Измамата на лажната индиска кралица разоткриена по четири децении

674
Принцезата Сакина и принцот Али Раза (лево) заедно со нивен слуга во Њу Делхи во 1998 година

Вдовица ги убедила сите дека потекнува од кралска лоза и ѝ била подарена трошна куќа

Гардијан

Авторка: Ношин Игбал

Во изминатите 40 години во Индија меѓу странските дописници во Њу Делхи кружат приказни за мистериозното и повлечено кралско семејство. Малкумина добија дозвола за средба со нив или да известат за трагичниот крај на династијата која владеела со кралство на пет провинции во северна Индија до 1856 година.

Вдовицата Бегум Вилајат и нејзините деца, принцезата Сакина и принцот Али Раза, исто познат како Сајрус, тврделе дека се наследници на Наваб од Ауд, односно дека се потомци од персиската кралска лоза. Тие, наводно, сметале дека „Мугалите“ од кралската лоза која владеела со Индија од 16-тиот до 19-тиот век, се „обични бедници“, а „немањето сина крв не само што се сметало за криминал, туку и за голем грев“.

Нивниот живот поминат во сиромаштија во трошната палата Малча Махал во запуштениот дел на џунглата надвор од градот, бил физички приказ на траумата, уништувањето и суровоста која Индија ја претрпела со нејзината поделба од страна на Британците. Освен тоа, се откри дека внимателно скроената семејна легенда е шокантна лага, поточно семејство воопшто не потекнувало од династијата Ауд, туку биле обични измамници.

Во неверојатната приказна на новинарката Елен Бери, која минатата недела беше објавена во „Њујорк тајмс“, по четиригодишна работа во Индија, Пакистан и Бредфорд, Западен Јоркшир, таа откри дека семејната легенда била голема лага. Бери станала љубопитна за семејството чие богатство и статус биле загубени и за нивното потекло. Откако ја откри заплетканата мрежа од лаги и ексцентричност, веста масовно се прошири на Интернет.

Бегум Вилајат пристигнала на железничката станица во Њу Делхи на почетокот на 1970-тите години и ја окупирала ВИП-просторијата со нејзините кучиња, слугите и двете деца, и упатила барања државата да ѝ го врати украденото богатство и имотот на нејзините предци. Откако одбила да ја напушти просторијата, таа ја распослала со килими и антиквитети и таму живеела речиси 10 години пред да ѝ биде доделена Малча Махал, ловечката палата од 14-тиот век во густата шума што се наоѓа југозападно од градот. Бери наведе дека „Вилајат јавно изјавила оти како кралицата од Ауд го бара својот кралски имот кој повеќе не постоел, па така една обична неостварена жалба прераснала во епска приказна“.

Нејзиното височество, како што ја нарекувале, се преселила во руинираната палата во 1985 година и ретко давала ексцентрични интервјуа во кои таа и нејзините деца остро ги критикувале неправдите на британската и на индиската влада. Семејството умрело во сиромаштија: Бегум наводно се самоубила во 1990-тите години кога испила отров измешан со дијаманти и бисери во прав. Сакина наводно умрела во 2016 година, а Сајрус, главниот контакт и пријател на Бери, умрел сам, наводно од вирус на денга на крајот од 2017 година.

Бери вели дека „не може на еден достоинствен начин да се открие приказната врз која се засновал целиот нивен живот. Сега откако веќе децата се починати, не може да се дознае дали ја знаеле вистината. Во секој случај, објавувањето на ваквата приказна би била погубна за нив“.

Во потрагата по вистина, Бери открила дека Вилајат всушност била вдовица на чиновникот Инајтула Бат од Лакнау, поранешниот главен град на регионот Ауд. Таа по смртта на сопругот била примена во психијатриската болница во Лахор, а потоа официјално се прогласила за кралица на Ауд. Иако нејзините помали деца ѝ верувале во приказната, најстариот син Шахид Бат заминал за Англија кога бил тинејџер и тајно испраќал пари за да го издржува семејството. Тој починал во домот во Бредфорд на почетокот од овој месец во прегратките на сопругата. Бери вели дека „тие биле толку убедливи и упорни што 40 години никој не се посомневал во нив“.

Превод: Билјана Здравковска