Веќе ништо не ја спречува поранешната плејбој-зајачица да зборува за Трамп

720

Поранешниот модел на магазинот „Плејбој“, Карен Мекдугал, може јавно да зборува за наводната интимна врска со американскиот претседател Доналд Трамп, откако е ослободена од договорот со компанијата „Американ медија“, по постигнување на судска спогодба, пишува „Бизнис Инсајдер“.

„Американ Медија“ се согласи да ја ослободи некогашната „плејбој зајачица“ од договорот, според кој таа тврдеше дека претседателот на компанијата Дејвид Пекер, кој е долгогодишен пријател на Трамп, ја измамил да потпише договор за правата за нејзината приказна, во замена за 150 илјади долари. Но, деталите за наводната афера на Трамп, никогаш не беа објавени.

Мекдугал порача дека судскиот процес наликувал на „диво возење“, како и дека таа не можела да претпостави оти ќе ги продаде правата за нејзината приказна.

– Одиме чекор по чекор. Денеска го играм својот победнички танц – кажа Мекдугал, по постигнувањето на спогодбата, според која „Американ медија“ ќе добие 75 илјади долари од идната заработка од приказната на Мекдугал, и ќе ги задржи правата врз фотографиите кои ги поседува, додека поранешниот модел, ќе ги задржи 150-те илјади долари и ќе може отворено да зборува за наводната врска со Трамп.

Мекдугал веќе зборуваше за наводната афера во интервју за Си-ен-ен, во март. Интимната врска со лидерот на САД, почнала во 2006 година и траела десет месеци, според нејзините тврдења.

Слична тужба за да добие право да ги изнесе деталите од врската со Трамп, претходно поднесе и поранешната порно-ѕвезда Сторми Даниелс.