фитнес-клубот што таа го посетува. Селсинг влегува во канцеларијата со мало движење на раката над електронска кутија што го регистира микрочипот, по што внесува шифра за отклучување на вратата.

Државната железница „Си Џеј рејлајн“ минатата година почна да го наплаќа превозот преку биометриски чипови.  Тестирањето на употребата на микрочиповите за извршување на платежните услуги, допрва треба да почне, со што тие наскоро би можеле да ги заменат и кредитните картички.

Процедурата за внесување на чипот е слична со пирсингот, при што тој се инјектира во раката со шприц. Зафатот е безболен, но микробиолозите предупредуваат дека би можело да дојде до инфекции и до несакани реакции на имунолошкиот систем.

Швеѓаните покажаа подготвеност за користење на напредната технолигија, особено бидејќи поддржувачите на оваа практика не веруваат дека постои опасност од хакирање на чиповите.

Шведската компанија „Бионификен“ организираше „забави за имплантација“ во САД, Обединетото Кралство, Франција, Германија и во Мексико, на кои групи на луѓе имплантираа чипови во нивните раце, уште пред четири години.