Финансирањето на потрагата по Медлин Мекен дава надеж, но предизвика и гнев

272
Родителите на Медлин Мекен порачаа дека никогаш нема да се откажат од потрагата

Одобрените дополнителни 150 илјади фунти за полициската истрага за пронаоѓање на исчезнатата Медлин Мекен даваат нова надеж за решавање на случајот, но предизвикаа и поделени мислења во Велика Британија, пренесуваат тамошните медиуми.

Тогаш тригодишната Медлин Мекен исчезна од апартман во португалското летувалиште Праја до Луш на 3 мај 2007 година, додека нејзините родители Кејт и Гери биле на вечера во ресторан во близина.

Британската полиција покрена истрага во 2011 година, откако португалските власти не успеаја да дојдат до одговори во случајот. Досега се потрошени вкупно 11,75 милиони фунти за финансирање на напорите за пронаоѓање на девојчето. Дополнителните средства се предвидени за периодот до крајот на март в година.

Детективите што работат на случајот, поднесуваа барања за финансирање на секои шест месеци. Полицијата разгледала повеќе од 40 илјади документи и разговарала со преку 600 лица во рамките на истрагата, беше објавено на 10-годишнината од исчезнувањето на девојчето, во мај минатата година.

На веста за дополнителното финансирање за случајот Мекен, реагираше Карен Даунс (лево), мајката на исчезнатата Чарлин Даунс

На веста за дополнителното финансирање за случајот Мекен, реагираше Карен Даунс, мајката на Чарлин Даунс, девојчето што имаше 14 години кога исчезна во Блекпул, на 1 ноември во 2003 година. Карен изразила незадоволство бидејќи смета оти нејзината ќерка е заборавена.

– Се чувствувам гневна бидејќи другите деца, Чарлин и уште многу други, се заборавени. По едно дете исчезнува во Велика Британија на секои три минути. На сите исчезнати деца им е потребен глас. Што е со останатите што никогаш не се вратија дома? Медлин не исчезна во оваа држава. Тоа е прашање за португалската полиција, а сепак, парите постојано доаѓаат за нејзината потрага – кажа Даунс.

Родителите на Медлин, Гери и Кејт, јавно порачаа дека никогаш нема да се откажат од потрагата, со што досега собраа 728 илјади фунти за ангажирање на приватни истражители.