Канбера – Во Австралија вчера почна едно од најсилните затворања во земјата, бидејќи Владата ги забрани сите собири на отворено, вклучувајќи и свадби, погреби и испорака на храна, за да се запре ширењето на вирусот во државата Јужна Австралија. Фотографиите на социјалните мрежи ги покажуваат празните улици на Аделаида, главниот град на Јужна Австралија. Државата со 1,8 милион жители неодамна забележа 23 нови случаи, по што локалните власти преминаа на ригорозни мерки во насока на спречување на коронавирусот. Целосниот карантин ќе трае шест дена, јави АП.

Вашингтон – САД воведоа нови санкции против Иран, откако државниот секретар Мајк Помпео рече дека чекорите спротивни на претходната политика на администрацијата на Трамп ќе бидат „глупави и опасни“. Санкциите ја погодуваат водечката иранска добротворна организација „Мостазафан“ и околу 160 нејзини филијали за, како што е наведено од Министерството за финансии и Стејт департментот, кршење на човековите права.

Москва – Русија гради брз интернет на Арктикот, пренесува агенцијата „Спутник“. Како што се наведува во текстот, вредноста на проектот е 65 милијарди рубли (околу 700 милиони евра). Според телевизијата РБК, инсталацијата на трансарктичкиот подводен кабел од Мурманск до Владивосток веќе почнала. Проектот се спроведува со поддршка на Министерството за транспорт, Федералната агенција за морски и речен транспорт и компанијата „Росморпорт“.

Берлин – Полицијата во Берлин ги прекина протестите по расправата во Бундестагот за новиот закон за мерки во случај на пандемија поради непочитување на мерките за носење заштитни маски и одржување дистанца. Полицијата на Твитер објави и дека возилата со водени топови биле подготвени во случај демонстрантите да одбијат да се разотидат, а според извештаите на медиумите, полицијата во меѓувреме користела и еден воден топ.