Одбрав живот, бидејќи немав намера да го одберам полесниот излез

162

Аманда Елер (35), која исчезна на 8 мај додека била на прошетка на шумскиот резерват во Макавао, на Хаваи во САД, беше пронајдена жива во петокот, пренесуваат светските медиуми. Таа успеала да преживее благодарение на дивите овошки, водата и песокот во шумата каде што била загубена повеќе од две недели.

По Елер трагаа стотици волонтери, а нејзините родители понудија парична награда во висина од 10.000 долари за оној кој ќе ја пронајде.

Елер за „Њујорк тајмс“ изјавила дека во таквите моменти била свесна дека единствената опција што ја има била живот или смрт.

– Мојот внатрешен глас ми велеше: Ако сакаш да живееш, продолжи да се движиш. Во моментите кога имав намера да се обидам да одам во друга насока, спротивна на таа која што ми ја кажуваше мојот внатрешен глас, нешто ќе ме сопреше. Или гранка ќе паднеше врз мене, ќе го удрев прстот, или пак ќе се сопнев. Поради тоа знаев дека има само еден вистински пат – изјавила Аманда Елер.

Хеликоптер кој бил вклучен во потрагата ја забележал во петокот и безбедно ја пренел во болница. Елер имала фрактура на ногата и гребаници, изгореници од сонцето и била прегладнета, но сепак била во добра состојба.

Таа од болничкиот кревет им се заблагодарила на стотиците волонтери кои неуморно ја барале. Притоа додала дека тие 17 дена кои ги поминала во шумата биле најтешки во нејзиниот живот.

– Имаше моменти кога бев тотално исплашена, се чувствував изгубено и сакав да се откажам. Сѐ се сведе на живот или смрт и морав да одберам. Одбрав живот, бидејќи немав намера да го одберам полесниот излез – додава Елер.