Таткото што тргна во борба против загадувањето поради своите деца, покрена цела држава

208

Кениецот Џон Киети секојдневно го поднесувал загадениот воздух во неговото место на живеење близу главниот град Најроби. Но, тој го загубил трпението откако неговите две деца се соочиле со респираторни проблеми и повеќе не смееле да излегуваат од нивниот мал стан. Тогаш, Киети решил да дејствува, пренесува Би-би-си.

Тој објаснува дека тие секојдневно се буделе со мирисот на чад во воздухот кој предизвикувал потешкотии при дишењето, предизвикан од блиските фабрики за цемент и асфалт, кои се наоѓаат во близина на нивната населба.

Според мерните станици, воздухот во нивната населба бил 70 пати позагаден од дозволениот максимум, поради чадот предизвикан од мешање на издувните гасови од фабриките, старите автомобили и од запалениот отпад.

Дел од петте илјади жители во населбата се раселиле, па тогаш Киети почнал да дествува. Тој ги мобилизирал неговите соседи за да преземат мерки и да ја затворат фабриката која најмногу го загадува воздухот.

Секоја ноќ, тие го мереле загадувањето на воздухот со сензорите кои сами ги поставиле и ги споделувале резултатите на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер, како и на видео-платформата Јутуб.

– Ги искористивме социјалните мрежи за да ги споделиме податоците кои служеа за нашата кампања. Ова направи голем притисок врз Националниот орган за управување со животна средина – вели Киети.

Благодарение на нивните ноќни дежурства со прибирање податоци, локалните медиуми ја прифатиле нивната кампања. На овој начин преку социјалните мрежи се рашириле информации за многу случаи на загадување во нивната земја, како и за несреќни случаи во кои младите боледуваат и умираат поради респираторните проблеми предизвикани од загадениот воздух.

Примерот на Киети бил прифатен и од други загрижени родители и сограѓани. Тие ја прифатиле неговата кампања за почист воздух, и благодарение на нивното активирање и дејствување, успеале да затворат неколку фабрики кои се големи загадувачи сѐ до поставувањето на филтри.

– Резултатите што ги покажуваат сензорите се значително подобри од порано. Воздухот е значително помалку загаден, и респираторните проблеми кај младите се видно намалени. Моравме да десјтвуваме за нашите деца – велат активистите од Кенија кои со насмевки на лицата зборуваат за нивниот постигнат успех во борбата против загадувањето.


Родителите се задоволни од постигнатите резултати и намалената опасност за нивните деца