Судбината на Алис Мари Џонсон ја одведе Ким Кардашијан до Трамп

860
Алис Мари Џонсон

По повеќенеделни преговори со претставниците од Белата куќа, Ким Кардашијан денеска го посети Доналд Трамп во овалниот кабинет, со барањето за ослободување на 63-годишната Алис Мари Џонсон од затвор, пишува „Бизнис инсајдер“.

Посетата уследи откако познатата телевизиска ѕвезда ја упати нејзината молба до зетот на Трамп, Џаред Кушнер, минатиот месец. Кардашијан се надева дека американскиот лидер ќе покаже милост кон старицата, односно оти тој би можел да ја ублажи или укине нејзината казна.

Џонсон отслужува доживотна казна за ненасилни дела поврзани со дрога, што ги починила во 90-те години на минатиот век. Нејзиниот случај со години го привлекува вниманието на јавноста во САД, со што и Кардашијан се заинтересирала за него во октомври минатата година. 

Мајката на пет деца, Џонсон, поминала низ тежок животен период што му претходел на апсењето, кога во неколку години се соочила со зависност од коцкање, губење на работата, развод, банкрот, одземање на нејзиниот дом, како и со смртта на најмладиот син во сообраќајна несреќа, пред да се обиде да заработува преку продажба на дрога, што резултираше со нејзиното апсење, по што беше осудена на доживотен затвор во 1997 година.

– Денеска ми е роденден, и доколку добијам помилување, тоа ќе биде најголемиот подарок што сум го добила во животот – порача Џонсон за „Бизнис инсајдер“, во пораката пратена преку електронска пошта, од затворот во Алисвил, Алабама.

Затвореничката додаде дека таа чувствува значителен оптимизам откако Кардашијан го изнела нејзиниот случај кај Кушнер. Џонсон и нејзиното семејство досега претрпеа разочарување, кога претходниот американски претседател Барак Обама ја одби можноста за нејзино помилување во три наврати.

– Ким го прифати мојот случај, имајќи разбирање за моето страдање. Таа е мојот ангел и никогаш нема да заборавам што стори за мене – истакна Џонсон.

Правните експерти во САД сметаат дека Џонсон е идеална кандидатка за помилување, бидејќи е жртва на строгите закони од 80-те и од 90-те години за прв прекршок, која се рехабилитирала во текот на двете децении поминати во затвор. Таа сега е свештено лице, пишува драми, а им помага и на затворениците со суицидни склоности.

Трамп не даде назнаки дека го разгледува случајот на Џонсон, по средбата со Кардашијан. Тој преку „Твитер“ соопшти дека разговарал за затворски реформи со Кардашијан, објавувајќи и фотографија од средбата.