На состанокот помеѓу министерот за култура, Хусни Исмаили, директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, и претседателот на Друштвото на филмски работници, Игор Иванов, се зборувало за ударот што ќе биде нанесен врз македонската филмска индустрија, која набргу ќе се соочи со далекосежни последици за филмските уметници, креативци, филмските работници и целокупниот филмски сектор во земјава.

– Во овие тешки моменти треба да се размислува и за ублажување на огромните последици што ќе ги трпи филмската дејност. На состанокот се дискутираше за предлог-мерки што би требало да се преземат за да се намали ефектот што е предизвикан поради преземените мерки на изолација, кои директно влијаат на целата аудиовизуелна индустрија и резултираат со затворање киносали и откажани или суспендирани снимања во земјата и низ цела Европа, особено поради фактот што оваа индустрија е составена главно од мали компании и технички хонорарни филмски работници, кои ја прават особено кревка во кризата со коронавирусот – велат од Агенцијата за филм.
Оттаму додаваат дека во моментов голем број на земји од Европа и светот се во фаза на преземање мерки за да се овозможи опстанокот на аудиовизуелната индустрија во овие тешки моменти.

– Како општествено одговорни државни институции, порачуваме дека правиме напори и исчекори во некои други начини на креативно дејствување, поддршка и поврзување на авторите, филмските работници и публиката. Во овие моменти треба да се бодриме меѓу себе и со голема радост да ги чекаме моментите кога вратите на културните институции, филмските сетови, киносалите, филмските фестивали повторно ќе бидат отворени и достапни за непосредна комуникација. Во меѓувреме, филмската уметност останува да нѐ крепи и здружува и во овие бурни времиња – се вели во соопштението.