Џени Севил на аукција во „Сотби“ продаде своја слика за 12,4 милиони долари

Сликарката Џени Севил, фасцинирана од човечкото тело, е најскапата жива уметница во светот. Откако во почетокот на октомври сликата „Пропед“ во лондонската куќа „Стоби“ е продадена за 12,4 милиони долари, Британката Џени Севил стана најскапо продадената жена уметник. Сликата од 1992 година, волуменозен седечки женски акт, беше проценета на почетна сцена што е двојно помала под онаа за која се продаде. Инаку, цената што постигна во „Сотби“ не беше ни блиску до сумата добиена за моментално најскапиот уметник Џеф Кунс, чие дело „Балон куче“ во 2013 година се продаде за 58,4 милиони долари.

Во неодамнешното интервју по повод изложбата „Предци“ во галеријата „Гагозијан“, инспирирана од мајчинството и движењето „И јас…“, Севил ја коментираше сѐ уште подредената положба на жените уметници на пазарот.

– Кога почнував пред 25 години, на мојот факултет немаше менторки. Во музеите не можеше да се видат многу женски дела. Можеби можевте да видите жени на пониски кустоски позиции, но денес ги има на водечките. Во таа смисла состојбата е подобра, но цените што женските дела ги постигнуваат и натаму не се ни блиску до оние на нивните машки колеги – истакна Севил.

Таа додава дека нешто полека се менува благодарение на подемот на уметничките советници, меѓу кои има доста жени.

– Уметничката советничка може да го упати колекционерот на делото на некоја уметница, која инаку тој едноставно би ја избегнал. Навистина има многу паметни, способни советнички во светот на уметноста што им помагаат на колекционерите и им го обликуваат вкусот во поширока смисла – вели Севил.

Таа на сцената се појави во 1990-тите, кога Чарлс Сачи одлучи да протурка група млади британски уметници, од кои денес најпознат е Демјан Хирст. Сликата „Пропед“ некогаш била токму во сопственост на Сачи, а на аукцијата дојде како дел од збирката на покојниот колекционер Дејвид Тајгер.

„Пропед“ е класично дело на Џени Севил, уметницата што од своите почетоци слика стилизирани и волуменозни женски, но и машки и трансродови тела, најчесто голи, со едноставна заднина. Поттикот за мотивот за тие, како што често ги опишуваат кабести но неконвенционални актови, го добила на полугодишниот студиски престој во Америка, во Синсинати, Охајо. Таму, како што објасни подоцна, гледала многу крупни и дебели жени, неоптоварени од изгледот, кои ја фасцинирале.

– Ми се допаѓаше приказната за тоа како е да се биде толку голем, приказна што е целата од тела. Не морав да создадам ништо друго освен тело – вели Севил, која често ја споредуваат со славниот Лусијан Фројд.

Уметницата во моментов живее и работи во Оксфорд и има едно ателје за цртање, а друго за сликање. Нејзините дела може да се видат во „Брод арт-фондацијата“ во Лос Анџелес, во музејот „Бруклин“ и во „Метрополитен“ во Њујорк.

Пред Севил, најскапа жива уметница беше Кеди Ноланд, концептуална вајарка, чија скулптура „Блувалд“ во 2015 година беше продадена за 9,7 милиони долари.