Изолираниот живот на новинарот што ја разлути сицилијанската мафија

2785
Паоло Боромети е еден од околу 200-те новинари под полициска заштита во Италија

Паоло Боромети повеќето денови ги поминува во изолација, и покрај тоа што ретко е сам. Тој не прошетал низ парк, ниту по плажите на неговата родна Сицилија со години. Не може да вечера во ресторан, да гледа филм во кино, ниту да посети концерт, односно не смее сам да извршува ниту една од секојдневните, вообичаени активности, пишува „Сиднеј морнинг хералд“.

Секое утро на новинарот што известува за активностите на мафијата, почнува со пиење на еспресо, по што тој заминува на работа со полициска придружба. Боромети ја дели истата судбина со уште околу 200 колеги од медиумите кои живеат под полициска заштита во Италија.

Меѓу новинарите кои имаат 24-часовно обезбедување се и Лирио Абате, експертот за мафијата, кој веќе 11 години живее под заштита на полицијата, откако беше осуетен планираниот напад со бомба пред неговата куќа во Палермо. Федерика Анџели и нејзиното семејство се чувани од властите во последните пет години. Авторот на бестселерот „Гомора“, по која се снимени филм и телевизиска серија за криминалната организација од Неапол, Роберто Савијано, има полициска придружба од 2006 година. 

– Никој од нас не сака да биде херој. Единствено сакаме да ја вршиме нашата работа и должност, да пренесуваме приказни – кажа неодамна Боромети во Рим, каде што сега живее.

Тој беше нападнат од двајца маскирани мажи пред неговиот семеен дом на Сицилија, во 2014 година. Боромети претходно доби стотици закани од мафијата, чии припадници почнаа да вршат притисок врз новинарот, по само една година од неговото известување за тајните бизниси на организираниот криминал и поврзаноста со политичарите во југоисточна Сицилија.

– Гледај си ја работата, беше единственото што ми го кажаа напаѓачите, што претставуваше прво предупредување, односно не толку учтива сицилијанска верзија за предупредување – се сеќава Боромети, кој во нападот се здоби со повреди на раката, односно со кинење на мускул на рамото на три места.

Нападот, сепак, не го сопре Боромети да известува за мафијата, а полицијата одлучи да го стави под заштита, откако неговиот стан изгоре во подметнат пожар. Згора, властите разоткрија обид на мафијата за организирање на убиство на Боромети со автомобил-бомба.

– Ќе ти ја отсечеме главата, дури и во полициска станица – гласела заканата до новинарот, што ја упатил еден од шефовите на мафијата, преку социјалните мрежи.

Пишувањето на Боромети доведе до разоткривање на мрежата на организираниот криминал за контрола на пазарот со овошје и зеленчук во Виторија, на Сицилија.

– Ова покажува колку истражувачкото новинарство ја лути мафијата, која просперира кога ги води бизнисите во тишина. Новинарството има значајна улога во борбата против мафијата во Италија, особено сега – кажа обвинителот Нино Диматео, кој и самиот е цел на криминалците. 

Убиствата поврзани со мафијата се во пораст во Италија, а меѓународните набљудувачи сметаат оти организираниот криминал претставува најголема закана за новинарите на Стариот континент.