Лансиран првот комерцијален вселенски брод „Кру Драгон“

151

Компанијата „СпејсИкс“ денеска од космодромот на р’тот Канаверал го лансираше „Кру Драгон“, првиот вселенски брод управуван од пилоти. Ракетата носач на вселенскиот брод, „Фалкон-9“, беше стартувана во раните утрински часови по источно-американско време и „СпејсИкс“ вршеше директен пренос на ЈуТјуб.

Одделувањето на првиот степен на ракетата помина успешно и „Фалкон-9“ го изнесе вселенскиот брод на орбита за спојување со Меѓународната вселенска станица (МВС). Бродот се очекува утре, 3 март, да пристигне на МВС.

Првиот лет на „Кру Драгон“ беше без екипаж, но во јуни годинава ќе биде со космонаутите Боб Бенкен и Даг Херли. Вселенскиот брод првично требаше да полета лани во декември, но лансирањето беше одложено за јануари „за да се обезбедат услови за спојување во орбиталната лабораторија“. Летот уште еднаш беше одложен за во февруари.

„Кру Драгон“ е првот комерцијален вселенски брод управуван од пилоти во историјата на космонаутиката. Според плановите на Националната аеронаутичка агенција (НАСА), овој брод и оној на „Боинг“ кој треба да биде пуштен во употреба годинава, ќе бидат замена за руските вселенски бродови „Сојуз“ кои досега беа единственото транспортно средство за превоз на американските космонаути и научници на МВС.

Како „Боинг“, така и „СпејсИкс“ објавија дека имаат планови вселенските бродови да ги употребуваат и во туристички цели.