Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека ЕУ мора да се откаже од таканаречениот бекстоп. Тоа е заштитен механизам, кој би значел дека Северна Ирска останува во царинската унија со Британија, ако не се пронајдат други решенија.

Џонсон додал дека смета оти бекстоп е недемократски и дека од него мора да се откаже доколку Европската Унија сака да се постигне договор за брегзит, пренесе „Ројтерс“.

Тој предупреди дека Британија ќе излезе без никаков договор, ако ЕУ не сака да разговара за договор, кој го постигнала поранешната премиерка Тереза Меј. Џонсон исто така истакна дека не сака таканаречен „тврд“ брегзит, но вели дека Британија мора да се подготви и за такво сценарио.

Улогата на бекстоп е да се спречи враќање на цврстите граници меѓу Северна Ирска и Република Ирска, кои се укинати со договорот од 1998 година.