Играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски е прогласен за најдобар странски филм на престижниот Лондонски независен филмски фестивал, по претходно добиените шест награди на светски познати филмски фестивали. Во „Дедо и внук“ режисерот Пиперкоски, кој е автор и на сценариото за филмот, раскажува приказна за проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и за обичните човечки приказни и односи меѓу момче и девојка, татко и син и дедо и внук. Актерот Дејан Лилиќ ја толкува главната улога, а настапуваат и: Салаетин Билал, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“ од Романија. Директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимографка е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажер е Данчо Стефков. Филмот е финансиски помогнат од Агенцијата за филм на Македонија.

Лондонскиот независен филмски фестивал е британски филмски фестивал што се одржува секоја година во април. Тој се смета за еден од најреномираните фестивали на сцената, со над 1.000 пријавувања на филмови од повеќе од 50 земји. На него се доделуваат признанија на филмови и сценарија од над 70 земји, во над 20 категории, вклучувајќи играни и кратки филмови, документарци, студентски филмови, анимации, телевизиски реклами, музички видеа и натпревар за сценаристи. „Дедо и внук“ досега ги има добиено наградата за најдобра режија на меѓународниот филмски фестивал „Буда“ и наградата за најдобар филм на Интернационалниот филмски фестивал во Париз, како и две признанија на меѓународно ниво. Две награди има освоено и директорот на фотографијата, Патру Паунеску.